Анализи

Медиумските поддржувачи на унгарската влада страдаат и дома и надвор

Економската криза го зема данокот кај медиумите што се сметаат за блиски до владејачката партија Фидес

Времето на великодушната поддршка на унгарските медиуми што беа сметани за блиски до владејачката партија Фидес се чини дека завршува, бидејќи весници и списанија се затвораат, бројот на вработени се крати, а трошоците се рационализираат во очи растечката економска криза.

„Гледаме тренд на сериозно кратење на трошоците во медиумите блиски до Фидес по изборите во април“, вели за БИРН, Даниел Салај, главен уредник на специјализираниот портал за медиумски прашања, Медиа1.

Има многу примери. Печатените изданија на историските весници, како Маѓар Хирлап или Фигиело беа затворени во јули, а персоналот во регионалните дневници, како Делмаѓар и Залаи Хирлап, кои своевремено беа важни пропагандни алатки на владата, е сведен на минимум.

На други места, Пешти ТВ, телевизија со агресивно десничарска уредувачка политика наменета за помладите гледачи, исто така беше затворена летово. Дури и личниот омилен медиум на премиерот и единствен спортски дневник во земјата, Немзети Спорт, мораше да биде спасуван од државата со три милијарди форинти (7,5 милиони евра) есенва, додека Форфорту, спортскиот магазин што го води омилениот Орбанов новинар Ѓорѓи Шолоси, едноставно престана да работи.

Иако столбовите на владината пропаганда и натаму се цврсти, тешката економска состојба во државата веќе не дозволува да се финансираат несуштински медиуми, велат експертите. „Државата е во неволја“, вели Салај, „што значи дека дури и компаниите блиски до владата мора да го затегнат коланот“.

Но, тоа не значи дека Фидес е подготвена да се откаже од цврстата контрола врз медиумите, туку повеќе дека го менува пристапот. „Изборите во април 2022 докажаа дека масовните кампањи преку социјалните мрежи се доволно моќни, дека нема потреба да се финансираат десетици медиуми со години“, вели за БИРН, Агнеш Урбан, истражувачка на медиуми од Мертек Медиа монитор.

Урбан посочува на десничарскиот пропаганден портал Мегафон, кој агресивно пласираше провладини пораки на социјалните мрежи, најмногу на Фејсбук и на Јутјуб, во голема мера и среде кампањата за априлските парламентарни избори, на кои Фидес убедливо победи.

Мегафон беше основан во 2020 година, како платформа за обука на инфлуенсери што ќе можат да ја шират владината пропаганда и да го засилуваат гласот на тие што покажуваат „национални чувства“ на социјалните мрежи. Сепак, тој набрзина се претвори во  една од главните комуникациски алатки на владата, трошејќи повеќе од милијарда форинти (2,5 милиони евра) само на реклами на Фејсбук.

Иако Иштван Ковач, основачот на Мегафон и стратешки директор на провладиниот Центар за фундаментални права, негира дека Мегафон некогаш добил пари од државата, независниот информативен сервис Телекс откри дека тој индиректно се финансира од кабинетот на Антал Роган, што пејоративно се нарекува владино Министерство за пропаганда, а парите се извлекуваат преку граѓанска фондација.

„Инвестирањето 2-3 милијарди форинти во бизниси како Мегафон е сосема доволно за да се добијат избори“, смета Урбан.

Таа предвидува дека печатените весници од сите сфери и натаму ќе се затвораат бидејќи тоа е глобален тренд, но Фидес ќе го засили финансирањето на телевизиите и на радијата, како и на рекламите на социјалните мрежи. „Но, очигледно е дека на владата ѝ недостигаат пари да финансира несуштински ‘пријателски бизниси’“, додава таа.

Повторно во рововите

Десничарските инфлуенсери од Мегафон ја слават победата на Фидес | Фото: Мегафон, Фејсбук

Трендот на кратење трошоци во медиумите е очигледен и надвор од границите на Унгарија.

Од 2017, бизнисмени блиски до Орбан и до неговата партија Фидес поседуваат медиуми во Словенија и во Северна Македонија. Фидес, исто така, се обидуваше да влијае кај унгарските малцински заедници во Србија, Романија и во Словачка преку финансиска поддршка со која медиумските содржини кај нив се доведуваа во склад со Орбановите популистички наративи. А во 2019, нова меѓународна информативна агенција беше основана во Лондон, В4НА, за да го шири наративот на Фидес преку целиот европски медиумски пејзаж.

Сепак, многу од овие проекти сега, или стојат во место, или се повлекуваат.

Во романскиот регион Трансилванија, дом на најголемото етничко унгарско малцинство во Европа, новинарите биле соочени со големи кратења на нивното финансирање од Будимпешта. Како што извести Транстелекс, сите унгарски дневни весници престанале да постојат по 1 јануари, а две третини од новинарите во овие локални изданија биле отпуштени.

Од 2017, Унгарија испумпа повеќе од 20 милиони евра за да ги финансира медиумите на унгарски јазик во Трансилванија, што е нерационално висока сума, која поттикна сомневања за нејзината целисходност. Локалната критичка новинарка Борока Параска директно ја нарече медиумската поддршка од Будимпешта „перење пари“ и ширење пропаганда, но истовремено го гледа затворањето на традиционалните весници како предавство на целата унгарска заедница во Романија.

Се смета дека унгарските медиуми во Трансилванија се помалку поларизирани од тие во Унгарија – антимигрантски или антисоросови слогани генерално нема – но, од друга страна, традиционално се воздржуваат од известување за големи скандали или од повикување унгарски политичари на одговорност. Сепак, да се има сопствен печат беше важен дел од зачувувањето на националниот идентитет на етничкото унгарско малцинство, како и признание на неговата важност од владата во Будимпешта.

Унгарската влада негира дека кратењето на трошоците во Трансилванија е поврзано со тешките економски проблеми дома, што вклучуваат инфлација од 22 отсто во октомври, пад на вредноста на форинтот во однос на еврото за 13 проценти во 2022 година и намалување на прогнозите за раст на бруто-домашниот производ од ММФ за 2023 на 1,8 отсто.

„Промените во унгарските медиуми во Трансилванија се поради промена на навиките на потрошувачите“, тврдат од канцеларијата на премиерот за БИРН. „По пандемијата со ковид-19, улогата на онлајн-медиумите значително се зацврсти, во споредба со печатените и со телевизиите, и во Унгарија, и надвор од нејзините граници. Наместо печатените медиуми, онлајн-медиумите го преземаат водството“.

Владата, исто така, подвлече дека нејзината политика да го поддржува унгарското малцинство во сите соседни држави останува приоритет и не е предвидено никакво кратење на финансиите. „Основата на нашата политика е континуитетот и предвидливоста, па ќе ги продолжиме и во иднина сите национални програми што се почнати“, напиша прес-офицерот на унгарскиот премиер.

Но, други набљудувачи откриваат поинаква слика. „Златните времиња завршија во 2021, кога паричните трансфери од Унгарија во Трансилванија паднаа на една четвртина, а во 2022 и повеќе“, вели за БИРН, Золтан Сипос, основачот на романскиот истражувачки портал Атласо.

Фондот Бетлен Габор, кој раководи со образовната, културната и со медиумската поддршка надвор од унгарските граници, имаше 365 милиони евра за финансирање во 2020 година, но само 91,5 милиони евра во 2021, напиша Атласо. Тоа го врати финансирањето на нивото од 2015, долго време пред владата на Фидес да почне да истура пари во соседните држави со големи унгарски заедници.

Предупредувачки знак дека доаѓаат тешки времиња беше и тоа што Реформираната црква на Романија, клучен сојузник на Орбановата Фидес, како и Универзитетот Сапиенција, јадрото на високото образование на унгарски јазик во Романија, не добија финансирање во 2021.

Медиумите на унгарски јазик во Романија повторно добија необична инјекција од две милијарди форинти (пет милиони евра) во последен момент, токму пред парламентарните избори во април, што за многумина го прави неразбирливо наглото затворање на печатените медиуми.

„Унгарската влада сакаше да ги осигури гласовите на унгарското малцинство, иако Фидес и онака има силна поддршка кај електоратот овде. Или, повеќе би рекол, Виктор Орбан е обожуван и е доживуван како Исус Христос суперѕвездата во Трансилванија“, објаснува Сипос.

Малку е веројатно дека запирањето на текот на парите ќе ги смени про-Фидесовите ставови на многу Унгарци што живеат надвор од унгарските граници, кои и онака сѐ уште имаат пристап до главните пропагандни канали на Фидесовата влада – јавниот сервис, унгарската телевизија и радио. Но, парадоксално е што новата економска реалност може да помогне да се создаде малку послободен јавен дискурс во овие области, велат експертите.

„Во малите населби, кои добиваат многу пари од Унгарија, луѓето беа исплашени дека ќе ги изгубат тие фондови ако искажат некои критики кон локалните лидери на етничката унгарска партија во Романија. Затоа една од последиците може да биде послободна атмосфера“, предвидува Сипос.

Гласот на Војводина

Српскиот претседател Вучиќ го пречекува унгарскиот премиер Орбан во 2022 | Фото: Александар Вучиќ, Фејсбук

Српскиот регион Војводина, дом на 250 илјади етнички Унгарци, е уште едно место каде што Фидес масовно инвестираше во последните 12 години. Тука локалната унгарска партија, Алијансата на војводинските Унгарци (ВМСЗ) ги присвои пропагандните методи на Фидес и игра голема улога во распределбата на парите што доаѓаат од Унгарија.

Унгарската влада истури околу четврт милијарда евра во Војводина на разни развојни проекти, вклучувајќи и фудбалска академија и боречки центар, како и на реновирање цркви, училишта и детски градинки.

„Голем дел од тоа е работа на српската држава, која беше среќна дека тоа се прави со унгарски пари“ вели за БИРН, Цаба Пресбургер, автор на информативниот сајт Автономија, кој се финансира од публиката.

Големиот прилив на пари од Унгарија помогнал да се создаде мрежа од лојални олигарси на Орбан во Војводина, слично на унгарскиот модел. Поголемиот дел од тие пари беше протнат низ Фондацијата Просперитати, унгарска организација за регионален развој во Војводина. Дел биле доделени како неповратни грантови, а други како кредити со ниски камати. Но, парите одеднаш престанаа да доаѓаат во 2021 година. „Само ветувања има, нема пари од 2021 година“, вели Пресбургер.

Кратењата сѐ уште не ги погодиле локалните медиуми, кои, согласно српскиот Устав, делумно се финансираат од српскиот буџет. Медиумите на унгарски јазик во Војводина беа финансирани со дополнителни 12 милиони евра од Будимпешта во последните 10 години, откри Центарот за истражувачко новинарство во Србија.

Дневниот весник Маѓар Со и неделникот ХетНап имаат сигурно финансирање од буџетот на автономната покраина Војводина, иако публиката им е толку намалена, што веќе не си го откриваат ниту тиражот. Радио-телевизија Панон, која се состои од ТВ-канал, две радиостаници и интернет-портал, сите на унгарски јазик, е поинаква приказна.

Како клучна пропагандна алатка на ВСМЗ, РТВ Панон покрива 67 проценти од својот буџет од Унгарија. Нејзиниот директор Иштван Бодсони веќе предупредил на сериозните тешкотии што се очекуваат. „2023 година може да биде првата кога нема да можеме да зборуваме за никаков развој, туку само за одржување и зачувување на тоа што го имаме“, рече тој во октомври, но не исклучи значително кратење на трошоците.

Но, РТВ Панон сѐ уште може да смета на блиска соработка со унгарскиот јавен сервис, ако се има предвид нејзината улога на редовен снабдувач со антимигрантски приказни од границата, како и на ласкави приказни за претседателот на државата и сојузник на Орбан, Александар Вучиќ.

Сепак, новите унгарски медиумски инвестиции се во застој. Унгарската ТВ2, втората најголема провладина приватна телевизија во земјата, есенва реши да не бара нова лиценца за емитување програма во Србија. Претходно во јуни, во случај што привлече многу внимание, ТВ2 не успеа да добие дигитална радиодифузна лиценца, кога пет терестријални лиценци беа понудени во Србија, иако управата оптимистички уверуваше дека имаат шанси.

Миклош Васили, претседателот на ТВ2, во интервју, во јуни рече дека неговата станица има „стратешки интерес да се прошири во јадранскиот и во балканскиот регион“. Но, и покрај изразената решителност во летото, ТВ2 не се ни пријави на новиот повик есента.

Аналитичарите се сомневаат дека ТВ2 се откажала од своите српски амбиции. „Не мислам дека целосно ги оставиле, туку дека само купуваат време. Ако унгарската влада конечно ги добие фондовите од ЕУ, тогаш ќе најде начин како да купи нешто“, вели Салај од Медиа1, укажувајќи на одлуката на Европската комисија да замрзне 6,3 милијарди евра од буџетот на ЕУ за Унгарија поради недостатоците во владеењето на правото.

Словенија, исто така, стана понепријателска територија за инвеститори блиски до унгарската влада откако Орбановиот сојузник Јанез Јанша ја загуби власта по изборите во 2022 година. Иако ТВ2 сѐ уште ја контролира својата словенечка инвестиција Планет ТВ, купена во 2020 година со помош на тогашниот премиер Јанша, другите се повлекуваат.

Речиси веднаш по изборите што се одржаа и во Словенија, и во Унгарија во април, про-Орбановите инвеститори Питер Шац и Агнеш Адамик ги продадоа своите акции во словенечкиот неделник Демокрација и во телевизијата Нова24 на Борис Томашиќ, член на десничарската партија на Јанша, Словенечката демократска партија.

Амбициозните планови да се спојат Планет ТВ и Нова24 ТВ беа напуштени, а брзиот излез на двајцата инвеститори можеби беше поттикнат од можноста словенечкиот парламент да го истражува финансирањето на политичките партии од медиумите од 2020 година наваму.

Без изненадувања во Северна Македонија

Орбан и Груевски на самит на ЕПП

Спротивно на тоа, инвестициите на Шац и на Адамик во Северна Македонија, кои се вртат околу медиуми блиски до уште еден сојузник на Орбан, поранешниот премиер Никола Груевски и неговата конзервативна партија ВМРО-ДПМНЕ, се чини дека сѐ уште не се погодени од тековното реструктуирање што доаѓа од Унгарија. Според податоците од Централниот регистар на Северна Македонија, нивната сопственичка структура останала непроменета.

Додека Груевски ужива азил во Унгарија од 2018, откако тој и неговата партија беа отстранети од власта во средината на 2017, унгарското преземање на неговите медиумски засилувачи, не само што овозможи тие финансиски да опстојат, туку и да продолжат да шират скептицизам за напорите на државата да се зачлени во ЕУ, обвинувања за предавства против актуелната социјалдемократска влада, како и стравови од имиграција.

Интернет-порталите поддржани со унгарски капитал се поврзани во три компании – Ем Медиа, Прва Република и ЛД Прес Медиа. Сите три се во мнозинска сопственост на компанијата Адинамик Медиа, основана во септември 2017 година и целосно поседувана од Агнеш Адамик (Ковач).

Ем Медиа ги поседува порталите Курир, Денешен и Вистина, како и магазините Економски и Здравство. Прва Република ги има сајтовите Република и Пресинг ТВ, онлајн-телевизија. ЛД Прес Медиа го објавува порталот Нетпрес.

Порталот Лидер, исто така, порано припаѓаше на Ем Медиа, но подоцна беше откупен од неговиот уредник, новинарот Љупчо Златев.

Унгарски интерес има и кај приватната телевизија Алфа. Преку четири компании, Шац е нејзин мнозински сопственик.

Без оглед на примерот со Северна Македонија, Салај од Медиа1 смета дека Фидес сега повеќе ќе се концентрира на унгарскиот пазар, а соседните држави ќе бидат од второстепено значење. Но, провладиниот медиумски модел на создавање непријатели за да се привлече поддршка ќе остане ист, само со помалку пари.

Сепак, финансирањето на медиумите ќе остане суштинско во обидите на Орбан да остане на власт и да го прошири своето влијание надвор, само каналите се менуваат.

Едит Инотаи