Меѓу стоте најпопуларни вести што ги објавиле македонските медиуми на своите фејсбук-страници во изминативе две недели, може да се најдат одвај пет-шест што не се однесуваат на францускиот предлог за преговарачка рамка на Македонија со Европската унија и на протестите против неговото прифаќање.
Со интернет-алатки за следење на реакциите на фејсбук-корисниците (допаѓања, коментари, споделувања) на разни објави на оваа социјална мрежа, БИРН ги анализираше официјалните фејсбук-страници на четириесетина медиуми. Станува збор за најпопуларните телевизии, радија, весници и информативни портали од македонскиот медиумски простор, односно оние што имаат најголеми бази на читатели на социјалната мрежа.
Податоците покажуваат дека од 2 јули, кога почнаа протестите, во однос на претходниот период, двојно се зголемил интересот за следење на информативните содржини на интернет, како и желбата да се реагира на нив.
Вкупниот број реакции на објавите на сите медиумски-фејсбук страници што ги анализиравме во изминатите две недели изнесува 2,5 милиони. За споредба, во изминатите месеци, во еден просечен двонеделен интервал, тие добивале од 1,2 до 1,5 милиони реакции.
Притоа, вниманието на онлајн-публиката е речиси исклучиво насочено кон содржините поврзани со францускиот предлог- најавите, реакциите, протестите, изјавите од разни функционери итн. Меѓу темите што успеаја да се пробијат низ шумата од информации за актуелните случувања беа потрагата по загубените момчиња од Македонија во морето кај Халкидики во Грција, како и победата на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ на турнирот Вимблдон во Лондон.
Со остатокот од македонскиот медиумски фејсбук-простор доминираа ЕУ, „бугаризацијата“, протестите, ескалацијата итн.
Што се чита и на што се реагира
Преносите во живо од народните собири беа особено популарни. Околу половина од првите сто објави според бројот на реакции беа т.н. „лајвови“ и „стримови“ што ги правеа различни медиуми, најчесто преку мобилни телефони.
Бидејќи кај видео содржините може да се види и бројот на прегледи, овие податоци покажуваа дека колку што имало луѓе на улиците, барем толку, а често и повеќе, ги гледале на своите електронски уреди. Десетици илјади пара очи преку камерите ги следеле демонстрантите во чекор, а илјадници од нив изразиле поддршка со допаѓање или со позитивни коментари.
Извадоци од говорите на оние што се обраќаа на протестите исто така го привлекуваа вниманието на фејсбук-публиката. Ако се суди според бројот на лајковите, најпопуларна говорничка досега беше пејачката Ребека Јанковска Ристески, која на четвртиот ден од протестите зборуваше за „мажиња во црни костумчиња, предавници“.
Голем број претставници на меѓународната заедница, од амбасадори во земјава до функционери на ЕУ, на нејзините земји-членки, како и на САД, деновиве преку писма или видео обраќања порачуваа дека треба да се прифати преговарачката рамка што е на маса денес. Медиумите уредно известуваа за овие пораки и ги пренесуваа на своите фејсбук-страници, но тие никаде не може да се најдат меѓу стотината содржини што добиле најмногу реакции.
Публиката многу повеќе била заинтересирана за тоа што на тоа одговориле локалните патриотски интелектуалци, како на пример професорката Наташа Котлар. Нејзините директни обраќања до американската амбасадорка Кејт Брнз, германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лајен и до други добија поддршка од по неколку илјади фејсбук-профили.
Прегледот на најпопуларните содржини покажува и дека кај публиката има интерес за информации и мислења според кои францускиот предлог можеби не е конечно решение или „најдоброто што може да се добие. Така, илјадници позитивни реакции добиле вестите за изјавата на чешката аналитичарка Јана Јузова, која рече дека нејзината земја и повеќе други членки на ЕУ не биле задоволни од предлогот и дека за него Франција се консултирала само со Бугарија, а не и со нив. Подоцна ова беше демантирано, но на Фејсбук се уште собира лајкови.
Големиот раст на мал лево ориентиран портал
Вкупно 109 илјади луѓе го виделе, а речиси 10 илјади реагирале на видео-преносот во живо од првиот ден на протестите што го објави порталот Антропол. Според тоа, ова е содржината со најголема гледаност и поддршка од сите објави на медиумските фејсбук-страници од 2 јули до денес.
Антропол, како портал тесно поврзан со партијата Левица, која е еден од организаторите на јавните собири против францускиот предлог, има драстично зголемување на својата популарност на Фејсбук откога тие почнаа.
Во двете недели до 2 јули, содржините што ги објавил Антропол на својата официјална фејсбук-страница добиле вкупно 23 илјади реакции. Тоа е во рамките на двонеделниот просек што порталот го имал во април, мај и јуни. Претходно во февруари и март имаше повеќе (до 50 илјади), кога пренесуваше информации за руската инвазија врз Украина, речиси исклучиво од проруска перспектива. Тогаш, всушност, порталот доби поголема видливост на интернет-просторот. Пред една година, на пример, без руско-украинска војна и без турбуленции во Македонија како сегашните, просечно за две недели добивал од четири до девет илјади реакции.
Од почетокот на протестите до денес, објавите на фејсбук-страницата на Антропол добиле над 125 илјади допаѓања и по неколку илјади коментари и споделувања. Пет пати повеќе од претходните месеци и дваесетина пати повеќе од лани. Раст што не е забележан кај ниту еден друг медиум, и покрај значителното зголемување на интересот за следење вести преку социјалните мрежи.