Дванаесет нови жолти канти, со ознаки за рециклирање. Зад нив – десетина луѓе со подигнати тупаници, како знак за подготвеност да се влезе во борба со скопското ѓубре.
Сцената на фотографијата на социјалната мрежа Фејсбук ја сподели првиот човек на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој со својата екипа се вклучи во помпезната акција за чистење на главниот град, која на 6 ноември ја организираше новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Но, оваа фотографија отвора поголема приказна за опрема, за селекција вредна милион и пол евра, која, наместо да го унапреди управувањето со отпадот, заврши, или на улиците каде што служи за собирање мешано ѓубре, или во депоата на локалните власти.
Кога во 2021 година, цената на пластичните кеси во продавниците и во супермаркетите се зголеми од 1 до 2 на 15 денари, беше најавено дека првичната цел на таа одлука е да се обесхрабри нивната употреба, а дел од парите што ќе се соберат од продажбата, како еколошка такса, да се вложат во проекти за унапредување на животната средина.
Минатата година, Министерството за животна средина, раководено од Каја Шукова, со еден и пол милион евра од тие пари, купи канти и контејнери за отпад од материјали што се рециклираат, како хартија, пластика и стакло.
Целта, како што вели Шукова, била да се поттикнат општините да воспостават процес на рециклирање.
Од битолската фирма „Синпекс“ беа набавени 30.018 канти и 3.016 контејнери, кои пред една година им беа поделени на сите општини, според бројот на жители.

Градоначалниците сами и често без план решаваат како ќе ја користат опремата | Фото: БИРН
За дизајнот на контејнерите имало препораки уште пред да се набават – да не бидат исти како и за обичен смет. Но, советот не бил послушан, па пластичните контејнери денес речиси никаде не се употребуваат како што било замислено. Некои општини со нив едноставно си ги замениле старите контејнери за мешан отпад.
Кантите, пак, биле предвидени да се поделат по домаќинства и да се користат. Но, тоа би значело дека општините треба да воведат функционален систем за рециклирање и да ги едуцираат граѓаните како да го селектираат отпадот. Повеќето градоначалници не го прават тоа, со различни образложенија. Тие, од скопските општини, на пример, се правдаат дека не можат да организираат таков систем без да го вклучат јавното претпријатие „Комунална хигиена“, како единствено надлежно за собирање отпад во главниот град.
Така, мешаното ѓубре, заедно со употребливите материјали, како пластиката, хартијата, алуминиумот и други, и натаму се натрупува на десетиците градски депонии што работат без никакви стандарди или на стотиците диви ѓубришта. Таму, пак, не се знае кога овој отпад ќе биде запален и ќе го загади воздухот или кога дождот ќе ја однесе пластиката во реките, и граѓаните ќе бидат запрепастени од глетките во своите градови.
Непрактичен дизајн

Контејнерите во голем број општини останаа во депоата | Фото: БИРН
Првата аномалија на проектот „Комунална опрема за рециклирање“ доаѓа уште со дизајнот на контејнерите. Тие по изгледот се слични на оние за обично ѓубре, имаат ист капак, иста форма, само се со различна боја – сина и жолта.
Капакот лесно се отвора, што овозможува граѓаните да фрлаат секакво ѓубре во нив.
Од „Пакомак“, најголемиот колективен постапувач за отпад од пакување во државата, реагирале за дизајнот. Тие веднаш ја поздравиле идејата, парите од пластичните кеси да се инвестираат назад во справувањето со отпадот, но уште пред набавката предупредиле дека треба да се набават т.н. „игло-контејнери“ – со мал отвор што спречува внесување мешан отпад.
Но, Министерството не го прифатило советот.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев објаснува дека откако ги поставиле новите контејнери добиени од државата, веднаш воочиле дека граѓаните ги користат како и обичните.
Поради тоа, општината направила свои, специјално дизајнирани контејнери со решетки, во кои не може да се фрла мешан отпад.
Донацијата од Министерството, пак, ја пренамениле за комунален отпад. Кантите ги поделиле и граѓаните рециклираат во нив, а отпадот го собира колективен постапувач (фирма што го собира селектираниот отпад) со кој имаат склучено договор.
Но, додека некои градоначалници се обиделе да ја стават новата опрема во функција на рециклирање, повеќето ги користат дизајнот, но и нефункционалниот систем за собирање отпад како оправдување зошто во нивните општини не се селектира отпад, а вината ја префрлаат на државата.
Шукова денес одговорноста ја префрла на самите општини. Таа, за БИРН, вели дека тие требало да воспостават систем, да спроведат едукација и да внимаваат на користењето.
Комплициран систем за рециклирање како изговор

Малку градоначалници работат на заживување на рециклирањето| Фото: ФБ на Бобан Стефковски
Да се направи систем за собирање отпад воопшто не е едноставно. Одамна е планирано во земјава да има пет регионални депонии, кои ќе служат како рециклажни центри, а граѓаните ќе го одвојуваат отпадот уште од дома.
Бидејќи овој голем проект е заглавен на многу места, на градоначалниците им останува опцијата да поделат канти и контејнери за селекција и да склучат договор со колективен постапувач да го зема она што е за рециклирање, а на градските ѓубришта да се носи само комуналниот отпад.
Општините треба да го организираат собирањето на отпадот на својата територија, но и да ги научат граѓаните што и каде треба да фрлаат. Ако стаклото, пластиката и хартијата се фрлаат во одвоени канти, колективниот постапувач го зема отпадот и одлучува што понатаму со него. Во македонскиот случај, тие материјали најчесто се извезуваат зашто капацитети за преработување во државава нема.
Тоа значи дека обврска на општините е да имаат посебни канти за собирање, какви што им даде државата, и фирма што ќе го собира материјалот за рециклирање.
Иако формално, на хартија, повеќето општини го имаат испочитувано законот и имаат склучено договори со колективен постапувач, во пракса тоа не се спроведува, па во „Пакомак“ велат ретко од каде добиваат селектиран отпад.
Некои од градоначалниците за тоа ја обвинуваат државата. Првиот човек на Крива Паланка, Сашко Митовски вели дека системот не може да профункционира во неговиот град зашто се доцни со регионалната депонија во Мечкуевци, Светиниколско, која треба да има претоварна станица во Ранковце. Тој тврди дека без регионалната депонија им се врзани рацете.
Ѓубрето што ќе го соберат нема каде да го одвојат, па не може и да ги постават кантите и контејнерите, вели Митовски за БИРН.
Затоа тој одлучил веднаш да ги распредели за собирање комунален отпад и со тоа да ја обнови опремата, која им била стара.
„Во моментов се неприменливи за селектирање отпад. Не се поставени работите како што треба и сѐ беше направено наопаку“, вели Митевски за БИРН.
Врзаниот скопски систем

Скопските градоначалници не може да ја користат опремата без одобрение од Комунална хигиена | Фото: БИРН
Во Скопје, пак, ситуацијата дополнително ја комплицира улогата на Комунална хигиена, која на градоначалниците им овозможува идејата за рециклирање да ја користат само за рекламни цели.
Бидејќи за отпадот во главниот град, одговорноста е на ЈП „Комунална хигиена“, со кое раководи Град Скопје, општините, иако ги добиле кантите и контејнерите, не можеле самостојно да ги постават без да добијат одобрение од тоа претпријатие. Поради политичките односи меѓу градот и општините во претходниот мандат на локалната самоуправа, тешко се одвиваше каква било соработка, вклучително и за оваа тема.
Градоначалникот на Аеродром, Дејан Митевски тврди дека се обиделе да се договорат со јавното претпријатие, но дека од таму не наишле на разбирање.
Во меѓувреме, и во неговата општина, како и во другите скопски, на пример во Центар, донацијата од Министерството за животна средина стоеше во магацини, сѐ до предизборниот период кога сите се вклучија во акциите за чистење на затрупаниот град, па ја извадија новата комунална опрема.
На некои места, тие контејнери сѐ уште може да се видат и во нив се фрла секакво ѓубре наместо селектиран отпад.
Мал напредок од пред месец и половина има во Гази Баба. Преку проект со невладина организација, тие поделиле 53 канти од донацијата на Министерството во домаќинствата, во селото Стајковци и по три собирања на сметот се презадоволни. Колективниот постапувач со кој тие имаат склучено договор, досега од нив подигнал 175 килограми пластика.

