„Ранковце опен“ се одржа само еднаш. Аматерскиот тениски турнир во 2018 година, со учесници од Македонија и од Бугарија е единствениот поважен настан што се случил на двојното тениско игралиште во ова село и општински центар, направено во 2012 година за повеќе од 100 илјади евра. Теренот и инсталациите на него се одлично зачувани, бидејќи во најголемиот дел од времето тој не е „опен“, на неговата порта стои – катанец. Се чини ќе стои подолго време.
„Партнерот со кого го организиравме турнирот се исели во Англија и јас не можам сам да продолжам“, вели Игор Петровски, тениски ентузијаст и еден од организаторите на аматерскиот турнир.
И додека седеле празни терените во Ранковце, генерации ученици од основното училиште „Вера Јоциќ“ во скопската населба Хиподром за сето тоа време чекаа и не дочекаа да добијат фискултурна сала, една од 145-те од владиниот проект што почна да се спроведува во 2009 година. Ја добија кога најмалку им е потребна, на почетокот од сегашната учебна година, кога најголемиот дел од нив ги изведуваат вежбите по физичко воспитување дома пред веб-камерите, како дел од онлајн-наставата.
Околу сто милиони евра чини државното вложување во спортски објекти во изминатата деценија, во големи проекти, како 35 спортски сали, па 145 училишни спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 100 мултифункционални игралишта (мал фудбал, ракомет, кошарка), 100 тениски игралишта итн.
Во светот на големите пари во спортот толку чини еден фудбалер во врвните европски лиги или еден кошаркар во американската НБА-лига. Но, за држава со буџетски можности послаби и од „сиромашните“ членови на овие друштва, тоа е голема инвестиција, која ако не даде резултати, би била ненадоместлива загуба.
Какви се резултатите? Проектите за масовно градење спортски објекти што ги спроведуваше Агенцијата за млади и спорт (тениски, фудбалски и повеќефункционални игралишта) се одамна завршени, па некои се распаѓаат, други се чуваат заклучени, а трети се дадени несоодветно под концесија на приватни фирми. Проектот за фискултурни сали е половично спроведен, петпати пролонгиран и наместо три, ќе трае најмалку 15 години.
Или – државата брзо и ефикасно го изгради тоа што не беше потребно, а се влечка со тоа што е неопходно.
Како три години станаа петнаесет
Додека терените во Ранковце стоеја празни и заклучени, на учениците од „Вера Јоциќ“ во изминатите години, кои го завршија основното образование чекајќи сала, им остана само да вежбаат во училишниот хол за приредби.
Старите простории на „Вера Јоциќ“ веќе не се користат откако минатата година се комплетираше новата училишна зграда. Претходно децата учеа во помал и делумно опожарен комплекс. Холот што со години служел како замена за сала е затрупан со ѓубре. Сѐ уште стои бината, понекое столче и искршено стакло. На стотина метри чека новата сала, во која допрва треба да стапнат првите детски нозе.
Руинираните објекти наскоро ќе се урнат за тука да се направат јавни спортски терени. Одеднаш училиштето што ја импровизираше наставата по физичко е опкружено со спортски објекти. Но, на тоа долго се чекаше.
„Најмалку десет години ја чекавме салата, а се изгради за помалку од една година. Условите се специфични годинава, но секако ќе им биде од корист на новите генерации“, вели директорот Јане Тасев.
Училиштето отворено во 1975 година порано имало сала, но таа била затворена поради несоодветни услови. Оттогаш сонувале за нова, но очекувањата им станале реални од 2006, кога првпат се најави проектот во владина програма – 30 сали за средните и 115 за основните училишта.
Критериумот бил да се гради таму каде што нема таков објект, а има доволно ученици. Со други зборови, проектот подразбирал обезбедување основни услови што секое училиште мора да ги има за да изведува настава.
Се направиле две физибилити студии во 2007 и во 2010 година, а се зеле и два кредита од 12,5 милиони евра во 2008 и од 30 милиони во 2011 година за финансирање на овој мегапроект. Плус се предвиделе уште 18 милиони евра буџетско учество. Со тоа буџетот на проектот бил определен на 60 милиони евра.
На 18 март 2009 година се потпишал договор со „Гранит“ и од тогаш почнува бавната изведба на „30 сали за средните и 115 за основните училишта“. Со пет анекси, рокот за изградба е продолжуван од 36 на 60 месеци, па за уште 48 и 72 месеци. По договорот во 2009 година, анекси се потпишуваат во 2010, 2014, двапати во 2018 за со последниот, склучен во 2019 година, да се предвиди крај на градежните работи во 2024 година. Вкупно тоа значи зголемување на рокот од првичните 36 на 188 месеци, или петпати повеќе од предвиденото.
Околу сто милиони евра чини државното вложување во спортски објекти во изминатата деценија
Извештајот на Државниот завод за ревизија за успешноста на овој проект, објавен во 2019 година, покажува дека до таа година биле изградени и предадени во употреба 76 сали, 14 биле во изградба, а 12 биле почнати таа година. Проектот бил комплетиран само 52 отсто. Според ревизорите, постои ризик од понатамошно одолжување. Тие не можеле ниту да ја оценат успешноста бидејќи половина сали не се изградени и не се користат.
Податоците по години, пак, покажуваат дека во првичниот рок до 2012 година биле комплетирани одвај 18 отсто од објектите. Ниту една сала не била изградена за онолку време колку што било предвидено.
Идентификувани се повеќе проблеми што придонеле за бавната реализација на овој проект, кој многу училишта го очекувале со нетрпение. Ревизорите забележале дека Министерството за образование, како носител на проектот, недоволно ја следело неговата изведба, Министерството за финансии не обезбедувало доволно пари за повеќегодишното финансирање на работите, а координативното тело формирано за да ги следи активностите никогаш не профункционирало.
Од Министерството за образование велат дека во моментов се готови 84 сали, шест се во изградба, а уште 55 останува да се доградат.
„Отпочнувањето ќе зависи од обезбедувањето одобренија за градба од општините и од теренската анализа“, рекоа од Министерството за БИРН.
Токму теренските услови биле причина за бавната реализација, вели оперативниот директор на фирмата-изведувач „Гранит“, Андреја Серафимовски. Според него, не само што сегашниот рок до 2024 година е доволен за да се доградат 55 сали, туку реален бил и првиот рок од три години, ако теренот бил чист.
„Договорот го потпишавме на 18 март 2009. Салите се прават според готови проекти и прецизни димензии. Често се соочувавме на предвидените локации да нема доволно простор, или некое парче земја да е приватизирано, или да има други теренски проблеми. Да не беше сето тоа, одамна ќе ги направевме салите“, вели Серафимовски.
Од друга страна, во ревизорскиот извештај пишува дека изведувачот не бил доволно подготвен за да го спроведе проектот. Често немал доволно работници и опрема на градилиштата и ги префрлал на други проекти каде што работел (меѓу другото, градеше автопати во Македонија и во Босна), а никогаш не го активирал ниту целиот стручен и технички кадар на кој се обврзал со тендерската документација. Особено до големи застои доаѓало поради некоординираност меѓу бетонските и челичните работи.
Серафимовски одговара дека тоа е извадено од контекст и дека не можеле тие да чуваат работници и опрема на градилиштата каде што нема услови за работа. Според него, само државата е одговорна за застојот.
„Ќе ви кажам еден пример. Еден од нашите подизведувачи што работеше на челичните компоненти се задолжи и направи погон, очекувајќи дека за три години ќе прави делови за 145 сали. Кога не се исполни тоа, компанијата западна во проблеми“, рече тој.
Надвор од проблемите со бавната изведба, досега во јавноста немало сериозни индиции за несоодветно користење на спортските сали, таму каде што се изградени и се ставени во употреба.
Тие се раководени од училиштата, служат за нивна настава и се издаваат со термини на спортски клубови и се одржуваат од училишните служби. Децата што досега имале среќа да добијат сала, забележале значително подобрување во квалитетот на наставата по физичко образование.
Терен има, клуб нема
Сосема спротивна е состојбата со објектите за масовно спортување, проекти чиј носител беше Агенцијата за млади и спорт. Таму се забележани случаи на масовно уништување, масовно заклучување за да се спречи уништувањето, масовно издавање, но многу ретко масовно користење од локалното население преку соодветно управување од општините, во чија сопственост преминаа овие капацитети откако Агенцијата ги изгради.
Развојот на масовниот спорт и на рекреативните активности е една од законските надлежности на општините. Сепак, ретки се примерите на успешност на ова поле. Успешна е Општина Илинден, која, откако ги добила објектите, формирала посебен оддел во локалното јавно претпријатие за нивно управување и одржување. Терените таму се зачувани и ги користат клубови, спортски школи, но и граѓаните во бесплатни термини.
Сто тениски игралишта во земја во која нема професор по тенис во високообразовните установи за физичка култура
Општина како Илинден, со речиси 20 илјади жители во непосредната околина на Скопје, секако има подобри услови, посилни капацитети и поголеми потреби за развој на спортот отколку општина како Ранковце, со одвај четири илјади луѓе, од кои една четвртина живее во општинскиот центар, а другите се распрскани низ дваесетина планински села.
Но, и селото Ранковце доби спортски терени. Не само заклучените тениски, туку и фудбалско игралиште со стандардни димензии и со трибини за 500 гледачи, отворено во 2009 година и именувано по Драган Богдановски, основачот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи и тој потекнувал од североистокот на Македонија.
Освен за детски фудбалски школи пред пет години и за повремени училишни натпревари на дел од теренот, игралиштето не се користи за фудбал. Стариот фудбалски клуб Пожарникар од Ранковце згаснал во средината на 1990-тите, долго пред да биде отворен новиот терен.
Како и на многу други места, трибините се распаднати. Металните конструкции се ’рѓосани, вклучувајќи ги и стативите, тревникот е нерамен и има понекој искршен прозорец на помошната просторија.
На празниот терен нѐ пречека општинскиот работник задолжен за одржување спортски објекти. Средовечен човек со кутија алати, ја поправаше заштитната мрежа поставена зад голот, наменета да спречи топките да излетаат далеку од теренот.
„Уште да има кој да шутира топки“, ни рече тој.
Сам се обидува да ги одржи игралиштата во добра состојба, што е полесно со тениското (му треба само клуч) отколку со фудбалското. Дел од штиците на трибините биле украдени, а другите скапале од влага. Нема услови за публика, но нема ни публика, селото се празни, како и многу други рурални краишта во земјава.
Градоначалникот на Општината, Ивица Тошевски сака да формира фудбалски клуб и да го стави теренот во функција, но вели дека општината има многу проблеми, одвај ја одблокирале сметката, па тој план ќе почека.
„Штета е да пропаѓаат терените. За фудбалскиот ќе бараме решение. Тенискиот го заклучуваме бидејќи порано беше хаос на него. Ги поправивме оштетувањата и ставивме катанец. Сега не се користи поради пандемијата, а во нормални услови може да се игра само во присуство на општински работник“, вели Тошевски.
Теренот во Ранковце дури не е толку лош колку тој во Љубин во Општина Сарај, кој е обраснат со трева. Тенискиот терен во Орешани, кај Зелениково, е многу оштетен, со извадени електрични инсталации, парчиња ограда и други материјали. Општина Ѓорче Петров, пред две години мораше да го реновира новото повеќенаменско игралиште во населбата Даме Груев, а денес таму повторно има оштетена ограда и дел реквизити.
Инфраструктура во погрешни раце
И проектите за масовно спортување беа под лупа на ревизорите, но во 2015 година. Дотогаш беше комплетиран само тој за фудбалските игралишта, а во меѓувреме се изградија и тениските и повеќенаменските. Потрошени беа шест милиони евра за тенис, седум за фудбал и 14 милиони за мултифункционалните терени.
Главниот заклучок на ревизијата е дека залудно се направиле. Пет години подоцна, тој впечаток е сѐ уште ист. Стоте тениски игралишта се направија во земја во која нема професор по тенис во високообразовните установи за физичка култура.
Најголемиот проблем, според државните ревизори што ја оценувале успешноста на проектот, е што уште на стартот, целиот фокус бил ставен на тоа како да се изградат терените што побргу. Тие констатираат дека владата утврдувала што и каде ќе се гради, а Агенцијата за млади и спорт само ги спроведувала нејзините одлуки. За оваа намена формирала сектор за капитални инвестиции, во кој, наместо предвидените 19 луѓе, работеле четворица. Толку луѓе биле одговорни за изградбата на речиси 300 спортски терени во 74 општини.
Терените потоа им се дадени на општините, без разлика на нивните капацитети да ги раководат. Затоа многу од нив пропаѓаат.
Бобан Јакимовски, наставник и тениски тренер од Крива Паланка, вели дека проектот за 100 тениски игралишта може да даде резултати, но ако им се дозволи на луѓе што се занимаваат со тенис и што имаат ентузијазам да работат на нив.
„Само неколку деца тренираа тенис во Ранковце, но едно од нив стана државен шампион во неговата категорија. Ништо не е залудно, но не требаше да се прави ваков проект без стратегија. Не требаше да им се дозволи на општините сами да одлучуваат за сѐ, па некаде да дозволуваат да се игра, некаде да забрануваат или да наплатуваат“, вели Јакимовски.
Агенцијата, иако имала обврска според договорите за примопредавање, не правела ништо за да го контролира користењето и одржувањето на терените. Новиот директор на Агенцијата, Наумче Мојсовски најавува дека ќе ја разгледаат состојбата да увидат што може да се спаси. И пренамените не се исклучени, ако има потреба.
„Некои терени може да се користат, други треба од корен да се поправат“, вели тој за БИРН.
Колку еден проект е успешен, најдобро се мери според тоа какви ефекти имал врз општеството. Масовното градење терени беше проследено со амбиција да се зголеми бројот на деца во училишта возраст што спортуваат од девет на 32 отсто. Професорот на Факултетот за физичка култура, Александар Туфекџиевски, кој е и претседател на Федерацијата за училишен спорт, вели дека новите објекти донеле задоволителен резултат.
„Денес има околу 250 училишни клубови во кои спортуваат и се натпреваруваат околу 60 илјади ученици, од вкупно 260 илјади деца во основното и во средното образование“, вели Туфекџиевски.
Според неговите бројки, процентот денес е околу 23 отсто, што е значително повеќе од пред една деценија. Сепак, најмногу се развиле спортовите во сала. Училиштата, откога ги добија салите, имаа можности да формираат екипи. Игралиштата што ги градеше Агенцијата многу помалку се користат за оваа намена.
„Ние придонесувавме со предлози преку општинските организации за тоа каде какви потреби има. Сепак, се изградија фудбалски игралишта каде што нема клуб или тениски каде што никогаш не се играло тенис“, вели професорот.
Тој, тениските тренери, градоначалникот на Ранковце и многу други соговорници на БИРН го делат истиот заклучок во врска со пропаднатите спортски терени. Ако нема реални и остварливи планови за користење, масовното градење игралишта може да служи само за сликање и за сечење ленти.