Три со три

Митовски: Гневот кај кривопаланчани поради кравите расте

Интервју со Сашко Митовски, градоначалник на Крива Паланка

Жителите од Крива Паланка и локалните села денеска излегоа на протест пред општинската зграда барајќи итно решавање на проблемот стар 15 години – стотици говеда кои се движат неконтролирано низ Паланечко, предизвикуваат материјална штета и ја загрозуваат нивната безбедност.

Стравувањата им се зголемени со наближување на пролетта и на новата земјоделска сезона кога говедата повторно може да го уништат нивниот род.

БИРН пишуваше за кравите што до пред две години беа во сопственост на семејството Ѓорѓиевски, кои, како што тврдат локалните жители, никогаш не ги чувале прибрани. По нивните реакции и промената на законот, тие сега се преземени од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Но, тоа е така само на хартија.

АХВ не може да ги прибере поради, како што тврдат од таму, „континуираното попречување на акциите од страна на поранешните сопственици“.

Според проценките првично стануваше збор за околу 600 говеда. Досега агенцијата има заловено околу 60 кои ги чува во штала, но што понатаму да се прави со нив се чека одлука од владата.

Вчера АХВ се обиде да залови дел од говедата, но од она што го пренесоа телевизиите, можеше да се види интервенција на поранешните сопственици, кои ги бркаа кравите во спротивен правец од инспекторите на агенцијата и полицајците кои беа излезени на терен.

Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски, вели дека случувањата се „класичен пример, со кој, се отсликува немоќта на институциите да постапуваат“. Алармира дека жителите се гневни и може да дојде, до како што вели, ескалација на настаните.

БИРН: Вие го поддржавте протестот и излеговте на него. Што точно се барањата на локалните жители и има ли некакви временски рокови до кога треба да се исполнат?

Митовски: Излегов на протестот од граѓанска и морална причина. Сакав да дадам поддршка на локалното население кое со години е оставено да се бори само со овој проблем. Моето присуство не треба да даде политичка конотација на овој народен собир. Сакав заедно со граѓаните да испратиме порака дека институциите конечно треба да почнат да си ја работат работата за која се платени.

Во конкретниот случај, тоа е Агенцијата за храна и ветеринарство. Од неа бараме да постапува по сопственото извршно и правосилно решение и конечно да стави крај на овој децениски проблем.

На протестот слушнав дека граѓаните изнесоа ултиматум, односно, бараат проблемот да се реши до 15 март. Да бидам искрен и реален, земајќи го предвид бројот на говеда, мислам дека тој не може да се реши дотогаш.

Но, она што ме загрижува во моментов се информациите кои доаѓаат до мене дека претходниот сопственик веќе активно на терен работи на колење на добитокот, кој потоа го продава на црниот пазар, што е сериозна опасност од ширење на зарази бидејќи говедата не се здравствено контролирани.

Затоа, мислам дека е потребен посериозен пристап и ангажираност на Агенцијата за храна и ветеринарство за да можеме во некој брз временски оптимален рок да дојдеме до конечно решение.

БИРН: Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за внатрешни работи вчера се обидоа да ги приберат говедата, но повторно наидоа на попречувања од поранешните сопственици, па акцијата не беше успешна. Како, според вас, ова треба да се изведе за да се реши проблемот? 

Митовски: Тоа што го видовме во медиумите е поразително за сите нас, почнувајќи од мене, оти не сакам да се амнестирам од целата ситуација, до сите други носители на јавни позиции кои ја добиле довербата од граѓаните.

Не знам што да кажам друго освен дека е жално и трагично. Настаните вчера беа класичен пример со кој се отсликува немоќта на институциите да постапуваат во случајот.

Во нормална држава сето ова се решава многу брзо, така што Министерството за внатрешни работи ќе го обезбеди просторот, а АХВ ќе ги спроведе постапките што се во нивна надлежност. Во нормални држави сето ова немаше ни да стане вест за пошироката јавност.

БИРН: Каква е соработката со Агенцијата за храна и ветеринарство и другите државни органи? Што може и вие како општина да направите за да се помогне во решавањето на овој проблем?

Општината нема законски надлежности за постапување во овој случај, тие се исклучиво во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Но, јас сакам повторно да нагласам дека не се исклучувам и не се амнестирам од проблемот, туку напротив, стојам на располагање на Агенцијата за храна и ветеринатство и лично јас и општината со своите ресурси и капацитети да помогнеме во која било акција.

Досега не сме имале ниту еден суштински состанок на којшто ќе направиме одредена стратегија за постапување. Постојано имаме ветувања со нови рокови дека проблемот ќе се реши, но тие не се почитуваат.

Ако се продолжи со ваква динамика и префрлање на топката со што се одложува решавање на проблемот, ќе дојде и април и ние практично нема да имаме проблем со говедата во центарот на градот. Тие ќе се префрлат во планиниските краишта и до следната година нема да имаме можност да го решиме проблемот.

А верувајте, има многу насобран гнев кај луѓето и се плашам дека целата оваа ситуација може да ескалира и да има несакани и штетни последици.

Она што го видов денеска на протестот е дека луѓето се гневни и очајни поради тоа што сите ние не можеме да им помогнеме да се справат со овој проблем. Мештаните се жалат и дека континуирано добиваат закани по нивните животи од поранешните сопственици на говедата и затоа се чувствуваат дека државата не е на нивна страна.