Анализи

Многу чекори помеѓу желбата за рециклирање и контејнерите

Екоентузијастите поминуваат километри за да го остават ѓубрето на соодветни места

Не е сѐ сервирано на тацна, вели Катерина Илијовска, една од основачите на платформата за поодржлив начин на живот „Јес фор лес“ (Yes for less), раскажувајќи го своето искуство за селектирање отпад.

Иако во земјава веќе три децении се водат кампањи за подигнување на јавната свест за справувањето со отпадот, од кои некои беа организирани и од државни и локални институции, и натаму нема никакво системско решение за одвојување на употребливите од неупотребливите отпадоци.

Илијовска, која со еколошки активизам се занимава повеќе од пет години, живее и во Македонија и во Шпанија, каде што завршила студии. Вели дека е многу лесно да се воочат разликите меѓу двете земји. Во Шпанија, додава, покрај секој контејнер за мешан отпад има и посебни канти за стакло, пластика, алуминиум, хартија и за друг отпад што се рециклира.

„Кај нас знаеме дека тоа не е случај, треба да пропешачиш малку за да стигнеш до најблискиот контејнер, освен ако немаш среќа да има такви контејнери кај тебе пред зградата. Ако не си доволно мотивиран од поголеми побуди и ако немаш награда за тоа, ќе речеш – зошто јас да одам пет минути, наместо да го фрлам отпадот во најблиската канта“, вели таа.

Многу чекори за секој амбалажен отпадок

Граѓаните треба да ги бараат специјалните контејнери ако сакаат да селектираат | Фото: БИРН

Селектирањето отпад во земјава, особено во главниот град, може да биде пат долг неколку километри. Граѓаните со кои разговаравме раскажуваат различни искуства. Некои едноставно не го прават тоа бидејќи ниту постојат услови, ниту обврска и сѐ се сведува на личен ентузијазам.

Ентузијастите, пак, собираат пластика во вреќи и ја носат со автомобил до најблискиот супермаркет каде што колективниот постапувач „Пакомак“ има поставено т.н. вендинг машини, во кои се ставаат шишиња или алуминиумски лименки, а за тоа се добиваат поени за попуст. Ако машините се полни таму, треба да ги однесат во следниот маркет.

Стаклото е обично помал проблем бидејќи само „Пакомак“ има поставено околу 1.500 контејнери за стаклена амбалажа низ земјава, во речиси сите градови и во некои поголеми рурални општини. Во Скопје, на пример, секој има место за одлагање стакло на најмногу еден километар од домот. Но, дали некој ќе ја одвојува оваа амбалажа и ќе го помине тој дополнителен километар, зависи само од личната волја, бидејќи ниту има награда за селектирањето (како со вендинг машините), ниту казна ако не се прави тоа. И покрај тоа, годишно се собираат околу пет илјади тони стакло.

Контејнери за хартија има најмалку и за таа да се фрли на прописно место, обично треба да се помине најдолг пат.

Од домашни посети до пунктови за собирање

Електричниот отпад се зема од дома, но се натрупува и на улиците | Фото: БИРН

Во Македонија нема индустриски капацитети за рециклирање, бидејќи не се создава доволно количество отпад за тоа да биде исплатливо да се прави, туку сѐ што се селектира, се извезува.

„Стаклото најчесто се носи во Бугарија, таму го носат и Србија и Романија, бидејќи има две фабрики со сериозен капацитет. Металот, алуминиумот се носи во Грција, хартијата во Србија или во Словенија. Најчесто се носи во околните земји бидејќи транспортот многу ја оптоварува цената на материјалите“, вели Ико Брдароски, менаџер во „Пакомак“.

Но, бидејќи постои бизнис со секундарни суровини, во кој се вклучени неколку десетици компании, има и разни системи за селектирање, направени според потребите на фирмите или на друштвата што ги собираат. Некои ставаат свои контејнери на јавни места, а други се отворени за секој да им го однесе материјалот со кој работат, како пластика, метал, стакло и друго.

Има и компании што одат директно во домовите. Таква е, на пример, една компанија што собира отпадно масло за јадење, која на корисниците им доставува посебни канти и им дава мали награди кога ќе ги наполнат. И некои собирачи на електричен и електронски отпад доаѓаат на повик во домовите да земат стари фрижидери, машини за перење и други поголеми предмети.

„Салони“ за стар мебел покрај контејнерите

Отпадниот мебел често завршува и во природата | Фото: БИРН

За кабастиот отпад што нема електрични компоненти, пак, како стариот мебел, има неколку опции: да се однесе на собирен пункт и да се остави бесплатно (за оние што имаат возило во кое ќе можат да го натоварат), да се чува додека локалните власти организираат акција за собирање и не постават големи контејнери во населбите или да се викнат екипи од комуналните претпријатија да го земат од дома. Тоа во Скопје, на пример, чини од 1.600 до 2.800 денари. За оние што не им одговара ниту една од овие опции, пак, постојат и неколку нелегални, но често практикувани – тивко оставање на улица или фрлање во најблиската река.

„Не можеме да ги обвиниме луѓето што го оставаат отпадот до контејнер затоа што кој има пари да плаќа 1.000-2.000 денари за кабаст отпад. Во Шпанија, секој понеделник од 8 до 10 навечер ги симнуваат сите тие работи – мебел, врати, прозорци и ги оставаат до обичните контејнери, па поминува службата и ги зема бесплатно. Значи државата инвестира, но е регулирано, не можеш да оставиш секој ден“, раскажува Илијовска.

Тоа, додава таа, им е големо олеснување на жителите, бидејќи не мора ништо да прават самите. Ако некој го остави отпадот во ден кога не е дозволено, ќе добие казна. Во секој случај, станува збор за систем што го воспоставиле и го управуваат јавните служби, односно комуналните претпријатија.

Систем што покрива три отсто од Скопје

Контејнерите за селектирање отпад на „Комунална хигиена“ | Фото: БИРН

Во делумниот, фрагментиран и неповрзан систем на селектирање отпад во земјава е вклучено и скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“. Од пред десетина години, во соработка со Градот Скопје и со општините, тоа има поставено подземни контејнери за хартија, пластика и лименки, и за мешан отпад.

Според извештаите од претпријатието, има 113 вакви контејнери на четириесетина локации. Од архивираните соопштенија на Градот Скопје може да се види дека воспоставувањето на овој систем чинело околу 30-35 илјади евра по локација, инвестиција што подеднакво ја покриле градот, општините и комуналното претпријатие.

Колкава разлика прави тоа во целокупниот систем на управување со отпадот, пак, покажува податокот дека од 75 блокови, на колку што е поделен главниот град според Генералниот урбанистички план, само во два од нив, ова е доминантниот начин на собирање.

Каде завршува селектираното

Но, освен што селектирањето е ограничено, има и нејаснотии околу тоа каде завршува селектираното, односно дали дел од него, сепак, се носи на депониите. Брдароски од „Пакомак“ вели дека за нивниот отпад имаат точни податоци, но тие не собираат сѐ. Од околу 105 илјади тони амбалажен отпад што се создава во земјава годишно, вели тој, тие собираат околу 30 илјади.

Како што објасни Брдароски, „Пакомак“, како колективен постапувач, сам го собира отпадот директно од компаниите или од вендинг-машините, но нема право да ги празни ниту своите контејнери од јавните површини, бидејќи законски тоа може да го прават само комуналните претпријатија. Со некои општини од внатрешноста, оваа компанија има склучено договори за да ги празни тие контејнери, но со Град Скопје такво нешто нема и обврската да го собира селектираниот отпад ја има „Комунална хигиена“.

„Комунална хигиена“: Не подигнуваме отпад од други субјекти

По објавувањето на текстот, пристигнаа одговорите на прашањата од БИРН до ЈП „Комунална хигиена“. Во врска со тоа колку се функционални подземните контејнери што, кога се поставуваа, беа најавени дека ќе служат за селекција на отпадот, од претпријатието одговорија дека сите садови за селектирање им се надземни и функционираат. Оттаму додаваат дека нивните вработени вршат секундарна селекција меѓу биоразградливиот отпад и предметите што може да се реупотребат, како пластиката, стаклото, хартијата и лименките. Во однос на тврдењата на „Пакомак“ дека само јавното претпријатие има право да ги празни контејнерите од јавни површини, дури и оние што се поставени од „Пакомак“, од „Комунална“ тврдат дека не подигнуваат отпад садови од други субјекти.

Во извештајот за работата во 2023 година, „Комунална хигиена“ наведува дека секој месец се собирале меѓу 30 и 50 тони стакло (вкупно 500 тони за годината), пред сѐ од контејнерите што ги поставува „Пакомак“. Брдароски вели дека имаат информации каде јавното претпријатие потоа го носи тоа стакло и каде се предава за понатамошно рециклирање.

За собраната хартија, пак, податоци има само за еден месец, а бројката на собрана пластика и за лименки во извештајот е нула килограми. Тоа значи дека оваа амбалажа или воопшто не се собира (ниту од сопствените подземни контејнери, ниту од кантите на колективните постапувачи), или воопшто не се регистрира како селектиран отпад, па нејасно е каде завршува.

За да се постигне системско решение за селектирањето, Брдароски вели дека треба да профункционираат долгонајавуваните регионални центри за отпад. Денес, објаснува тој, општините едноставно го истураат отпадот на своите депонии, од кои, со исклучок на „Дрисла“, сите други се диви. Тоа не ги чини ништо. За одлагањето отпад во регионалните центри, пак, ќе треба да плаќаат и ќе имаат интерес да го намалат количеството ѓубре што ќе се депонира.

„Тогаш тие ќе мора да почнат да размислуваат и да инвестираат во садови за примарна селекција на амбалажниот отпад“, вели тој.

 

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.