Вести

Надзорот на „Бехтел и Енка“ под лупа на обвинителството

Отворен предмет за конзорциумот на ИРД по допрен глас

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска соопшти дека, „следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвориле предмет по допрен глас“.

Ова следува по серијата новинарски истражувања што ја почна БИРН, со кои се откриваат спорни елементи кај фирмите од конзорциумот на ИРД, кои отвораат сомнеж за корупција.

На втори февруари годинава, Ејуп Рустеми, како директор на Јавното претпријатие за државни патишта, и Паоло Орсини, во име на италијанската компанија „ИРД инженеринг“, го потпишаа договорот за надзор на автопатиштата што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Во зделката за надзор вредна повеќе од 22 милиони евра, која ја доби италијанскиот ИРД, се вклучени и три други компании, шпанската „Ептиса“ и македонските „Евро консталтинг“ и „Електра солушн“.

БИРН, на 2 март објави дека сосопственик на македонската „Евро консталтинг“ е Бранислав Димитријевиќ, кој во Ерменија е обвинет за измама при надзор на автопатиштата во таа кавкаска земја. Тој таму работел како тим лидер на заедничко вложување на „Савеж-Ептиса“. Друг вклучен во истата скопска фирма, нејзиниот поранешен сосопственик и управител Марјан Иванов веќе една година е осомничен во случај во Македонија за фасадата на Владата.

Телевизијата Алсат потоа, повикувајќи се на два документа во кои имаат увид, објавува дека владата во 2020 година имала донесено заклучок ниту една државна институција да не ја ангажира „Ептиса“ поради „незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на железницата Куманово – Белаковце“. Владата подоцна го укинала својот заклучок десет недели подоцна, односно на 9 февруари 2021 година.

„360 степени“, пак, открива низа неправилности, меѓу кои и дека една од партнерските компании, „Електра солушнс“, немала искуство со вршење надзор на патишта.

Таа фирма, од 2013 до 2020 година била регистрирана под шифра за „производство на долна облека“, од 2020 година се регистрира со шифра „останати услуги во врска со информатичката технологија и компјутерите“, а од минатата година ја додава шифрата „други градежно инсталатерски работи“. Лиценцата ја добива откако е отворен тендерот за надзор.

Потоа во неколку продолженија, истиот медиум објави и дека се предвидени големи суми за надоместоци за надзорот и дека во документите нема докази за вработени експерти.

Според „360 степени“, „Електра солушнс“ навела дека има 32 постојано вработени, од кои 27 инженери, што е во контрадикција со она што го пишува во годишната сметка за фирмата доставена до Централниот регистар, каде што е наведено дека лани во просек имала само двајца вработени, се вели во нивното последно истражување на оваа тема.

Државната комисија за спречување корупција претходно соопшти дека има оформено предмет по добиена пријава.

Од обвинителството велат дека предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, „кој  презема дејствија и ќе изврши проверки по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“.