Интервјуа

Најдовски: Скопје мора бргу да се смени

Интервју на БИРН со заменик-градоначалникот на Париз

Ако некој кандидат за градоначалник на Скопје во пресрет на есенските локални избори вети дека ќе укине и ќе пренамени половина од паркинг-местата во градот, тешко може да се надева на позитивен резултат. Затоа, пак, градоначалничката на Париз, Ан Идалго, лани беше реизбрана токму со тоа ветување.

Идалго веќе подолго време спроведува политики за разеленување на Париз, намалување на автомобилскиот сообраќај, замена на сообраќајните површини со зеленило, самоодржливост на секој кварт итн.

Еден од нејзините најблиски соработници во овие процеси е Кристоф Најдовски, парижанец со битолско потекло, кој во претходниот мандат беше заменик-градоначалник за транспорт и мобилност, а сега е заменик за зеленило и биодиверзитет. Тој е еден од 35-те заменици на градоначалничката, од кои, слично како во владин кабинет, секој е задолжен за одреден ресор.

„Сакаме да спроведеме вистинска урбана револуција. Секој втор паркинг ќе биде претворен во место за дрво, тревник, проширен тротоар или велосипедска патека. Ќе извадиме сто хектари асфалт од улиците и ќе го замениме со дрвја или со трева. Сто улици ќе ги претвориме во зелени оази. Околу обиколницата ќе направиме кружна шума, а ќе подигнеме и 30 хектари нови градски паркови“, вели Најдовски во интервју за БИРН.

Овие „радикални мерки“, како што ги нарекува Најдовски (меѓу кои спаѓа и претворањето на познатата авенија Елисејски полиња во пешачка зона), не се единствената зелена политика на градот. На секоја одлука ѝ се прави проценка како ќе влијае врз сообраќајот и врз животната средина, колку и да изгледа неповрзанa со овие области.

Нема напредок со политики од 1990-тите

Трансформација на улици во Париз и во Скопје | Фото: Твитер-профилот на Кристоф Најдовски и БИРН

Информациите за зелената трансформација на Париз, пренесени од локалните медиуми, привлекуваат доста внимание во Скопје, најмногу затоа што македонската метропола се развива во спротивна насока од француската. Сѐ повеќе згради, повеќе паркинзи за нив, повеќе асфалт, помалку зеленило, зголемена употреба на автомобилите итн.

Најдовски е запознаен со овој развој на нашиот главен град и вели дека, не само што ова треба да се промени, туку тоа треба да се случи многу бргу.

„Знам дека не е лесно таму да се спроведуваат истите политики што ги водиме тука, зашто градовите се на различен степен на развој. Сепак, Скопје мора за кратко време да направи трансформација каква што другите европски градови прават со децении. Знам дека тоа е радикално, но денес не може да се водат урбани политики како во 1980-тите или во 1990-тите, без баланс во развојот“, порачува Најдовски.

Тој дури и за Париз вели дека доцни со промените, со оглед колку силно се чувствуваат ефектите од климатските промени, со топлотни бранови секоја година (порано биле реткост во Париз), бури со град, поплави итн.

„Буквално сме во трка со времето и со невремето“, вели тој.

Тешки лекции и повторени грешки

Пред и по раззеленувањето | Фото: Твитер-профилот на Кристоф Најдовски

Париз е густо изграден град уште одамна. Најголемиот дел од зградите што денес може да се видат таму се стари меѓу 100 и 200 години, што значи се развивал кога не постоеле денешните еколошки, сообраќајни и просторни проблеми. Денес, смета Најдовски, не може еден град да се развива на тој начин, без разлика колку го сакаат тоа градежните инвеститори и колку им го дозволуваат локалните власти, како што се случува во Скопје долго време

„Тие треба да сфатат дека ако се продолжи во таа насока, ќе нема спас, бидејќи просторот ќе се потроши. Атрактивноста на еден град не е само во работните места. Треба да има и квалитет на живеењето, а тоа го носат културата, образованието и јавниот простор. Тоа се улиците и парковите, без кои нема квалитет. Тоа е цел екосистем“, додава тој.

Како да се претворат непопуларните мерки во популарни? Повеќето политики што ги водат тој и градоначалничката значат намалување на удобноста на граѓаните и промена на нивниот начин на живот. Улиците се стеснуваат, снемува паркиралишта, а секој празен простор се гледа како потенцијален парк наместо потенцијално градилиште.

Кај нас постојано се гледа кога ќе се пробие нова улица за да се растовари соседната, како да се обезбеди паркинг што поблиску до дестинацијата. Ретки се проектите што одат во спротивна насока. Отпор има дури и за намалувањето на димензиите на градбите, како на пример кога жители на еден дел од центарот се бунеа зашто „нејќеле зеленило, туку станови за децата“.

И во Париз имало слични реакции, но тие биле малцинство. Парижаните ја научиле лекцијата на потешкиот начин. Топлотните бранови што се повторувале секое лето и неколкуте зими со драматично загаден воздух ги натерале да сфатат дека мора да се промени начинот на живот. Рестрикциите во движењето за време на кризата со корона вирусот, пак, им покажале дека не е доволно да се има големи градски паркови на едно место и пространи станбени блокови на друго, туку секое маало, секоја населба треба да има паркче, шеталиште, парче јавен простор, каде што луѓето може да излезат, да поминат време со семејството, да се дружат и да се релаксираат.

„Сето тоа придонесе да се создаде големо мнозинство што ќе ги поддржува овие политики. Така стана можно нивното спроведување. Сѐ уште добиваме силна поддршка. Свеста на луѓето расте и тие сфаќаат дека промените, и кога се тешки, се неопходни“, додаде Најдовски.

Едно дрво наместо пет климатизери

Скверот Роже Стефан – шума среде урбаната џунгла | Фото: Твитер-профилот на Кристоф Најдовски

Француските искуства покажале дека густата градба, асфалтот и другите фактори ги претвориле градовите во топлотни острови што се за 7-8 Целзиусови степени потопли од нивната непосредна околина. Поради тоа, ниту ноќе температурата не се спушта доволно за да го освежи воздухот, па станува тешко да се дише и да се живее.

Од друга стана, студија што ја подготвиле градските власти покажала каков ефект имаат дрвјата како природни климатизери. Едно развиено дрво заменувало до пет клима-уреди.

„Затоа, наместо да купуваме климатизери, треба да садиме дрвја. Тоа е нашиот лајтмотив“, вели Најдовски.

Играњето со природата или одењето против неа никаде не дава добри резултати, особено во градовите како Скопје, објаснува соговорникот, бидејќи таму има директни последици врз здравјето на граѓаните.

„Скопје е како во дупка. Знам дека и во Скопје во зима има загадување, има многу денови со лош воздух. Затоа е многу битно да се садат дрвја и да се прават паркови, инаку нашите градови нема да бидат за живеење. Мерките што беа досега спроведувани во Скопје не одеа во добра насока“, додава тој.

Концепт на 15-минутен град

Најдовски и колегите на терен на булеварот Пастер, каде средишниот асфалт се замени со вегетација | Фото: Твитер профилот на Кристоф Најдовски

Отежнувањето на движењето за автомобилите не значи дека граѓаните не можат да се движат, вели заменик-градоначалникот. Само треба да користат други средства, да одат пеш, да возат велосипед или да патуваат со јавниот превоз. Градската управа од која тој е дел се обидува да го спроведе т.н. концепт на 15-минутен град.

Суштината на овој концепт е дека секој треба да има сѐ што му ги задоволува секојдневните потреби на најмногу 15 минути пешачење од својот дом. Тоа значи училиште, здравствени услуги, јавни услуги, продавници, места за релаксација, а по можност и работни места.

Со тоа секој кварт ја зголемува самоодржливоста, а притисокот врз градската инфраструктура и врз просторот се намалува.

Како битолчанец по потекло, Најдовски вели дека сличен концепт треба да се примени на ниво на целата држава кај нас. Кога доаѓа во Македонија гледа дека градот на неговите родители сѐ повеќе се раселува, додека Скопје постојано расте на начин што создава повеќе проблеми отколку што решава. Ако не се промени таа пракса, додава, „ќе останеме само со Скопје и сѐ друго ќе биде пустелија“.