Државниот инспекторат за животна средина најмил дронови кои кон крајов на неделава по два часа дневно ќе ги снимаат критичните точки за да се лоцира од каде доаѓа енормното загадување на воздухот, потврди за БИРН в.д. директорот на инспекторатот Мирослав Богдановски.
„Склучивме договор за изнајмување на два дрона кои ќе почнат со снимање во Железара, Момин Поток, Карпош, Ново Лисиче, односно на сите места каде што мерните станици покажуваат високо ниво на загаденост“, вели Богдановски.
Често се случувало , вели тој, кога инспекторите ќе излезат на терен во фабриките кои се сметаат за загадувачи на воздухот, да наидат на затворени врати. Со помош на дроновите ќе се види дали има движење внатре во фабриките и дали се почитуваат правилата, а набрзо ќе биде склучен и договори со акредитирана лабораторија која ќе може да даде точна информација за степенот на загаденоста.
„Едно е кога инспекторот сам ќе излезе на терен, а сосема поинаку ќе биде кога тој, заедно со претставник од акредитираната лабораторија ќе може да измери колкава е загаденоста“, вели Богдановски.
Инспекторатот за животна средина вечерва излезе со соопштение во кое се вели дека Цементарница УСЈЕ, Титан Групација, во периодот помеѓу 8 јануари и 4 февруари целосно го стопира производството. Иако на социјалните мрежи се претпоставуваше дека овој чекор е направен поради загадувањето, од инспекторатот велат дека станува збор за вршење ремонт.
„Претходно УСЈЕ работеше со 50 отсто капацитет, односно со една печка. Од вчера, се врши ремонт, па до наредниот месец УСЈЕ го стопира производството, но тоа не е затоа што ние сме го наредиле тоа“, тврдат од Инспекторатот.
Државните инспектори за заштита на животната средина пред неколку дена го казнија јавното претпријатие „Дрисла“ со 8.500 евра поради тоа што констатирале дека имало надминување на штетните концетрации во воздухот при согорувањето на медицинскиот отпад.
„Според Законот за квалитет на амбиенталниот воздух казната се движи до 25 илјади евра. Прекршочната комисија донесе спогодбена одлука депонијата да се казни со 8.500 евра, а јавното претпријатие треба во рок од 90 дена да постави филтри и да го реши проблемот“, рече тогаш Богдановски, додавајќи дека медицински отпад може да согорува само осум часа во денот, а не во три смени како што било претходно.
„Гардијан“ во текстот со наслов „Велика Британија со токсичен подарок за Балканот“ ја пренесува изјавата на експертот за менаџирање на токсичен отпад Адам Островски кој што смета дека скопскиот согорувач „е една од најлошите валкани технологии кои што маскирани како помош ги видел во земјите од Источна Европа“. Донацијата од британската Влада е се уште во склоп на скопската депонија Дрисла.
Граѓаните на социјалните мрежи веќе организираат протест против загадениот воздух за во недела. Денеска, како и во изминатите неколку дена, претежно во Скопје и Тетово граѓаните дишат воздух со ПМ10 честички неколкукратно повисоки од дозволеното. Од вчера на сила се мерките за бесплатен градски превоз, а препораките се бремените жени, лицата постари од 60 години, болните од астма и изнемоштените лица да не одат на работа.
Вечерва, најголема загаденост покажуваат мерните станици кај Ректорат, Гази Баба, Лисиче и во Карпош.