Најавите дека Комисијата за верификација на фактите ќе почне да прогласува новинари за „кодоши“ предизвика револт и незадоволство кај дел од новинарската фела, која овој чекор го смета за уште една пресметка на власта со критички настроените новинари и медиуми.
Главната уредничка на „Фокус“, Јадранка Костова, е лустрирана, а најавите се дека во иднина ќе бидат лустрирани и други новинари кои критички ги опсервиваат состојбите во државава. Веќе се шпекулира и со имињата на потенцијалните лустрирани, како и со тоа дека за некои од нив засега не било обезбедено мнозинство и официјално за да се прогласат за „кодоши“.
Неформалната иницијатива на група новинари обединети како „Новинарски пленум“, смета дека зад оваа и ваква лустрација не стои ништо друго туку политички мотиви за да се дискредитираат професионалните новинари.
Членови од Новинарскиот пленум денеска се сретнаа со претседателот на Комисијата за верификација на фактите, но велат дека оттаму добиле едноставен одговор, дека „се е согласно законите“.
„Аџиев не извести дека одлуката е донесена со надгласување. Потврдата дека никогаш не постоел никаков телефонски повик или списоци и дека ние не сме исклучок во работата на комисијата за лустрација – не знам дали да предизвикува наше смеење или нова загриженост, дека списокот е некаде пред вратата и еден по еден ќе се отвораат досиејата, така како што некој предвидел во некакво тефтерче за лустрирање на новинари“, рече новинарката Оливера Трајковска по средбата со Аџиев.
„Фрустрациска комисија“, „Новинарството во ендек“, „Комисија за верификација на нарачките“, „Лустрирајте ме и мене“, „Фридом хаос“, беа само дел од транспарентите што ги носеа новинарите.
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) ги повика сите свои членови и симпатизери да останат рамнодушни и со индигнација да ги отфрлат обидите за нивна или за дискредитација на нивните колеги.
„Интегритетот, честа и угледот на новинарите не можат да бидат нарушени со никакви обиди за омаловажување, навреди, етикетирања и лустрирања, како што, впрочем, не можат со сила ниту да бидат наметнати. За нив суди јавноста, работата на самиот новинар и поддршката што ја добиваат од своите колеги“, велат од Синдикатот.
Нивната порака што вчера ја упатија преку писмено соопштение е: „Лустрирајте, етикетирајте, навредувајте, новинарите и новинарството ќе (ве) преживее!“
Според претседателот на комисијата, Томе Аџиев, станува збор за цврсти докази за соработка на новинари со поранешната Дирекција за безбедност и контраразузнавање (ДБК).
„Тие соработувале подолго време со Службата за државна безбедност, која им овозможувала контакти со лица надвор од државата под изговор дека ќе се прават интервјуа за МРТВ“, изјави Аџиев.
Костова: Битката против етикети доби димензија на кодошење
Уредничката на Фокус, Костова, преку колумнадо читателите ги образложи причините за нејзината лустрација, односно, како што вели, зошто била „почестена да добие сертификат на кодош“.
Станува збор за период од 1993 година кога таа била автор на емисијата „Без наслов, но со повод“ во МРТВ, кога на дуел се спротивставиле ставовите на Јован Донев, актуелен амбасадор на Македонија во Лондон, а во тоа време претседател на градската организација на СДСМ и, како што вели Костова, извесен Цеков којшто имал став дека Македонците се Бугари.
„Ова шокираше дел од јавноста, а особено од власта. Знам дека раководството на МРТВ имаше притисоци да ме суспендира, ама имаа ’рбет да издржат. И така преживеав без казна. Мојот пристап беше дека не смее да има табу теми туку сите тези што се сметаат за опасни, треба да се поразат на јавна сцена“, пишува Костова.
Според неа, Цеков во наредниот период почнал често да доаѓа во редакцијата и агресивно да провоцира дека сите се Бугари.
„Сериозно се загриживме кога почна да доаѓа во редакција и кога имавме емисија, со многу гости, а тој држеше говори во свој стил. Сметавме дека ова е веќе полициска провокација, којашто има за цел да нѐ тестира или да нѐ претстави како некакво ‘дувло’ коешто шири негаторски тези за македонската нација.“
Костова реагирала до поранешниот министер Љубомир Фрчкоски и до шефот на УБК, Величковски, со образложение дека им се прават полициски местенки. Костова вели дека сето тоа било официјално, со поддршка на редакцијата и на главниот уредник.
„Настанот за којшто знаеше целата информативна програма, нашата транспарентна битка да не ни се подметнуваат етикети, сега добила демек конспиративност, како некакво мое кодошење!“, пишува Костова.
Претходно Лустрациската го лустрираше и пензионираниот уредник и новинар во Македонското радио, Градимир Јовановиќ, еден од основачите на дневниот весник „Слободен печат“.
Лустрацијата како алатка за пресметка
Работата на Комисијата за верификација на фактите, или популарно наречената Лустрациска комисија, уште од самото формирање во 2009 година роди сомнеж дека ќе биде употребувана како алатка за пресметка за неистомислениците.
До почетокот на минатата година, комисијата прогласи 124 лица за наредбодавачи или соработници со поранешните тајни служби. Од овие лица 106 биле поранешни извршители на јавни функции, 11 биле актуелни и 7 биле кандидати за извршување јавни функции. Од нив, 33 се починати.
Во 2013 година лустриран беше еден од најголемите македонски писатели, Славко Јаневски. Лустрациската комисија не го соопшти неговото име, но назнаките на неговото досие беа дека станува збор за академик и писател познат по делото „Село зад седумте јасени“ чие досие го носи името „Славјан“. Дилемите што се покренаа тогаш во јавноста е зошто се лустрираат мртви лица и дали воопшто Комисијата го работи она за што е задолжена – откривање на лицата, соработници на службите за безбедност, за да може да се спречат во иднина да бидат носители на јавни функции, а со тоа да се спречат и во иднина да прибегнат кон вакви дела.
„Значајни имиња на македонската писателска асоцијација веќе се ставени на столбот на срамот и тоа добива димензии на свесно и тенденциозно уривање на вредностите создавани со децении и афирмирани како неодминлива вредност во земјата и во светот“, реагираше Друштвото на писатели на Македонија по лустрацијата на Јаневски.
Ѓорѓи Спасов, Божин Павловски, Слободан Чокревски, Љубомир Фрчкоски, Јован Трпеновски, Ѓунер Исмаил и Владимир Милчин се само дел од стотината лица кои досега беа лустрирани.
За најголем дел од лустрираните во јавноста постоеја реакции дека се лустрирани без доволно докази и оти лустрацијата во Македонија е искористена како алатка за пресметка со неистомислениците на владејачката елита.