Анализи

Охрид заглавен меѓу министерства, управи и општини

Најмалку 20 институции треба да го спасат охридското наследство

Две години од препораката на УНЕСКО дека само силна комисија за управување со регионот може да ги искоординира сите и да го заштити Охридското подрачје,  Владата формира работна група составена од функционерите на сите институции што имаат некаква надлежност во врска со природното и со културното наследство во охридскиот регион. Групата  ќе ја предводи вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Во групата што ќе ја раководи Анѓушев ќе има претставници на министерствата за транспорт и врски, надворешни работи, животна средина и култура, како и на „Македонски железници“ и на ЈП за државни патишта. Нивна главна задача ќе биде да најдат нови траси за автопатот Требеништа-Струга и за пругата кон Албанија, а заедно со канцеларијата на премиерот ќе бараат решенија и за другите проблеми.

Анѓушев се надева дека во УНЕСКО ќе имаат разбирање и нема да го сменат статусот на охридскиот регион на конференцијата во Баку на крајот на месецов.

„Имајќи во предвид дека решенијата не може да се донесат веднаш и за нив е потребна детална анализа, но и комуникација со ЕУ и Албанија, бидејќи станува збор за Европски коридор, претходно утврден, а во исто време и претходно утврдена точка за спојување со Албанија, на местото Лин, за кое исто така постои меѓународен договор, се смета дека од УНЕСКО ќе имаат разбирање за овој процес и ќе ни дадат соодветно време да ги разгледаме и анализираме нивните предлози и забелешки“, вели вицепремиерот во одговорот испратен по електронска пошта.

УНЕСКО во својот извештај наведува дека само добро организирана комисија за управување со охридскиот регион со јасни надлежности и со соодветни услови за работа може да обезбеди координирана заштита на регионот согласно стандардите што важат за подрачја со извонредни универзални вредности.

Задолженијата на голем број институции се допираат или се испреплетуваат, и ретко која треба да исполни само една задача. Обично различни установи треба да пружат различни услуги во една иста област од управувањето со регионот.

Цела мрежа за водата и за отпадот

Водата не може да се заштити без сеопфатен пристап | Фото: БИРН

На пример, најмалку шест институции треба да се грижат за водата во езерото, од регулирањето на водостојот што го прави ЕЛЕМ (водата од Охридско езеро преку реката Дрим се користи за две хидроцентрали) до Хидробиолошкиот завод што треба да го испитува квалитетот и составот на езерската вода. Општините Охрид, Струга и Дебарца треба да изградат и да одржуваат соодветни канализациски системи за езерото да не се загадува со фекалии, а заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање треба да го доградат колекторскиот систем што ќе обезбеди долгорочна заштита од отпадните води.

Министерството за земјоделство треба да регулира какви препарати се користат на земјоделските површини околу езерскиот брег, бидејќи тие потоа се слеваат во водата, а Водостопанство треба да го пренасочи текот на реката Сатеска во Црн Дрим, како што била пред пет децении, бидејќи таа е голем загадувач на езерото.

Во заштитата на природата, живиот свет и на рибите се вклучени Министерството за животна средина, Националниот парк Галичица, Хидробиолошкиот завод кој врши порибување и се справува со инвазивните видови (ги има најмалку пет вида риби, полжави и растенија), Природонаучниот музеј од Струга кој треба да врши истражувања, Министерството за земјоделство кое е надлежно за риболовните концесии, како и Министерството за транспорт и врски кое треба да обезбеди премини за животни под новите патни делници што се градат покрај брегот.

Отпадот е еден од најголемите проблеми во регионот, бидејќи се депонира на ѓубришта што не исполнуваат никакви стандарди, а има и многу диви депонии и ниско ниво на јавна хигиена. За сето тоа треба да се погрижат општините и нивните комунални претпријатија кои треба да ја одржуваат хигиената и да ги исчистат дивите депонии, како и Министерството за животна средина кое треба да обезбеди интегрирано управување со отпадот во регионална депонија. Проектот за регионална депонија во овој дел, која би служела како рециклажен центар, е проблематичен откако жителите на општината Дебарца на референдум гласаа против таа да биде на општинската територија.

Големи обврски за урбаните проблеми

Градењето е проблем за кој УНЕСКО има најмногу забелешки | Фото: БИРН

Уште попроблематична област е урбаниот развој во целото крајбрежје, за која се однесуваат голем број забелешки од светската организација. Тука главната улога ја имаат општините кои треба да изработуваат урбанистички планови со кои нема да се загрозат архитектонските и природните вредности на градовите и на населените места, да прекинат со легализацијата на дивоградбите во крајбрежјето и да прогласат мораториум за градење се додека не се донесе план за управување со регионот. Министерството за транспорт и врски како ресорен владин орган е исто така повикано да го контролира урбаниот развој, Министерството за земјоделство треба да помогне за да се спречи претворањето на земјоделските површини во градежни, а Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид треба да внимава урбанистичките планови да не ги нарушуваат културно-историските вредности на градот.

Работната група предводена од вицепремиерот Анѓушев треба да ги изврши 19-те задачи наведени во извештајот по мониторинг-мисијата на УНЕСКО спроведена во април 2017 година. Мал број препораки се исполнети, како оние за запирање на проектите за ски центарот на Галичица и за експресниот пат до Пештани

Во извештајот на УНЕСКО се забележува дека во стариот дел на Охрид има премногу сообраќај со моторни возила, како и дека има премногу пловидба во езерото. Ова се прашања за кои треба да се погрижат општините и Министерството за транспорт и врски. Нивна обврска е и развојот на инфраструктурата во согласност со стандардите за заштита на регионот. Министерството треба да најде решение за изградбата на пругата кон Албанија, како и на автопатот кон Охрид и делницата кон Струга кои поминуваат блиску до брегот.

Освен локалната самоуправа, за заштита на вредностите на стариот град во Охрид како комплекс се задолжени и институциите од културата како Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид. Тие исто така треба да се погрижат за истражување и за заштита на археолошките локалитети, а Министерството за транспорт треба да внимава да не се појават нови археолошки наоѓалишта при изградбата на инфраструктурата, и во тој случај е должно да ги прекине работите.

Планови за одржување, не само за развој

Институциите имаат поврзани и испреплетени надлежности за заштита на регионот

Тенденциите кон масовен наместо кон одржлив туризам се исто така област за која комисијата на УНЕСКО им упати остри тонови на македонските власти. Меѓу другото стои дека нацрт-планот за управување со охридскиот регион што бил изработен во 2015 (но не е усвоен) повеќе личел на план за економски и туристички развој отколку на документ што треба да обезбеди заштита на подрачје од светско значење. Во овој поглед Владата веќе ја послуша комисијата и се откажа од идејата за скијачки центар на Галичица, но таа заедно со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот и со локалните институции треба да направат план за одржлив туризам.

Токму планирањето е област каде што најмногу се потфрла, бидејќи се уште нема важечки план за управување со охридскиот регион, документ што треба да го направат управите за животна средина и за заштита на културното наследство, а да го усвои Владата. Потоа комисијата за управување со охридскиот регион ќе може да се води од овој документ за да носи одлуки и да дава мислења во врска со развојот и со одржливоста на подрачјето. Се предлага и да се прошири опфатот на регионот со втора заштитна зона до Преспанско езеро, задача што треба да ја исполни Министерството за животна средина и просторно планирање.