Balkan Insight

Орбан и европскиот самит во Будимпешта –  „Ова е моја забава и ќе правам што сакам“

Унгарскиот премиер неделава ќе биде домаќин на два клучни состаноци на европските тела во Будимпешта

В четврток и в петок, фудбалската арена „Пушкаш“ во Будимпешта ќе биде домаќин на два важни европски натпревари, од големо значење за домашната екипа. Невообичаено, но ова ќе бидат политички, а не спортски настани: четвртиот состанок на Европската политичка заедница (ЕПЗ) по кој ќе следи неформална седница на Европскиот совет.

ЕПЗ е основана во 2022 година, како одговор на целосната инвазија на Русија врз Украина. Тоа е меѓувладин формат за поттикнување на европската соработка надвор од границите на ЕУ. Ги опфаќа сите европски земји, освен Белорусија, Русија и Ватикан, а ги вклучува Турција и државите од Јужен Кавказ. Европскиот совет, пак, е состанок на шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ. Иако нема законодавна моќ (која припаѓа на Парламентот на ЕУ и Советот на министри), тој игра клучна улога во насочувањето на политичката агенда на блокот.

Без оглед на исходот од овие настани, нивното одржување во Будимпешта, само по себе е забележително. Шестмесечниот мандат на Унгарија како претседател на Советот на ЕУ, кој завршува на 31 декември, досега се соочи со симболичен бојкот, при што многу земји-членки, како и Европската комисија избраа на состаноците да бидат претставувани од официјални лица наместо од министри или од комесари. Техничката законодавна работа продолжува, но самото унгарско претседателство е лишено од симболичен капитал.

Да се ​​бојкотира или не?

Знамето на ЕУ | Фото:Unsplash

Владата на Виктор Орбан долго време доживува затегнати односи со различни институции на ЕУ и земјите-членки, поради влошената ситуација дома со владеење на правото и блиските врски со Русија. Сепак, бојкотот на претседателството главно произлезе „поради неовластената и провокативна ‘мировна мисија’ на Орбан во Русија и во Кина на почетокот на јули“, вели Петер Балаж, поранешен ЕУ комесар и поранешен унгарски министер за надворешни работи.

Тој негов пат ги прекрши протоколите при што Орбан погрешно тврдеше дека ја претставува ЕУ, а не само Унгарија, што предизвика негативни реакции од Брисел и од земјите-членки. Но, во однос на настаните оваа недела во Будимпешта, Балаж смета дека има одреден степен на двоумење дали да се продолжи со бојкотот.

Според Балаж, националните лидери веројатно „се прашуваат што е подобро за ЕУ“: дали да бојкотираат и „да му дадат на Орбан уште една можност да се прикаже како жртва на либералниот мејнстрим“; или да присуствуваат и „да го искористат овој важен собир за остри критики кон ‘нелибералниот режим’ на Орбан во неговата сопствена земја пред широка меѓународна публика“.

Во прилог на продолжување на бојкотот е патувањето на Орбан во Грузија на 28 октомври, каде што ја поддржа победата на владејачката партија „Грузиски сон“ по спорните избори, покренувајќи прашања слични на јулската „мировна мисија“. Лидерите на ЕУ, исто така, би можеле да имаат резерви за своето присуство на средбите во Будимпешта и поради појавувањето на унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто на Конференцијата за евроазиска безбедност во Минск, предводена од Русија, која се одржа минатиот четврток во Белорусија.

Присуството на Сијарто ја поткопува политиката на ЕУ за изолација на Белорусија поради нејзините блиски врски со Русија. Тој беше фотографиран како ужива во особено срдечниот разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, со кого имаше и приватна средба. Потоа, унгарскиот министер се обиде да ги отфрли критиките, изјавувајќи пред новинарите: „Имаме суверено право да преговараме со кого сакаме.“

На патувањето на Сијарто му претходеше состанок, во средата во американската амбасада во Будимпешта, на амбасадори и одбранбени аташеа од земјите на НАТО. Во соопштението на американската амбасада се вели дека состанокот бил свикан „за да се разговара за безбедносните аспекти на неодамна објавената политика за економска „неутралност“ на владата на Унгарија“.

Американскиот амбасадор Дејвид Пресман посочи дека „растечката зависност на Унгарија од Москва и Пекинг има безбедносни импликации за американските и за евроатлантските интереси“. Тој додаде и дека „тоа што е потребна дискусија за политиката на ‘неутралност’ на еден сојузник говори доволно“.

Сепак, како што тврди Балаж, европските премиери како колеги може да ги искористат состаноците во Будимпешта како можност да го предизвикаат Орбан за неговата политика и однесување. Шансите, колегите да го искористат своето присуство, а не отсуство, за да го посрамотат унгарскиот премиер се зголемија и поради неодамнешниот пример што го даде претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Кога Орбан се обрати пред Парламентот на ЕУ во Стразбур на 9 октомври за да ја претстави програмата за унгарското претседавање со ЕУ, Фон дер Лајен не го бојкотираше настанот, туку го искористи својот говор за да упати остра критика кон Орбан, обвинувајќи го за поткопување на заедничкиот одговор на Европа на руската агресија во Украина и солидарноста на ЕУ.

„Сè уште има такви, кои во оваа војна не го обвинуваат напаѓачот, туку нападнатите; не ја обвинуваат желбата на Путин за моќ, туку жедта на Украина за слобода“, рече Фон дер Лајен, пред да го укори Орбан, кој изгледаше како да му е непријатно седејќи во близина, за слабеење на безбедноста на ЕУ.

„Како може унгарската влада да поканува руски државјани во нашата Унија без дополнителни безбедносни проверки? И како може унгарската влада да дозволи кинеската полиција да дејствува на нејзина територија?“, реторички праша таа.

Балаж смета дека е веројатно, не само Фон дер Лајен, туку и другите европски лидери да ја повторат оваа стратегија во Будимпешта.

Со тоа се согласува Геза Језенски, уште еден поранешен министер за надворешни работи, кој, исто така, во различни периоди служел како амбасадор во Вашингтон и во Осло.

„Орбан, со неговото гласно непријателство кон ЕУ – која ја нарекува само „Брисел“ – стана најнепопуларен меѓу неговите колеги… На претстојниот самит на ЕУ, политиките на Унгарија ќе бидат жестоко критикувани“, изјави Језенски за БИРН.

Играње на картата на Трамп

Парламентот во Будимпешта | Фото:Unsplash

До понеделникот попладне не беше објавен никаков нацрт на дневниот ред за ниту еден од настаните – иако таквите документи обично се достапни седум до десет дена однапред. Недостигот од информации се гледа како одраз, или на генерално рестриктивниот пристап на унгарската влада кон комуникаците, или на несигурноста на домаќините во однос на тоа како да ја пополнат програмата.

Но, во понеделникот вечерта, Золтан Ковач, портпарол на владата, на платформата X објави повеќе детали за состанокот на ЕПЗ, кој ќе почне со пленарна сесија, а потоа ќе следат дискусии за две главни теми: миграција и економска безбедност.

„Во сесијата за миграција ќе ги разгледаме сите аспекти на нелегалната миграција, додека економската панел дискусија ќе ја испита поврзаноста на енергијата, транспортот, ИТ секторот и глобалната трговија – клучни столбови на европската безбедност и просперитет“, напиша Ковач.

Крајниот пристап на Орбан кон двата настани значително ќе зависи од исходот на изборите во САД.

Како што претходно објави БИРН, се претпоставува дека Орбан му испратил покана на Доналд Трамп, да се обрати на лидерите на ЕУ, или онлајн, или лично. Унгарскиот премиер, исто така, не се обиде да ја скрие својата поддршка за републиканскиот кандидат. „Ќе отвориме неколку шишиња шампањ во случај Трамп да се врати“, изјави тој пред новинарите во Стразбур по неговата непријатна средба со Фон дер Лајен на 9 октомври.

Од Орбан може да се очекува да ги насочи состаноците во една од двете можни насоки, во зависност од исходот од гласањето во САД. Победата на Трамп би значела дека тој веројатно ќе иницира дискусија за „големата стратегија“ во врска со позиционирањето на Европа во однос на САД и руско-украинската војна. Ако победник беше Камала Харис, тој најверојатно ќе ја задржеше дискусијата потесно фокусирана на приоритетите на унгарското претседателство како „спречување на илегалната имиграција“ и „промовирање на аграрната политика на ЕУ ориентирана кон земјоделците“.

Теоретски, Орбан би можел да очекува поддршка од другите лидери за овие прашања, со оглед на тоа што ставовите и за миграцијата, и за импликациите на новиот Зелен договор значително се зацврстија во последниот период. Другите влади, вклучително и оние на Австрија, Германија, Холандија и на Финска, се залагаат за построги гранични контроли. Сепак, за нив Унгарија веројатно нема да се смета за чесен посредник.

„Ниту една земја-членка на ЕУ не ја фаворизира илегалната миграција, но Унгарија се преправа како да е така, што иритира. Вистинскиот напредок на состанокот е многу малку веројатен“, предвидува Језенски.

Според Гарван Валше, поранешен советник за надворешна политика на Конзервативната партија на Велика Британија и сегашен соработник на Институтот за демократија ЦЕУ во Будимпешта, „ако Трамп победи, Орбан ќе го искористи како момент на триумф за да се позиционира како оној Европеец што може да наредува во увото на Трамп“.

Спротивно на тоа, во случај да победеше Харис, Валше смета дека Орбан би се борел „да не остане сам на својата забава“.