Три со три

Патчев: Штетата на куќата на Малески е голема, но надоместлива

Интервју со Горан Патчев, директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид

Минатата недела, дел од заштитената куќа на Владо Малески во Струга се урна поради градежни активности на објектот кој бил лепенка до неа. Куќата на македонскиот писател и автор на националната химна е типичен пример на староградска архитектура од 19-от век и заштитена како значајно културно наследство.

Јавното обвинителство во Струга отвори постапка за инцидентот, а охридскиот Завод за заштита на спомениците излезе на терен за да ја констатира штетата и да предложи мерки за идно враќање на објектот во првобитната состојба.

Директорот на заводот Горан Патчев објаснува како дошло до уривањето, колкава е штетата, кои се следните чекори за реконструкција и кои системски предизвици го отежнуваат зачувувањето на културното наследство во охридско-струшкиот регион.

БИРН: Како и зошто дојде до уривање на заштитената куќа на Владо Малески во Струга?

Патчев: Наш стручен тим излезе на терен на денот кога дознавме за настанот. При увидот се констатираше дека при изведба на приватен објект, на земјени работи, настаната е штета на соседниот објект, кој е под заштита како значајно културно наследство, во јавноста позната како куќата на Малески, градена од камен сувоѕид во приземје и кат од дрвен бондрук, систем, кој конструктивно е слаб.

Од наша страна заштитена е како архитектонски облик, типичен за староградска струшка куќа од 19 век, а содржината внатре не ни е позната бидејќи со неа управувала општината и некои невладини организации, а поставката внатре не е под заштита.

Од наша страна, во однос на документите за заштита, инвеститорот ги имаше обезбедено сите мислења. Доставен е идеен основен проект, а потоа Општина Струга одлучува дали ќе добие или нема да добие одобрение.

Според мене, проблемот е во самата изведба и, колку што разбрав, самиот инвеститор е и багерист и изведувач, самиот копал, самиот уривал. Грешката е во самата постапка за уривање и изградба на објектот. Тој велеше дека бил искусен, работел на многу такви објекти, дека ова првпат му се случило, меѓутоа тоа не е изговор.

Во нашето мислење е спомнато самото отстранување да биде внимателно со рачен алат, да не се користат машини што предизвикуваат вибрации, бучава… има во него разни препораки. Но, на самото место по инцидентот видовме огромен багер, колку цела улица.

БИРН: Колкаво е оштетувањето на куќата и кои се следните чекори што треба да се направат за нејзино враќање во првобитната состојба?

Патчев: Мошне е големо, меѓутоа не и ненадоместливо. Со еден добар проект и обезбедување средства, бргу може да се врати во првобитната состојба. Прво и основно е да се спречи понатамошното уривање и правење штета и на околните објекти и на минувачите, затоа и се забрани понатамошна работа на инвеститорот.

Постапките што ќе следат за штети, за обесштетување, за одговорност, тоа си е работа на други служби. Нашата е да направиме проект и проценка на оштетувањето и идна реконструкција на објектот.

БИРН: Што може да се направи за да не ни се повторуваат вакви работи и како да си го заштитиме културното наследство?

Патчев: Ние си ја работиме нашата работа колку што можеме и колку што имаме добиено средства, а зависно каква е политиката на владата во моментот, некогаш се одвојуваат повеќе, а некогаш помалку средства.

Кај нас треба да се зголеми стручниот кадар, да ни се доделат повеќе пари.

Покриваме голем регион, неколку општини се во прашање, а немаме доволно конзерватори, архитекти, немаме доволно службени возила. И во Струга треба секојдневно да се оди, не е само Охрид, бидејќи УНЕСКО регионот ги покрива и Општина Струга и Дебарца.

Но, треба едукација и на самото население. Прво и основно, самиот сопственик имател на такво заштитено добро треба да се грижи за споменикот. Ако нема средства за тоа, има начини како да побара финансиска поддршка од Министерството за култура. Во последно време има тенденција, луѓето да прашуваат за секоја интервенција, да се консултираат со нас, како да го направат тоа, на кој начин, за да биде добро и во однос на заштитената целина и регионот.

Сепак, ако направите анкета меѓу населението, многумина ќе ви речат што ќе ни е УНЕСКО кога не можеме соларни колектори да ставиме, не можеме клима да ставиме…

Значи не е дека не може, туку треба да се постават на соодветно место, а не на главните туристички променади, да биде „маскирано“ соодветно во дворното место. Има решение за сè, само треба да се праша.