Освен што војната со Иран е непотребна, таа е и најлошо подготвената американска интервенција во последниве 100 години. Воедно претставува геополитички преседан, не поради игнорирањето на меѓународното право, тоа се случувалo и порано, туку зашто САД за првпат ги заобиколија НАТО-партнерите.
Ова е збирната анализа на поранешниот претседател Стево Пендаровски за најновата криза на Блискиот Исток. На повеќе теми од надворешната и од домашната политика, тој, во интервју за БИРН, зборува и како поранешен шеф на државава, но и во капацитет на универзитетски професор, фокусиран на глобалната политика и безбедноста.
Пендаровски, политичката кариера ја посвети на евроатлантската интеграција. Денес, пак, за Трамповата Америка го тврди следново:
„Ние сега практично ја имаме најсилната држава на светот, чие однесување не можеме да го предвидиме.“
Американско-израелскиот воен напад, според него, го извади на виделина аматеризмот на македонската надворешна политика поради безрезервната поддршка на американската администрација.
„Тоа е поразителен факт“, вели експретседателот.
Во рамките на темата за надворешна политика, тој ја коментираше и идејата, која во нашата јавност ја промовираше премиерот Христијан Мицкоски, за наводна иницијатива во рамките на ЕУ што би овозможила брз влез во Унијата, првично без право на вето.
„Апсолутна небулоза. Таа идеја не доаѓа од Брисел“, дециден е Пендаровски, уверувајќи дека колку и да звучи добро за нас иницијативата, големите членки на Унијата не ја прифаќаат.
Нема директна опасност од Иран на наша територија

„Две точки во регионот се издвојуваат како критични.“ | Фото: БИРН/Емилија Петреска
Американско-израелскиот напад врз Иран ескалира кон посериозен судир, заканувајќи се да ги вовлече и соседните заливски држави во војна. Во Македонија, на 3.000 километри од Техеран, се анализираат и се очекуваат економските последици од конфликтот, предизвикани од поскапувањето на нафтата и на природниот гас. Веќе има турканици пред бензинските станици.
Меѓутоа, два ирански проектили, првиот што заврши во база на Кипар и вториот што НАТО-системите го пресретнаа над Турција, ги исплашија македонските граѓани од можна директна воена одмазда на иранскиот режим врз северноатлантските сојузници.
„Немаме иманентна опасност на наша територија“, тврди Пендаровски.
Така не се однесуваат државници
Иако тврдиот став околу промената на Уставот беше една од причините за убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2024 година, Пендаровски е изненаден што од позиција на власт, партијата не продолжила по европскиот пат.
Очекувал Мицкоски да го следи примерот на грчкиот премиер Мицотакис, кој, иако беше против Преспанскиот договор, откако дојде на власт, ги почитуваше меѓународно преземените обврски.
„Наместо тоа, нашиве двојно ја засилија реториката. Тоа не го прават државници, туку луѓе што сакаат да останат на власт.“
Ракетите со кои располага Иран, смирува тој, дури и оние што се закануваат дека ќе ги користат во иднина, не можат да надминат растојание од 2.000 километри, а притоа и да бидат прецизни.
„Максимум, зависно од која точка во Иран би биеле, би можеле да стигнат во близината на Софија.“
Во случај конфликтот да потрае, две точки во регионот се издвојуваат како критични.
Пендаровски, цитирајќи меѓународни безбедносни проценки, ја споменува базата Бондстил во Косово, најголемата американска воена инсталација во регионот, како и локација на јадранскиот брег, во близина на Драч.
„Тоа е малку познат податок за нашата јавноста“, објаснува тој, додавајќи дека на тоа место во Албанија практично згрижени се, живеат околу 3.000 опозиционери на иранскиот режим.
Медиумски извештаи, кои се повикуваат на информации од американските разузнавачки служби, информираа дека обидот да се поттикне незадоволство кај значителното курдско малцинство во Иран заради промена на режимот се случил дури неколку дена по нападот.
За нашиот соговорник, тоа е илустрација на лошо подготвена интервенција.
„Фактот што тоа не се направило претходно, туку дури откако нападот почна, е еден од директните докази дека интервенцијата е хаотична“, вели тој, објаснувајќи дека, според сите проценки, режимот може да биде соборен само од иранскиот народ, а за такво нешто нема индиции.

Американскиот напад нема дефинирани цели | Фото: БИРН/Емилија Петреска
Иран е консолидирана нација, која се темели на персиската цивилизација стара повеќе од два милениуми. Во вакви кризни моменти, тоа општество има тенденција да ги збие редовите, вели Пендаровски, наместо да се распадне како во племенски организираните држави, какви што се Либија и Сирија.
Како уште еден доказ за стихијноста на интервенцијата, тој го наведува и недостигот од јасно декларирани цели.
Во првите 24 часа од нападот, и американскиот претседател, и министерот за одбрана, Пит Хегсет, прво зборуваа за промена на режимот, а потоа за уништување на нуклеарните постројки.
Според Пендаровски, интервенцијата јасно го илустрира процесот на распарчување на меѓународниот поредок каков што го знаеме, процес што почна уште од првите денови на Трамповиот мандат во Белата куќа со недипломатски напади врз сојузниците, закани за преземање на Гренланд и анектирање на Канада, како и користење царини за изнудување на американските интереси.
Професорот не е изненаден што САД, како најголема светска сила, никогаш не се грижеле за меѓународното право, и, впрочем, сега тоа не е исклучок. Ново е што „првпат во изминативе 100 години, Америка не ги почитува обврските кон партнерите со кои политички, стратешки и воени спаѓа во иста организација“.
„Америка никогаш претходно не ги заобиколувала НАТО-партнерите, а сега го прави тоа. Не само во последнава криза, туку и со тет-а-тет разговорите со Путин за Украина.“
Аматеризмот на македонската дипломатија

„Кога во алијанса два пола не се согласуваат, мала држава не смее да го избере само едниот.“ | Фото: БИРН/Емилија Петреска
Македонската дипломатија, под водство на ВМРО-ДПМНЕ, е идеално синхронизирана со потезите на американската надворешна политика под Трамп, што се гледа и од експресната поддршка на бомбашките напади врз Иран.
Потег по потег, твит по твит, како Америка се дистанцира и дури се конфронтира со сојузниците од НАТО и ЕУ, во чекор ја следи Македонија, држава на тлото на најстариот континент со амбиции за влез во европското семејство.
Прашањето што се наметнува е, Македонија, во ваквите сложени глобални односи, како мала држава, можеби може да постапи поинаку, имајќи ја предвид огромната зависност од европскиот пазар.
„Апсолутно може, нужно е да ‘одигра’ поинаку“, вели Пендаровски.
Тука тој го гледа аматеризмот на македонската надворешна политика. Македонија беше првата држава во регионот и пошироко, која најрано ја поддржа интервенцијата, многу пред Еди Рама и Александар Вучиќ, кои, според нашиот соговорник, имаат далеку подобри односи со Трамп и со неговата администрација.
„Кога е очигледно дека во истата алијанса има два пола што не се согласуваат, мала држава не смее да го избере само едниот.“
„По дефиниција, тоа е ризично однесување“, одговара на дилемата дали стратегијава може да ѝ наштети на Македонија при аспирациите за ЕУ.
Патот кон Унијата, пак, е заглавен кај обврската да се внесат Бугарите во македонскиот Устав. Меѓутоа, неодамна, на телевизиско интервју, премиерот Мицкоски зборуваше за идејата што доаѓа од некои кругови на ЕУ за брз влез, без првично право на вето за Македонија и за земји од Западен Балкан, плус завојуваната Украина.

Пендаровски е изненаден што од позиција на власт, ВМРО-ДПМНЕ не продолжила по европскиот пат | Фото: БИРН/Емилија Петреска
„Идејата е небулозна зашто е невозможна без промена на фундаменталните документи на ЕУ, за што, пак, мора да се согласат сите членки.“
За иницијативата нема официјален документ. Но, според кредибилни европски медиумски анализи, таа нема поддршка од поголемите земји-членки на ЕУ. Напротив, се наведува дека потекнува од држави, како Унгарија, која, покрај проблемите со демократските стандарди, одржува блиски односи со Русија, и покрај агресијата врз Украина и често зазема спротивни позиции од безбедносните политики на Унијата.
Пендаровски, без да именува држави, вели дека идејата за брз влез во ЕУ без право на глас доаѓа од земји што би сакале во Унијата по скратен пат, без исполнување на обврските, да видат членки „слични на себе.“
„Тоа е детски начин на резонирање во политиката – и домашна, и меѓународна. Такво нешто нема да се случи.“
За поранешниот претседател Стево Пендаровски индикативно е кој сè ја поддржаал идејата.
„Тоа се влади од регионот, кои или преговараат со ЕУ – а тешко ќе стигнат до таму или сè уште не почнале да преговараат – а Бога молат никогаш да не влезат во Унијата.“

