Три со три

Пенов: Вардариште може и мора да се санира за 4 години

Интервју со поранешниот градоначалник и актуелен советник во Град Скопје

По повеќе од две децении, познато лице се врати во бараките кај Градскиот парк. Поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, повторно е дел од градската администрација, меѓутоа овојпат како советник.

Неговото искуство, заедно со улогата на опозиционер, го става во позиција да ги коментира првите денови од мандатот на Орце Ѓорѓиевски и да укаже на приоритетите во следните четири години.

По сериозниот изборен пораз на опозицискиот блок, со кој се асоцира Пенов, тој во краткиот разговор, за БИРН, прво го коментираше изборот на скопјани.

Помалку резигнирано вели дека Скопје гласаше како воздухот, сообраќајот и урбанизмот да се идеални и како комуналните услуги да се извонредни.

„Победи политичката опција што владееше во Скопје и во сите општини се потврдија старите градоначалници, освен во Карпош, каде што повторно доби доминантната политичка сила.“

„Значи, може да се изведе заклучок дека скопјани се задоволни од состојбата“.

Граѓаните не испратија сигнал дека сакаат поинаква опција, вели тој, па сегашниот распоред на силите во градот не остава простор да се наметнат политики различни од оние на ВМРО-ДПМНЕ.

БИРН: Како највозрасен советник ја водевте конститутивната седница. На што ќе ja насочите вашата енергија во Советот, имајќи го предвид долгогодишното искуство?

Пенов: За мене првиот приоритет е Вардариште. Не може да постои изговор да не се одвојат пари за дивата депонија во следните буџет и програми.

Според анализата за ревитализација на Вардариште, целиот процес чини 30 милиони евра и може да се заврши за четири години. Да се извлечат гасовите, да се тампонира и да се постави земја на која може да се садат трева и зеленило. За мене ова е приоритет број еден. Голем дел од загадувањето на воздухот доаѓа од Вардариште.

Акцентот ќе го ставам и на довршувањето на почнатите проекти. Мора да ги пуштиме двата моста, едниот кај улицата Љубљанска и другиот во близина на Ист гејт, кои и се готови. Тие ќе го растоварат сообраќајот, ќе се намали метежот и тоа ќе влијае врз квалитетот на воздухот.

Исклучително важни се пречистителната станица на Вардар, БРТ-системот и да се стави во функција подземниот тунел кај Лимак.

Ако сево ова се направи, тоа е доволно да живееме во поинакво и подобро Скопје. За среќа, првичните најави на градоначалникот се совпаѓаат со овие приоритети.

БИРН: Како очекувате да функционира градот со стилот на управување што од почетокот го наметнува новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој навестува микроменаџирање и концентрирање на целата моќ кај една личност? Под негова наредба се чистеше градот, уште непреселен во градот отпушташе работници од јавните претпријатија, промовираше нови автобуси на приватниците…

Пенов: E, сега затоа сме ние тука, да внимаваме на тоа. На почетокот на овој стил му давам „пас“ зашто навистина ѓубрето требаше да се исчисти и би прогледал низ прсти како за време на акцијата сите тие камиони дојдоа од други општини, од други претпријатија… зашто акцијата навистина беше потребна.

Меѓутоа, од Нова година ќе мора да се посветиме и на формалниот аспект, така не може да се продолжи. Мора да се внимава на процедурите и сè да функционира во законски тек.

Што се однесува до отпуштањата, во најголем дел станува збор за таканаречените „договорци.“ Претпоставувам дека има и од оние што не оделе на работа, како што вели градоначалникот, меѓутоа треба да се внимава овој процес да не се искористи за нови партиски војници.  Ако се сеќавате, судирот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска и тогашниот директор на градски Водовод од ВМРО-ДПМНЕ беше токму по линијата на партиски вработувања.

Ако тоа се случува, ќе мора да го кренеме гласот.

Во делот за новите педесетина автобуси – за ова може да се каже дека повеќе работеше пиарот зашто станува збор за замена на дотраени автобуси, а не на дополнителни нови возила.

БИРН: Kако ја коментирате ситуацијата во која се наоѓа опозицијата по тешкиот пораз и на последните локални избори?

Пенов: Врз резултатите на изборите влијаеше тоа што опозицијата и претходно го загуби угледот, меѓутоа проблем беше начинот и на кој се настапи на изборите.

Јас и денес не можам да го разберам настапот на СДСМ во Куманово. Зошто таму се инсистираше на својот кандидат, кој немаше големи шанси? Зошто не се поддржа независната кандидатка во Битола, која можеше да победи? Зошто го тргнаа Костадин Костадинов од Струмица? Тој можеби немаше да добие, но ќе имаше битка. Секаде каде што имаше битка, имаше и добри резултати – тоа го покажува и случајот со Крива Паланка.

И Карпош е таков пример. Навистина таму опозицискиот кандидат изгуби, меѓутоа се бореше, имаше битка и постигна добар резултат.

Некако, во повеќе општини, опозицијата и СДСМ дозволија да се разлеат гласовите.

Од друга страна, пак, и независните опции не соработуваа со партиите од опозицијата. Тоа го припишувам на нивното неискуство – несфаќањето дека изборите, меѓу другото, се и математичка операција.