Три со три

Пешева: Општините поактивно да се вклучат во контролата на кучиња

Интервју со Радмила Пешeва, директорка на ЈП „Лајка“

Локалните избори повторно го ставија во фокус проблемот со бездомните кучиња. Некои од кандидатите ветуваа инвестирање во поголеми стационари, додека други воопшто не ги спомнуваат бездомните животни во своите програми, иако глутниците кучиња по улиците одамна се голем проблем во главниот град.

Проценките се дека само во Скопје има помеѓу 4.000 и 5.000 улични кучиња, бројка, која како што објаснува Радмила Пешева, директорката на ЈП „Лајка“, не може да се реши само со стационар.

Причините, според неа, лежат во неодговорното сопствеништво, слабите закони и во недоволната ангажираност на општините.

Со неа разговараме за тоа зошто системот не функционира, кои се најчестите пропусти и какви законски измени би донеле трајно решение.

БИРН: Продолжува да расте бројот на бездомните кучиња. На што се должи тоа и кои се пропустите во системот?

Пешева: Основниот проблeм ни доаѓа од сопствениците на кучиња што не ги почитуваат законските одредби: не ги микрочипираат милениците, не ги стерилизираат/кастрираат, оставаат легла неконтролирано и неодговорно ги напуштаат кучињата.

Казните за напуштање миленик треба да бидат поголеми, затоа што сега ако затекнете домашно куче на јавна површина, „казната“ прво е едукација за сопственикот. А ако евентуално вторпат се случи, казната е 50 евра, која, ако ја плати во одреден рок, е половина од тоа, што не е никаква мерка.

Како активисти за животни се залагаме за забрана за еутаназија на здрави кучиња, како начин за решавање на проблемот, бидејќи, освен што е сурово, со убивање претходно никогаш не се решил проблемот. Секогаш се враќа затоа што вие практично имате чешма што продолжува да тече. Можеби ќе го „исчистите“ просторот за шест месеци, но со следната тура кучиња што граѓаните ќе ја исфрлат, проблемот се мултиплицира, особено кога тие ќе се размножат.

„Лајка“ треба да е само една помошна мерка, а основната мерка треба да се силни законски одредби и нивна имплементација, нешто што го немаме сега и со години наназад. Всушност, „Лајка“ ги лечи симптомите на неодговорно сопствеништво.

БИРН: Како ја оценувате свесноста на политичарите околу ова прашање и какви законски решенија сметате дека се потребни за да се реши овој проблем?

Пешева: Политичарите имаат свесност да го детектираат проблемот, меѓутоа мал број од нив вистински разбираат како настанува и која е нивната улога како градоначалници и општинари во сузбивањето на проблемот. Преку одредени механизми тие можат да помогнат, пред сѐ, едукациски, но и со вршење контроли. Затоа, апелираме програми да има во секоја општина.

Како претставник на невладин сектор и како директор на „Лајка“, сакам да кажам дека општините до сега не инвестирале доволно во оваа програма и во нејзиниот обем за да даде вистински резултати. Општините не биле до крај свесни за своите одговорности и ингеренции за контролирањето на уличните кучиња. Сите го префрлаат проблемот на Град Скопје и мислат дека бидејќи има јавно претпријатие, не треба да има кучиња.

Заеднички со Агенцијата за храна и ветеринарство, даваме наши предлози, кои ќе се внесат во Законот за благосостојба на животните за да се подобри контролата. „Лајка“ притиска да се дадат поголеми ингеренции на општините, со што би можеле да ги контролираат домаќинства за како да чуваат кучиња. Бараме, контролата на проблемот да се прошири на ветеринарни станици, на комуналните инспектори, општините да имаат задача да си ги попишат кучињата, да прават постојано пребројување на уличната популација, со што подобро би се контролирал обемот на нови кучиња.

Сметаме дека општините треба да помогнат со субвенционирање стерилизации/кастрации и државата да наплаќа данок за некастрирано куче бидејќи тоа претставува потенцијален комунален проблем. За проблемот придонесуваат и одгледувачите на (расни н.з.) кучиња, што е комплетно сива економија, каде што секој може да го прави тоа без никакви параметри за благосостојба на животните. За ова прашање нема никаква регулација и крајно време е да се направи тоа. Ова се некои од законските промени, кои моментално се подготвуваат со АХВ и кои ќе ги доведат во ред овие работи.

БИРН: Каков е методот на работа на „Лајка“?

Пешева: Методот по кој работиме и се смета за најекономски исплатлив работи по принципот на залови, стерилизирај, вакцинирај и врати на локација. Месечно се третираат 100-120 кучиња. Откако се заловени, се прегледуваат дали се здрави и се вакцинираат, се стерилизираат/кастрираат, се прочистуваат од ендоктопаразити, се прави тест за социјализација и доколку нема агресија, ги враќаме на локацијата од каде што се првично заловени. На тој начин, имате контролирана ситуација, враќате здраво, неагресивно куче, кое не може да остави свои легла.

Стерилизацијата/кастрацијата е клучна бидејќи прогресијата на размножување е голема: од една женка, за две години може да имате 200 кучиња, односно таа женка ако роди десет кучиња и тие во следните шест месеци дополнително да се размножуваат. Тоа се огромни, потенцијални последици од само една единка.

Целта е кучињата да остануваат што е можно пократко во стационарот, затоа што само така методот дава резултати. Процесот не треба да трае повеќе од 30 дена, но некои кучиња остануваат и подолго бидејќи од различни причини, како напуштено сопствеништво или агресија, не може да ги вратиме на улица.

Голем акцент ставаме и на вдомувањето на кучињата, затоа што тоа е и најдобра практична завршница,  кучето завршува во дом наместо на улица. Успеваме да вдомиме 20 до 30 кучиња месечно.