Вести

Петмина новинари загинаа во првиот месец од војната во Украина

Американскиот новинар Брент Рено во септември 2007 година. Фото: Мајкл Кимбер, координатор за специјални проекти, Democracy Now

Еден месец откако силите на рускиот претседател Владимир Путин ја нападнаа Украина, меѓу стотиците цивили што досега беа убиени се најмалку пет медиумски работници. Тоа ги засили стравувањата дека новинарите се намерно цел на нападите.

Оксана Баулина, руска новинарка што работела за независната информативна страница „Инсајдер“, е последната што беше убиена на почетокот на неделава.

Баулина, која пред да ја напушти Русија работеше за антикорупциската организација на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, „умре под оган во Киев“, објави во средата „Инсајдер“. „Таа го снимаше уништувањето откако руските трупи го гранатираа квартот Подил во главниот град“, се додава во соопштението.

Меѓународната организација за слобода на медиумите Репортери без граници, минатата недела го повика главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, кој ги истражува воените злосторства во Украина, да ги истражи и злосторствата извршени врз новинарите од страна на руските сили.

„Најмалку осум новинари или медиумски екипи беа намерно цел на руските сили или биле жртви на неселективно бомбардирање“, велат од Репортери без граници.

На 1 март, украинскиот снимател Јевхени Сакун беше убиен за време на руски напад врз телевизиска кула во Киев – еден од серијата наводно намерни напади врз радио и ТВ-кулите од почетокот на војната, со цел да се замолчат украинските медиуми.

Американскиот новинар и режисер Брент Рено загина на 13 март кога беше пукано врз автомобилот во кој патуваше со своите колеги во градот Ирпин.

Следниот ден, француско-ирскиот снимател Пјер Закржевски и украинската новинарка Олександра Кувшинова, кои известуваа за Фокс њуз, беа убиени при нападот врз нивниот автомобил во Хоренка, село на околу 20 милји од Киев.

Репортери без граници соопштија дека телевизиска екипа на британскиот Скај њуз, чешки тим од медиумот Вокспот, швајцарски новинар и екипа на ТВ Ал Араби, исто така, намерно биле цел на напади.

Неколку други новинари исчезнаа или беа приведени од руските сили од почетокот на војната, вклучително и Викторија Рошчина, репортер на украинската ТВ Хромадске, која беше ослободена во понеделникот по десет дена во заробеништво.

„Повеќе новинари, од почетокот на војната, исчезнаа или беа приведени под сомнителни околности, а овие инциденти служат само за малтретирање на печатот и задушување на независното известување“, рече Гулноза Саид, програмски координатор за Европа и Централна Азија на Комитетот за заштита на новинарите.

Двајца новинари на Асошиејтед прес, во опколениот пристанишен град Мариупол опишаа како успеале да избегаат од, како што веруваат, обид на руски војници да ги приведат поради нивното детално известување за постојаниот напад на Москва врз цивилни области, вклучително и убивањето деца.

„Имаа список со имиња, вклучувајќи го и нашето“, напиша новинарот на АП, Мстислав Чернов, откако тој и неговиот колега успеаја да побегнат.