Собраниската комисија за избори и именувања, во петокот го поништила огласот за избор на директор и заменик-директор на Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер, со што дополнително се пролонгира институционалниот вакуум во ова тело.
Претседателот на комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, за БИРН, вели дека одлуката е донесена бидејќи на огласот се пријавиле само двајца кандидати, кои не доставиле комплетна документација. Како што најави, нов оглас ќе биде распишан во текот на неделава.
Во меѓувреме, Агенцијата формално ги прима жалбите од граѓаните, но не ги распределува, ниту одлучува по нив, бидејќи, во отсуство на раководен кадар, нема законски овластувања за постапување.
Од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, денеска побараа од пратениците итно да именуваат раководни кадри бидејќи Агенцијата веќе еден месец практично не функционира.
„Со тоа се оневозможува целосното остварување на правото на граѓаните и сите заинтересирани страни на пристап до информации од јавен карактер, односно до начинот на кој јавните институции работат и ги трошат парите на граѓаните“, реагираат од Платформата.
Поништувањето на огласот дополнително ја пролонгира неизвесноста околу функционирањето на агенцијата. Собранието, одлуката за распишување на огласот ја донесе на 3 декември 2025 година, а рокот за пријавување беше 15 дена, што значи дека постапката формално завршила пред повеќе од еден месец.
Агенцијата, пак, уште на 18 ноември го известила Собранието дека мандатот на тогашната директорка Пламенка Бојчева истекува на 25 декември. По нејзиното заминување, односно еден месец, институцијата не постапува по нови жалби од граѓаните што се обраќаат кога институциите не им одговараат на барањата за информации.
По локалните избори во ноември, од позицијата заменик-директор си замина и Блерим Исени бидејќи беше избран за советник во Општина Куманово, со што агенцијата остана без двата раководни кадри.
Од Платформата за борба против корупцијата нагласуваат дека пристапот до информации од јавен карактер е клучен предуслов за транспарентност и отчетност на институциите.
„Пристапот до информации им овозможува на граѓаните да бидат информирани за своите права и обврски, да учествуваат во процесите на донесување одлуки и да бараат одговорност од властите. Тој е и една од најзначајните алатки за граѓанските организации, медиумите и истражувачките новинари во борбата против корупцијата“, се наведува во реакцијата.

