Интервјуа

Порано ги напаѓаа, сега ги игнорираат

Интервју со Снежана Камиловска-Трповска, членка на Советот за соработка на граѓанскиот сектор со владата

Поминато е времето кога од позиција на власт им се броеја парите на граѓанските организации и се компромитираа нивните донатори лепејќи им политички етикети, во обид да се докаже некаква партиска агенда скриена од јавноста.

Имено, не се толку далеку деновите кога во јавноста се промовираше слика за граѓанските организации како да се државен непријател. Во последната година од владеењето на Груевски се тврдеше дека „Сорос и УСАИД финансираат невладини организации за да ја дестабилизираат државата и да го нарушат политичкиот поредок“.

Следуваа долги финансиски инспекции во организациите и голема медиумска хајка против нив.

Од 2017 година, по падот на владата на Никола Груевски, кој го промовираше терминот десоросоизација, граѓанскиот сектор навидум како да заплови во мирни води.

Почна да функционира и Советот за соработка меѓу владата и граѓанскиот сектор, се донесоа заеднички стратегии, соработката беше пофалена во извештаите на Европската Унија, во кои се оценува годишниот напредок на Македонија.

Сега Советот не функционира бидејќи граѓанските организации ја бојкотираат неговата работа. Почетокот на бојкотот временски речиси се поклопува со доаѓањето на Димитар Ковачевски за премиер.

Снежана Камиловска-Трповска, членка на Советот, индиректно ја потврдува временската рамка.

„Во последнава година гледаме дека има многу нарушена соработка меѓу граѓанските организации и владата“, вели Камиловска- Трпевска во интервју за БИРН.

Парите се префрлија без никаков консултативен процес | Фото: Владо Апостолов

Советот за соработка меѓу граѓанското општество и владата, чија цел е унапредување на соработката, дијалогот и поттикнување на развојот на граѓанското општество е формиран со владина одлука во 2016 година, кога владата сѐ уште ја раководеше ВМРО-ДПМНЕ.

Но, вистински почна да функционира од 2018 година, кога на власт е СДСМ. Во него има вкупно 31 член. Петнаесет се вработени во администрацијата, а шеснаесет се од невладиниот сектор. 

Советот, во првите години од работата учествуваше во креирањето на владините политики што го засегаат секторот, а  ја подготвуваше и програмата врз чија основа се прераспределуваа парите од Генералниот секретаријат.

Членовите од граѓанскиот сектор почнуваат да ја бојкотираат неговата работа од лани, кога владата, без консултација со нив, одлучила парите наменети за граѓанскиот сектор да ги распределува Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците наместо Генералниот секретаријат на владата, кој со години го правеше тоа. 

„Тоа се случи без каков и да е консултативен процес“, вели Камиловска-Трповска, додавајќи дека ова Министерство има мошне тесни надлежности, а тоа е функционирањето на политичкиот систем и реализација на обврските што произлегуваат од Рамковниот договор.

„Во рамки на Министерството, на пример, нема прашања што се однесуваат на економскиот развој, прашања за корупција, за добро владеење, демократија, за, сепак, во повикот на ова Министерство, за 2022 да бидат опфатени и овие теми, кои не спаѓаат во надлежностите на самото Министерство“, вели Камиловска Трповска.

Оттаму и прашањето: „ врз која основа, на ова Министерство му се даваат надлежности што не се во негов опсег, а ќе може да распределува средства?“

Молк од владата

„Наместо зголемување, парите за граѓанскиот сектор се намалуваат “ | Фото: Владо Апостолов

За ваквата одлука барале објаснување и од владата. Од таму префрлувањето на ингеренциите за распределбата на парите го објасниле како „еден прост премин од еден буџетски корисник на друг, без некоја поголема буџетска импликација“.

Граѓанските организации, пак, сметаат дека прашањето е многу подлабоко и дека е дел од процесот на реорганизација на целата државна управа што владата го затворила и го води само преку министерствата, исклучувајќи го Советот.

Камиловска-Трповска децидно ја отфрла перцепцијата во дел од јавноста дека граѓанскиот сектор се буни само кога се во прашање парите и вели дека прашањето е принципиелно и далеку пошироко.

Всушност, зголемувањето на парите за граѓанскиот сектор е нешто на што се обврзала самата влада во стратегијата што е донесена во 2021 година, а се однесува на периодот до 2024 година. Но, наместо тоа, парите од лани почнуваат да се намалуваат.

„Кратењето на средствата ќе доведе до загрозување на секторот, особено на оние организации што директно зависат од ова државно финансирање. Имаме многу мали организации што опстојуваат со овие пари“.

Од она што може да го забележат од веќе усвоениот буџет за годинава, парите за граѓанскиот сектор продолжува да ги распоредува Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Игнорирани и за други теми

Бараат средба со премиерот за да го вратат дијалогот | Фото: Владо Апостолов

Но, за граѓанскиот сектор не е проблем само финансирањето, туку и речиси целосната исклученост од процесите во последнава година. Од кога почнуваат со бојкотот, владата продолжува да носи мерки, политики, па дури и измени на закони што ги засегаат без никаква консултација со нив, што „едно демократско општество што цели кон Европската Унија, не смее да си го дозволи“, оценува нашата соговорничка.

Една од тие измени е промената на законот за здруженија и фондации. Поттикнати од неколкуте организации на македонските Бугари што ги носат имињата на Цар Борис Трети и Ванчо Михајлов, ВМРО-ДПМНЕ  предложи организациите во своето име да не смеат да имаат имиња на „луѓе кои по која било основа се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх”.

„Самиот факт што во времето на донесувањето на измените и дополнувањето на законот за здруженија и фондации постои и постоеше активна група за измени на дополнувања на овој закон при Министерството за правда се доведува во прашање зошто мораше на политички ниво да се измени овој закон без да биде минимум консултирана работната група“, вели Камиловска-Трповска.

Иако од почетокот на бојкотот, граѓанските организации бараат, но не добиле одговор за средба, тие продолжуваат да инсистираат на средба со Ковачевски, убедени дека аргументите се на нивна страна.

Сѐ уште имаат верба во дијалогот и рационално решавање на недоразбирањата.

„Ја бараме таа средба со премиерот за да можеме да дискутираме, пред сѐ, за суштинските прашања и да видиме како може да ја воспоставиме таа соработка што веќе ја имаме детектирано како добра во изминатите години, сѐ со цел да се вратиме на тие основни демократски принципи на работење“.

Вербата во дијалог и рационално решавање е толкава што, како што вели Камиловска, не сакаат ниту да размислуваат на можноста дека на нивните барања нема да биде одговорено.