Седум мали партии, кои на последните локални избори се натпреваруваа за околу 200 советнички места во 15, главно мали општини – како Конче или Дебрца – не освоија ниту еден мандат, но и покрај тоа си обезбедија државно финансирање за следните четири години.
За тоа им беа потребни многу малку гласови, на пример 37 гласа во Конче, со кои според пресметката на БИРН, обезбедуваат годишен приход од околу 80 илјади евра.
Интересен факт за овие избори е што сите 33 партии и коалиции што учествуваа на нив, успеаја да го минат законскиот праг од најмалку еден отсто освоени гласови, со што си го обезбедија правото на државно финансирање.
Министерството за правда сè уште ги прави конечните пресметки за распределбата на државните пари за политичките партии, кои годинава ќе надминат рекордни девет милиони евра. Од таа сума, 70 отсто се распределуваат според бројот на освоени пратеници и советници, а останатите 30 отсто линеарно се делат меѓу сите партии и коалиции што освоиле најмалку еден отсто од гласовите на последните парламентарни или локални избори.
АНАЛИЗА
Државни пари за партии: Со сто гласа до 70.000 евра годишно
На тој начин, и мали партии, кои не се многу активни на политичката сцена, со многу мал број добиени гласови, влегуваат во системот на државно финансирање.
БИРН веќе пишуваше за оваа пракса, присутна и на последните локални избори.
Во коалиција и надвор од неа

Партијата самостојно настапи во Дебрца | Фото: Фејсбук страница на „Македонски концепт“
Илустративен е примерот со младата партија „Македонски концепт“, која во Дебрца, со 149 гласа го мина прагот од еден отсто, со што за првпат стекна право да добива државни пари. Основана од поранешниот член и дел од групата реформатори во ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојевски, на локалните избори коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ, со исклучок во малата општина, каде што настапи со своја советничка листа, барајќи ја поддршката од гласачите со програмата од пет точки за развој на „Славна Дебрца.“
Добиените гласови не обезбедија советничко место за партијата, ама беа и повеќе од доволни за да се мине законскиот праг на освоени гласови. Во Дебрца има регистрирано нешто под 4.000 гласачи, излезноста на овие избори беше 65 отсто, па право на државно финансирање можеше да се стекне и со само 26 гласа.
На сличен начин, пари за партијата си обезбеди и „Демократски сојуз“ на Павле Трајанов. На изборите коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ, ама во Конче настапи со самостојна советничка листа, за која доби 164 гласа. Со нив, не само што го мина изборниот праг, туку обезбеди и едно советничко место, кое носи и плус пари во буџетот на партијата. Идентичен е примерот и со партијата ПОДЕМ, на Живко Јанкуловски, со единствена разлика што нивната советничка листа беше во Росоман.
И кај коалициските партнери на СДСМ се појавија вакви примери. Партијата „Десница“, до пред некоја година позната како „ПЕП 21“, предводена од Билјана Јовановска, своја листа имаше само во Аеродром. Освоените 444 гласа не беа доволни за советничко место, но обезбедија државно финансирање надвор од коалицијата, многукратно поголемо од она што оваа партија го добивала од државниот буџет во изминатата деценија.
Многу пари – ист резултат

Лани во мај, на пример, Министерството за правда ја стопираше исплатата за 14 партии | Фото: Роберт Атанасовски
За работа на партиите се потребни пари, а целта на државното финансирање е да се намали нивната зависност од големите, приватни донатори, но и да се обезбеди фер политичка конкуренција. Тоа е оправдувањето и во Македонија каде што помалите партии немаат многу донатори, а и кога ги имаат, парите најчесто доаѓаат од нивите лидери или од високото раководство. Не собираат многу средства од членарини, па државните им се основни пари за работа.
Локалните избори им се посебно важни, бидејќи прагот од еден отсто се пресметува врз основа на резултатите во поединечна општина, а не на национално ниво по изборна единица, па во малите општини лесно се минува – доволно е да гласа семејството на оние што се на листата.
Оттука, бројката на партии и коалиции е двојно поголема на локални, отколку на парламентарни избори.
Проблемот се јавува што партии на овој начин функционираат со години, имаат активности само пред избори, а во меѓувреме никаде ги нема, што создава впечаток дека за дел од нив, главниот мотив за нивното формирање може да биде државното финансирање.
Ова е засилено од фактот што самите партии и немаат големи обврски во однос на трошењето на државните пари, освен таа дека треба да ги користат за партиските активности и да внимаваат на законските рокови за поднесување извештаи до институциите за да не им се стопираат исплатите.
Дури и оваа обврска дел од нив ја забораваат, но државата им дава можност за поправна.
Лани во мај, на пример, Министерството за правда ја стопираше исплатата за 14 партии, бидејќи не ги доставиле годишните извештаи за работа. Меѓу нив беше и „Македонска ера трета“, која законската обврска, од која ѝ зависеше исплатата на 80.000 евра, ја стори по предупредувањето од Министерството. Партијата, правото на државно финансирање го стекна во 2021 година, кога на локалните избори го мина изборниот праг во Новаци – со само 30 гласа.
Истото го стори и на изборите во 2025 година, кога освен во Новаци, прагот од еден процент го мина и во Прилеп, без да обезбеди свои претставници во локалните совети, што уште еднаш покажа дека државното финансирање, не мора да значи и подобар изборен резултат.
Слична приказна има и „Родина“, партија што едвај го мина изборниот праг и во 2021 и во 2025 година. На последните избори, „среќа“ имаше во три општини. Во Гевгелија доби 150 гласа, во Сопиште 40 и Конче 37 гласа, обезбедувајќи си државни средства за следните четири години.
Поголемото парче завршува кај големите партии

Парите кои Министерството за правда ги исплатило на 10 политички партии во 2025 | Инфографик: БИРН
Коалициите се вториот начин на кој малите партии доаѓаат до државни средства. Најчесто тие коалицираат со големите партии, со главна цел да обезбедат советничко место или, надвор од изборите, да добијат некое функционерско столче.
Кога настапуваат како коалиција, средствата од минување на изборниот праг од еден отсто за освоени гласови се делат меѓу сите партии од коалицијата, па затоа повеќето добиваат ронки. Или, ако има 10 партии во коалицијата, а годишната сума е 80.000 евра, тоа би значело дека секоја партија ќе добие по 10.000 евра, освен, ако меѓусебе не се договориле поинаку.
Единствените што не обезбедија право на државни пари по последните локални избори, беа 120-те независни граѓански листи, за советници и градоначалници во општините. Тие не се регистрирани како партија и немаат право на овие средства.

