Да ја опишувавме кандидатка за претседателка Гордана Силјановска-Давкова во само еден твит, што значи дека би имале ограничен број зборови, тогаш кусо би твитнале дека популарната професорка од скопскиот Правен факултет е изборот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата на која Никола Груевски сè уште е почесен претседател.
И тоа би било сè.
Меѓутоа, Твитер е ограничен медиум, и тоа го знае професорката, зашто неодамна самата отвори твитер-профил за потребите на кампањата.
Невозможно е во 280 букви да го „спакуваме“ профилот на академска професорка, во зенитот на својата професионална кариера. Taa имала повеќе општествени и неколку политички ангажмани и сега сака да стане мајка на нацијата.
На почетокот од 1990-тите беше министерка без ресор во првата влада на Бранко Црвенковски, по предлог на либералите на Стојан Андов, но луѓето најмногу ја знаат од телевизија.
Ја знаат како тивката и строга професорка од вечерните дебатни емисии. Онаа што секогаш мирно и екстензивно одговара на сложените прашања и поентира со помалку цинични насмевки и гестикулации.
Совршена кандидатка на опозицијата
Интересно е дека сето она што генерално ја прави несовршена по вмровски терк, во исто време ја чини одлична вмровска кандидатка во овој специфичен момент на првите избори по промената на уставното име.
Таа има сериозен минат труд во сферата на родовите политики, кои за Груевски и за неговите следбеници отсекогаш беа „некакви си таму права“ што ги спречуваат жените да раѓаат по минимум три Македончиња. Неубедлива е во кампањата да се прикаже како искрен верник со бакнување икона на Велигден и со благо егзалтираните изјави небаре е маченик од калибарот на Исус.
„Се чувствувам како да го носам најтешкиот крст“, напиша на својот фејсбук-профил, денот спроти големиот христијански празник.
Таа е жестока противничка на Преспанскиот договор и на новините во Законот за јазиците, а тоа во моментов е доволно за да се изгаси жедта на секој еден вмровски глас
Не крие дека министерката Рената Дескоска сè уште ѝ е блиска пријателка од факултет, а фактот дека денес се во спротивните табори, во интервју го објасни преку љубовта:
„Политиката, како и љубовта, е ирационална.“
Кога е соочена со новинарски прашања, срамежливо се оградува од политиките на претходната власт.
„Гревовите на ВМРО-ДПМНЕ, се гревови на ВМРО-ДПМНЕ“, по малку нервозно реплицираше во разговорот за Радио Слободна Европа пред првиот круг.
Меѓутоа, Гордана Силјановска-Давкова е жестока противничка на Преспанскиот договор и на новините во Законот за јазиците, а тоа во моментов е доволно за да се изгаси жедта на секој еден вмровски глас.
Конзервативниот гласач памети и дека таа беше против поделбата на општините по Рамковниот договор, со која практично се создадоа повеќе општини со албанско мнозинство, или како што професорката го опишува својот ангажман во 2004 и во 2005 година – била критичар на низа решенија во Законот за територијална организација.
Со својот професионален габарит, веројатно уште во првиот круг им донесе гласови на Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, на кои не можеа да се надеваат со кандидат од партијата.
Силна на свој терен
Професорката Силјановска-Давкова вешто ја академизира предизборната кампања за претседател.
Таа точно, до запирка, кажува кои процедури, според неа, се прекршени при потпишувањето на Преспанскиот договор, ама не се впушта во дебата дали е возможен подобар договор со Грците. Никогаш јасно, гласно и без „ама“ не го осуди упадот во Собранието на 27 април, но затоа, пак, на сите дуели го подучува Стево Пендаровски дека никаде во светот нема закон што предвидува селективна амнестија.
Ваквата тактика ја држи на безбедна дистанца од став за проблематични прашања и на полето на процедурите и правилата каде што доминира како експерт.
Неслучајно Пендаровски на секој дуел се обидува да ја извади од оваа комфор-зона, провоцирајќи ја дека не се кандидирала за декан на Правниот факултет или за уставен судија.
Професорски се однесува и во останатите елементи од кампањата.
Пендаровски на секој дуел се обидува да ја извади од академската комфор-зона, провоцирајќи ја дека не се кандидирала за декан на Правниот факултет
Силјановска-Давкова е поинаква од политичарите кои на митинзи гласно ги потенцираат паролите што ја палат публиката. Каде и да оди, во село или во град, таа држи говори што личат на амфитеатарски предавања, зборува на чист македонски јазик, со правилно акцентирање на зборовите и со акцентски целости.
На митингот во Пробиштип им раскажуваше на луѓето за Вилијам Гледстоун, англиски политичар и премиер од 19 век, а во Тетово им зборуваше за книгата „One land, two peoples“, посветена на конфликтот во Палестина.
Нема телевизиско појавување, а да не го спомне латинскиот термин „јус когенс“ или некој друг израз од книгите со тврд повез што често ги носи на интервјуата.
„Нацијата како демос, а не како етнос“, е нејзина често повторувана заложба.
Во кампањата не испушта можност да го промовира својот солиден англиски, спомнувајќи ги насловите на книгите во кои објавила трудови долги и по четириесетина страници.
Воопшто не ѝ беше проблем пред сите на ТВ-дуел да му се извини на Пендаровски за спорниот рекламен спот што го пушти нејзиниот штаб, а за разлика од оној на Мицкоски, нејзиниот говор вечерта на 21 април беше соодветен и лишен од партиски триумфализам.
„Синоним за знаење“
„Јас како професорка по право“, „Јас како легалист“, „Јас како меѓународен експерт за избори“, „Јас важам како критичар на…“, со ваквите фрази, често себеси се става на централното место во репликите кон противкандидатите и новинарите.
Одговорите во дебатите и на интервјуата ги засилува со анегдоти дека некогаш и негде воодушевила, премислила или убедила професор од Харвард, Колумбија или некој колега „познат конституционалист“.
„Јас како професорка по право“, „Јас како легалист“, „Јас како меѓународен експерт за избори“, „Јас важам како критичар на…“
Во кандидатското „си-ви“, долго 19 чукани страници, се навраќа дури до средношколските денови, кога на републичко ниво составила најдобар есеј за природата. Таму напишала и дека е еден од најомилените професори на Правниот факултет, со верификација на студентски избор за најинспиративен професор во 2016 година.
За последново потсети и на вториот дуел на МРТ, одговарајќи на прашањето зошто таа би требало да биде претседателка, додавајќи триумфално:
„Jас сум синоним за знаење и за меритократија.“
Во едно лајф-стајл интервју пред изборите, меѓу редови, аргументираше дека за супериорноста има некоја предодреденост и во гените. На новинарката ѝ објасни дека е вегетаријанка, и покрај тоа што ѝ „велеле дека нејзината крвна група била примарната и дека луѓето со таа крвна група претпочитале месо“.
Кампањата ѝ е неприродна средина
Гордана Силјановска-Давкова речиси секогаш во дебатите и на митинзите тешко „слетува“ од високопарните дебати за правдата и правото врз темите што не ѝ се специјалност, како, на пример, економијата.
На телевизиски дуел, двапати ги изброја странските инвестиции во илјади, наместо во милиони, убивајќи го секој сомнеж дека првиот пат можеби направила лапсус.
На критиките за недоволна дистанца од партијата што долго промовираше недемократско владеење, таа одговара дека доволен доказ оти ВМРО-ДПМНЕ се демократизирала е тоа што ѝ ги отворила вратите за кандидатура.
Неубедлива е и во обидот да докаже дека сериозно ѝ пркосела на власта на Груевски.
Некритички ја прифаќа реториката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ја обвинува оваа власт за авторитарно владеење
Ги спомнува учествата во Професорскиот пленум и во Венецијанската комисија, меѓутоа тука некаде почнува и завршува нејзиниот активизам во тоа исклучително тешко време за кревката македонска демократија.
Некритички ја прифаќа реториката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој, пак, сега ја обвинува оваа власт за авторитарно владеење и за прогон.
„Нашиот живот под нивната власт е како во Орвеловата 1984“, се пожали Силјановска-Давкова на митингот во Делчево.
Иако се одлучила да користи „удари под маса“, сепак, се чини дека ѝ е непријатно кога од ливче ги чита сугестивните и манипулативни прашања за Пендаровски, поврзани со непопуларните полициски акции од 1990-тите, во кои страдаа Албанци. (Гостиварските настани, случувањата околу Тетовскиот универзитет и инцидентот на Бит-пазар).
Три предизвици
Кандидатката за претседателка си даде сериозна задача, пред вториот круг на гласањето, соочена со микроскопското водство на Пендаровски. Ги придоби очекуваните гласови и сега бара поширока поддршка буквално на сите страни на политичкиот компас.
Таа се амбицира да ги убеди членовите на „Бојкотирам“ дека нема да го легитимира Преспанскиот договор со тоа што ќе стане претседателка на Северна Македонија, побратимски да им објасни на Албанците дека има и поважни работи од Законот за јазиците и да им „нацрта“ на „шарените“ дека победата на ВМРО-ДПМНЕ во пакет со предвремени парламентарни избори не значи и враќање на груевизмот.
Ова се тешки предизвици, ама професорката знае дека политиката е како и љубовта, ирационална.