Анализи

Протокол со Бугарија: Македонија ќе спрема нов закон за отворање архиви

Со закон сите досиеја на жртвите на поранешниот систем ќе бидат јавно достапни, дознава БИРН

Македонската влада ќе спреми нов закон, со кој ќе се овозможи отворање на сите досиеја од 1945 до 1991 година досега, со што тие ќе бидат јавни и достапни за сите, дознава БИРН.

Станува збор за решение со кое ќе се испочитува обврската од протоколот што го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска.

Во него се прецизира дека „сеопфaтната правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и военото разузнавање и контраразузнавање“ би требало да биде готова за една година.

Пет институции, три различни одговори, префрлување на одговорноста и две премолчувања, е рекапитуларот од еднонеделната потрага по одговорот –  каде се архивите што Скопје се обврза дека целосно ќе ги отвори, согласно протоколот меѓу Македонија и Бугарија?

Во актуелниот закон, архивскиот материјал е јавно достапен по истекот на 20 години од неговото создавање. Но, тоа не важи за архивите што се однесуваат на „разузнавачката и безбедносната дејност“ за што се предвидува да бидат достапни сто години по нивното создавање.

Сегашниот закон предвидува досиејата што се декласифицирани во рамки на процесот на лустрација да можат да ги видат само лично следените или нивните роднини.

Информацијата дека ќе има нов закон, прв ни ја соопшти пратеникот Павле Трајанов, чија партија Демократски сојуз е дел од владејачката коалиција.

„Според нашите информации, веќе се спрема нов закон, со кој ќе се овозможи сите досиеја да бидат целосно јавно достапни за сите заинтересирани“, вели Трајанов.

Владини извори за БИРН ја потврдуваат информацијата, а официјално одговараат воздржано. Нагласуваат дека има доволно време за имплементација на овој дел од протоколот за „добро да ги дефинираме работите и да ги канализираме, за тие на најдобар начин да се реализираат“.

Најавуваат дека по летните одмори ќе дискутираат за ова прашање и дека во процесот „ќе вклучат повеќе институции“.

Ваквата воздржаност на власта се рефлектира и во транспарентноста на надлежните институции.  

Пет институции, три различни одговори, префрлување на одговорноста и две премолчувања, е рекапитуларот од еднонеделната потрага по одговорот –  каде се архивите што Скопје се обврза дека целосно ќе ги отвори, согласно протоколот меѓу Македонија и Бугарија?

Сѐ што има Државниот архив е веќе достапно

Министрите за надворешни работи на 17 јули во Софија го потпишаа протоколот | Фото: МНР

По потпишувањето на протоколот, нејаснотии има и каде се документите што официјална Софија инсистира дека треба да бидат јавно достапни. Потрагата беше логично да почне во Државниот архив. Но, во тесната зграда на скопскиот кеј, во која се наоѓа оваа институција, нѐ дочекаа со веќе објавени досиеја.

Државниот архив досега има добиено околу 36.000 досиеја за следени луѓе од 1945 до 1990 година

Од таму велат дека досега имаат добиено околу 36.000 досиеја за следени луѓе од 1945 до 1990 година. Најголемиот дел од нив се добиени од затворот во Идризово и помал дел од Министерството за внатрешни работи.

Досиејата им се доставени во рамки на процесот на лустрација, која се спроведуваше во земјава минатата декада. Сега, сметаат дека ова што е потпишано во протоколот со Бугарија не се однесува на нив зашто тие досиеја веќе се отворени, а голем дел од нив и се објавени во 2016 година, во десеттомната едиција на архивот, наречена „Црните страници на УДБА“.

Станува збор за обемно издание, во голем формат на 13.000 страници.

Од таму нѐ упатија во Министерството за внатрешни работи, за кое  посочуваат дека има некаква пракса да не им предава сѐ што поседува.

По кратките консултации во МВР, тие рекоа дека ги предале архивите во Агенцијата за национална безбедност и во Агенцијата за разузнавање.

Во агенцијата за разузнавање нема, АНБ молчи

Затвроски казни за оние што ќе ја нарушат приватноста

Архивите порано биле во УБК, а сега се во МВР, тврдат соговорниците

Неофицијални извори од Агенцијата за разузнавање велат дека тие немаат ништо кај нив и дека таквите досиеја секогаш се чувале во МВР и во Управата за безбедност и контраразузнавање, која сега е трансформирана во Агенција за национална безбедност (АНБ).

„Во раните деведесетти години, досиејата се качуваа во камиони, се изнесуваа од МВР и се палеа на други локации“, тврди Павле Трајанов

И покрај обидите да добиеме одговор, не стигнаа објаснувања на прашањето дали архивите се во АНБ. БИРН прати прашања и на официјалната електронска пошта на агенцијата, а се обиде да стапи во контакт и со директорот Виктор Димовски, но не добивме одговор.

Трајанов, кој и самиот има големо искуство како вработен во Министерството за внатрешни работи со кое и раководеше од 1998 до 1999 година, вели дека огромен дел од досиејата се уништени, а малиот дел што останал бил микрофилмуван и се чувал во МВР. Сега и тој смета дека би требало да се наоѓа во АНБ.

„Во раните деведесетти години, досиејата се качуваа во камиони, се изнесуваа од МВР и се палеа на други локации“, тврди Трајанов.

„Црните страници на УДБА“ веќе нудат некои одговори

Едицијата „Црните страници на УДБА“ може да се купи во Државниот архив | Фото: БИРН

Во меѓувреме, слика за тоа како работеле службите во минатиот систем јасно дава едицијата „Црните страници на УДБА“, која може да се купи и да ги прочита секој заинтересиран.

Досиејата се објавени во рамки на процесот на лустрација, кој требаше да ги открие соработниците на поранешниот разузнавачки апарат. Поради тоа предизвика контроверзии во јавноста бидејќи лустрацијата се сведе на пресметка со политичките неистомисленици.

Но, тие откриваат и многу повеќе од имињата на соработниците. Меѓу другото, тие фрлаат светлина и врз тоа колку многу се навлегувало во детали од животот на следените, во нивната приватност. Па, дури слика за следените се креирала и врз основа на тоа кои и какви книги читаат.

Бугарија одамна бара рехабилитација на жртвите од комунизмот во Македонија. Тоа најпрецизно го наведе во објаснувачкиот меморандум што во септември 2020 година го испрати до земјите-членки на Европската Унија

Всушност, заедничко за сите дваесетина следени, чии досиеја се објавени во само еден том, е што биле соработници со поранешниот лидер на ВМРО, Ванчо Михајлов. Тогашната власт, сѐ уште со свежи сеќавања од војната, почнала да ги следи од 1945 година, и тоа во некои случаи било така сѐ до 1990-тите.

Дел од следените биле и осудени и одлежале затвор, а по излегувањето се вработиле. Некои од нив станале и раководители и директори, а службите продолжиле да ги следат.

Доушниците ги чекале пред работа, па ги распрашувале за тогаш актуелни геополитички прашања и правеле службени забелешки, на пример, и за тоа што мисли некој за кубанската криза во односите со Соединетите Американски Држави во 1962 година.

Други, пак, биле провоцирани да кажат мислење за говор на Јосип Броз Тито за економските мерки и ако имале негативно мислење за преземеното во Југославија, веднаш завршувале во записник.

Бугарија одамна бара рехабилитација на жртвите од комунизмот во Македонија. Тоа најпрецизно го наведе во објаснувачкиот меморандум што во септември 2020 година го испрати до земјите-членки на Европската Унија, во кој ја објаснува својата позиција во однос на Македонија.

Во тој документ, меѓу другото, се тврди и дека архивите во Македонија, од периодот меѓу 1944 и 1946 година, содржат информации за повеќе од 20.000 луѓе што се идентификувале како Бугари, кои биле егзекутирани, а 100.000 „биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови“.