Влатко Ѓорчев вчера беше насекаде. Го грабаа за ракав долу пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ барајќи му да го каже она неговото „победивме овде, победивме онде“. Се прегрнуваше, спортски се поздравуваше со сите и од нога даваше изјави на линк.
Овојпат го имаше и во прес-центарот горе на првиот кат од Белата палата. Седеше на столче до една огромна „масло на платно“ слика со пресериозен мотив од револуционерната историја и „на барање на публиката“ дофрлаше резултати.
– Влатко, а како е во Штип?, го прашаа новинарите.
– И во Штип победуваме, без да размисли одговори, нурнат со погледот во мобилниот.
„Интимно знаев дека ќе имаме многу добар резултат. Бев на терен, го почувствував тоа“, ни рече тој, не успевајќи да ја скроти еуфоричната насмевка.
Нешто по 21 часот веќе пристигнуваа вестите дека ВМРО-ДПМНЕ е пред победа уште во првиот круг во неколку големи градови, како Прилеп и Охрид и во дел од скопските општини. Триумфот во малите места веќе беше апсолвиран.
„Победивме во Чешиново – Облешево… “, на шега ни дофрли Влатко Ѓорчев, имитирајќи се себеси од минатото.
На плоштадот пред штабот веќе се славеше. Момчиња со црвени факели в раце ја обиколија фонтаната на чиј врв има статуа од партискиот лав. Пред влезот на палатата свиреа зурли и тапани. „Македонско девојче“ беше на репертоарот.
Надвор видно расположена, раздвижена, коментирајќи ги резултатите беше актерката Јелена Жугиќ, дојде и брачната двојка Тарчуловски, таму беше и Александар Пандов, а на влегување во палатата со сите се поздрави и поранешниот градоначалник Коце Трајановски.
„Никогаш северна, само Македонија“, скандираше партискиот подмладок за време на музичката пауза.
Дваесетина метри подалеку од оваа сцена на истиот плоштад е сместен локалниот огранок на СДСМ. Неонските светла и отворениот прозорец беа единствената трага дека таму вчера, сепак, имало некој.
Резултатот на Водно како лакмус
Славењето на ВМРО-ДПМНЕ не прерасна во општа прослава по улиците, како што тоа било во минатото, се „лумпуваше“ само околу седиштето.
Белата палата за првпат ги дочека симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и новинарите на изборите во 2016, на кои партијата извојува „пирова победа“, ја изгуби власта, иако освои најмногу пратеници. Оттогаш „судски замрзнатата“ зграда не ѝ носеше среќа на партијата. ВМРО-ДПМНЕ со палатата „Христо Татарчев“ ги изгуби локалните избори во 2017 година, претседателските и ланските парламентарни избори.
Почетокот на предизборната вечер ни малку не ја навестуваше еуфоријата што следеше. Одложениот крај на предизборниот молк поради проблемите со фингерпринт-апаратите, за половина час ја помести најавената прес-конференција.
Посебен штаб за Арсовска
Данела Арсовска, кандидатката за градоначалничка на Скопје, ја пропушти партиската веселба. Таа и уште неколкумина нејзини соработници, изборната ноќ ја минаа во мини-штабот на улицата Македонија, стотина метри зад седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
На неа се зборуваше за нерегуларностите на изборите – се спомнуваа обиди за поткуп, бугарски воз, заплашувања и кршење на изборниот молк.
Првата неофицијална информација дека ВМРО-ДПМНЕ води „три наспрема еден во Лисиче“ никој не ја зеде за релевантна во однос на вкупниот резултат, зашто оваа скопска населба е партиски бастион со децении. Меѓутоа, податокот за победа во четири изборни единици на скопско Водно беше нешто сосема друго.
„Водиме во школото ‘Кочо Рацин’.“
„Ако вака е на Водно, може само да замислиме како е на другите места“, гласеше кратката анализа на присутните партиски активисти.
Анализите бргу се претворија во првични резултати за кои брифираше пратеникот Миле Левков.
„Победуваме во Ѓорче,
победуваме во Аеродром,
победуваме во Гази Баба,
победуваме во Кисела вода,
водиме во Бутел…“, пишуваше на неговото ливче.
Прашан за Велес, пратеникот рече дека таму се „буткаат на раце со СДСМ“.
Пред 21 часот, прес-центарот веќе почна да се полни. Срдечните прегратки меѓу партиските членови навестуваа дека победничката еуфорија само што не се симнала со лифт од аналитички центар на горните катови.
„Во Хром ги згазивме“, од возбуда мутиран глас довикнуваше од ходникот.
„Воскресение, брат. Потоп!“, едно момче со библиски речник, симнувајќи се по скалите преку телефон го информираше пријателот за позитивниот резултат на нивната партија и за лошиот „скор“ на СДСМ.
Тогаш во спротивен правец, горе кај новинарите и кај камерите се качија кандидатите за градоначалници во скопските општини. Доаѓаа еден по еден, насмеани од уво до уво. Луѓето што веќе беа во просторијата, бурно ги поздравија.
Мицкоски, подоцна, на завршниот прес, токму нив ги нареди на сцената зад себе, веројатно сакајќи преку слика да ја испрати истата порака што ечеше цела вечер во и надвор од зградата:
„Цело Скопје, вмровски град!“
Во прес-центарот имаше многу обични членови и некои од ликовите што редовно ги гледаме на прес-конференциите. Се појавија и партиски функционери што сме ги подзаборавиле. Таму беа некогашниот портпарол Александар Бичиклиски и поранешниот пратеник и амбасадор Оливер Шамбевски – луѓе од „ерата“ на Никола Груевски.
Груевски не само што го немаше затоа што е во Будимпешта, туку ги нема веќе ни десетиците негови врамени фотографии, кои беа густо, една до друга, испозакачени на ѕидовите по ходниците.