Анализи

„Пушти-фати“ дигитализација на образованието

Како стигнавме од „Компјутер за секое дете“ до 40.000 деца без компјутер 

Секој седми ученик во Македонија не може да ја следи онлајн-наставата што почна на 1 октомври зашто нема електронски уред – компјутер, таблет или паметен телефон. Ова е состојбата на терен откако владата одлучи учениците од четврто одделение, па нагоре да ја почнат учебната година учејќи од дома со еден месец задоцнување.

Вкупно 40.000 основци и средношколци, за разлика од своите соученици, треба да следат снимени предавања на еден од новите канали на Македонската радио-телевизија или да учат од печатените материјали што ќе им ги даваат учителите.

Телевизиските вести се полни со прилози во кои родителите креваат раменици и не знаат што да прават со своите деца. Тоа се оние ученици што живеат во сиромашни и социјално загрозени средини или во повеќедетни семејства, каде што неколку деца треба да следат настава одеднаш.

Она што не се знае е бројот на родители кои во меѓувреме позајмиле некаков уред или купиле компјутер на кредит за да можат нивните деца рамноправно со другарите да ја следат наставата, која инаку би требало да е бесплатна.

Предизвици има и за децата што секој ден успеваат преку интернет да се поврзат со своите наставници.

Тие првпат се соочуваат со учење преку компјутер, националната платформа сè уште не проработела секаде и се користат алтернативни алатки. Квалитетот на наставата понекогаш зависи од тоа дали во одредено населено место снемало струја или во некој дом токму сега се расипал рутерот и нема интернет.

Оваа „шарена“ слика во образованието е резултат на повеќе пропуштени шанси тоа да се осовремени и да се дигитализира, со што учениците и наставниците би ја пречекале поподготвени оваа криза денес и би се исполнила просветителската идеја запишана во нашиот Устав дека образованието треба да биде еднакво достапно на сите.

Имаше време, а има и начин

Секој седми ученик не може да присуствува на онлајн-наставата | Фото: МИА

Премиерот Зоран Заев и министерката за образование Мила Царовска тврдат дека постапката за набавка на 40.000 компјутери или таблети за децата, кои немаат ИТ-уред за онлајн-настава, би траела до април и затоа отпаѓа опцијата државата да ги купи за нив.

Десетина дена пред почетокот на учебната година, Царовска додаде и уште еден аргумент за оваа одлука, а тоа е дека тешко е толку уреди да се најдат во регионот за кусо време.

Последната голема набавка на лаптопи за учениците навистина траеше седум месеци, од ноември 2008 до јуни 2009 година, запазувајќи ги сите тендерски процедури, додека познавачите на ИТ-трговијата потврдуваат дека 40.000 уреди се навистина многу за пазар како регионалниот и трговците не можат веднаш да ги набават.

Меѓутоа, македонската влада имаше и време и начин да го реши овој проблем, и тоа во летниот период додека ресорот образование го водеше кадарот од ДУИ, Арбер Адеми.

Уште во мај и во јуни, сите домашни и странски здравствени авторитети предупредуваа на есенски бран од вирусот корона, а некои предвидувања укажуваа дека тој ќе биде дури посилен од пролетниот.

„Наесен се очекува втор бран на вирусот корона“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција на 19 мај годинава.

Еден месец подоцна, Филипче даде слична изјава, прогнозирајќи го она што денес навистина се случува – дневна динамика од околу 500 новозаразени со исклучително висок процент на позитивни случаи од направените тестови.

„Есенскиот бран на ковид 19 може да биде многу поголем предизвик и од првиот и од вториот бран“, изјави министерот при крајот на јуни годинава.

Слични коментари стигнуваа од сериозната научна јавност во Европа и во САД.

„Голема е веројатноста дека ќе доживееме втор или евентуално повеќе бранови оваа есен и зима, со потенцијален врв околу октомври или ноември“, во мај предупредија експертите од целиот свет.   

Затоа прашање е зошто претходникот на Царовска, Арбер Адеми, но и владата не го искористија летото за сериозни подготовки на настава од далечина, особено што има решение и за долгите тендерски процедури.

Неуспехот на државата да ја „закрпи“ технолошката дупка од 40.000 компјутери во овој период е само крајот на една неколкудецениска приказна исполнета со повеќе пропуштени шанси македонското образование целосно да се осовремени

Ванчо Орданоски, сопственик на една од најстарите ИТ-фирми во Македонија – „Инфопроект“, смета дека проблемот со 40.000 деца без уреди можел да се премости со ваучери за компјутери (таблети, мобилни) и со евтин интернет што би го договорила владата со телеком-операторите.

„Имаше и сè уште има начин како да се набават уреди за децата што нема преку што да следат онлајн-настава. Тендерската процедура навистина е долга, меѓутоа многу побргу тој проблем би се решил со ваучери. За некои 300 евра се купува компјутер или друг уред преку кој може да функционира наставата. Македонија навистина не е богата држава, ама овие пари може да ги обезбеди. Бројката од 40.000 е голема за пазар како нашиот и можеби веднаш нема сите да купат уред, ама, сепак, бргу ќе се набават компјутерите“, вели Орданоски.

Тој потенцира дека, исто така, е важно, ако евентуално се издаваат ваучери, да се врзат со минимум конфигурација, за да не може трговците да им продадат неупотребливи уреди. И да имаат гаранција и обезбеден сервис.

„Зашто полесниот дел од работата е да се потрошат парите и да се купат компјутерите или таблетите, потешкиот е да се одржуваат. Во малите места и во селата во Македонија нема кој да ги поправи тие уреди доколку се расипат, па затоа и пропадна проектот „Компјутер за секое дете“, немаше кој да ги одржува компјутерите на локално ниво. Тоа е како да купите автомобил, ама да нема кој да ви го смени маслото. Тој бргу ќе стане неупотреблив.“

Со ваучерите, вели Орданоски, би им се помогнало и на фирмите што тргуваат со ИТ-опрема. Нема една компанија да го земе тендерот, туку парите ќе се дистрибуираат насекаде и луѓето ќе одберат од каде ќе купат уред.  

„Државата, исто така, може да помогне околу интернетот. Да претпоставиме дека од тие 40.000 деца што немаат уред, некои 25.000 потекнуваат од оние социјално најзагрозените и немаат ни интернет. Не гледам зошто телеком-операторите не би излегле во пресрет за толкава бројка нови корисници да понудат поевтин интернет, кој, нормално, би го платила државата. Тоа и технички се изведува со СИМ-картички, таму каде што нема инсталирана интернет-мрежа.“

Ваков начин на набавка на компјутери наменети за ученици не би бил новост кај нас, во блиското минато државата обезбедуваше ваучери за студентите.

Скапото фијаско наречено „Компјутер за секое дете“

Кратко време имаше компјутер пред секое дете | Фото: Роберт Атанасовски

Неуспехот на државата да ја „закрпи“ технолошката дупка од 40.000 компјутери во овој период е само крајот на една неколкудецениска приказна исполнета со повеќе пропуштени шанси македонското образование целосно да се осовремени.

Стратегии и визии на хартија не недостасувале, на пример постои документ што се вика Нацрт-програма за развој на ИКТ во образованието (2005-2015). Имало и поединечни и сериозни напори од државата за дигитализација на образованието, но она што недостасувало е планирање и истрајно спроведување на замислата – од хартијата в училница.

Релативно рано уште во 1986 година, во Македонија е воведен предметот Информатика, додека првата посериозна компјутеризација на училиштата се спровела во 2002, кога Кина донирала 6.000 компјутери за школите по инцијатива на тогашниот претседател Борис Трајковски.

Во наредниот период, компјутеризацијата ќе се сведе само на донации, без конкретна акција од државата. Така беше сè до 2007 година, кога владата предводена од тогашниот нов премиер Никола Груевски набави 100.000 компјутери за сите деца во училиштата.

Проектот беше амбициозно наречен „Компјутер за секое дете“, меѓутоа денес, 12 години подоцна речиси и да нема функционален компјутер од овој проект. Тоа е разбирливо бидејќи животниот век на компјутерите е покус од една деценија, меѓутоа малку од децата денес имаат компјутер во училиштата. 

Проектот пропадна, пред сѐ, зашто не се воспостави систем на сервис, одржување и надградување на компјутерите и не се истраја во создавањето компјутерски програми за училишните предмети и на алатки за учење од далечина, иако проектот ги предвидуваше.

„Набавивме компјутер за секое дете, што беше вистински потег, иако многумина нѐ исмејуваа“, гордо изјави Никола Груевски во 2011 година од позиција на премиер.

Тогаш ВМРО-ДПМНЕ и самиот Груевски често го користеа проектот во политичкиот пиар.

Политичкиот пиар ја засени реализацијата на проектот „Компјутер за секое дете“ | Фото: БИРН\В.А

„Ќе се срамат пред своите внуци кога еден ден децата ќе ги прашаат зашто не сакаа да има споменици на славни историски личности за кои учат во училиштата, а ќе немаат одговор ни на прашањето од своите деца дали тие го обезбедија компјутерот пред секое дете“, вака зборуваше Груевски истата таа 2011, алудирајќи на тогашната опозиција.

Меѓутоа, се чини дека целата енергија се потроши на набавката и на промоцијата на проектот, а потоа компјутерите стихијно паднаа во заборав. Од училниците се префрлија во подрумите, а во меѓувреме беа мета на крадци.

Во периодот од 2007 до 2009 година, државата купи 65.000 мали – десетинчни лаптопи за наставниците и за децата од прво до трето одделение, како и онаа главната набавка од 100.000 десктоп-компјутери.

„Од наставниците само јас го користев лаптопот, помлад сум и се разбирам во компјутери. Меѓутоа, ретко го користев за предавања, ќе им покажев некоја слика на децата и толку, претежно во него чував документи што ми требаа“, вели наставник во едно од подрачните училишта во скопскиот регион.

Тој не помни дека децата воопшто ги користеле компјутерите и вели дека тие бргу биле „тргнати на страна“.

„Многу се крадеа мауси и тастатури, зашто тогаш таа опрема сè уште беше скапа. Сега нема ниту еден од тие компјутери, пред година или две фрливме стотина монитори од школскиот подрум“, вели нашиот соговорник.

„Компјутер за секое дете“ пропадна зашто не се воспостави систем на сервис, одржување и надградување на компјутерите и не се истраја во создавањето компјутерски програми за училишните предмети и на алатки за учење од далечина

Визијата на Груевски беше поинаква.

„Вистинските придобивки ќе се идентификуваат по пет, шест или повеќе години, кога ќе дојде до промена на генерации и на чело на државата ќе дојдат компјутерски образованите генерации“, прогнозираше експремиерот.

Уште на самиот старт од проектот, првите забелешки беа дека почнува наопаку – прво требало да се направат компјутерски програми што децата би можеле да ги користат на компјутерите и да се подготват техничките услови во училиштата.

 На тоа подоцна ќе укаже и Државниот завод за ревизија.

„Поради ненавремено обезбедените услови за инсталација на набавените компјутери во училиштата од проектот ‘Компјутер за секое дете’, тие се складирани во неколку државни складишта и, во согласност со условите од договорот склучен со набавувачот, доцнењето на инсталацијата го намалува гарантниот рок на компјутерите“.

Не беше проблем само гарантниот рок. ИТ-индустријата се развива со брзина на светлината и со секој ден поминат во подрум компјутерите застаруваа и губеа од својата цена.

Контроверзии предизвикуваше и сумата што беше потрошена за „Компјутер за секое дете“.

Денес не може точно да се пресмета колку чинел овој проект, а калкулациите на медиумите уште пред десетина години одеа до бројката од 60 милиони евра. 

Компјутерите и другата информатичка опрема за училиштата ги купуваше Министерството за информатичко општество под раководство на министерот Иво Ивановски.

Според извештаите на медиумите, главната набавка на 100.000 десктоп-компјутери за учениците чинела 24 милиона евра и била договорена во 2007 година со кинеската компанија „Хајер“, меѓутоа детали за оваа набавка денес не можат да се најдат во архивата на Електронскиот систем за јавни набавки, бидејќи тој почна да функционира од 2008 година.

Сепак, набавките на 65.000 лаптопи за наставниците и за учениците до трето одделение се документирани на системот „Е-набавки“, бидејќи тие се од 2009 година, и според достапните податоци двете набавки на лаптопи и едната на ормани за лаптопите чинат вкупно 16,5 милиони евра.

Во 2009 регистрирана е уште една набавка за „информатичка опрема за училиштата“, која, исто така, ја спровела кинеската „Хајер“, а чинела 7,5 милиони евра. 

Со сумите на овие набавки и со уште неколку помали тендери за купување рутери и периферна компјутерска опрема приближно се стигнува до сума од 40 милиони евра – пари потрошени за воведување на компјутерите во секоја училница.

Набавките на опремата од проектот „Компјутер за секое дете“ ги следеа низа контроверзии околу набавувачите и подизведувачите

Овие тендери ги следеа и низа контроверзии околу набавувачите и подизведувачите на проектот.

Македонската „Транспаренси интернешнел“ уште тогаш бараше Антикорупциската комисија да се позанимава со евентуалниот судир на интереси во проектот „Компјутер за секое дете“, поточно при набавката на 100.000 компјутери, со оглед дека тогаш актуелниот државен секретар во Министерството за образование, а подоцна и министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Перо Стојановски, своевремено работел во една од компјутерските фирми – подизведувачи на проектот. 

Подоцна медиумите на долго и на широко пишуваа за српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ, кој прво го доби поголемиот дел од тендерот за набавка на лаптопи, кој вредеше 11,7 милиони евра, а подоцна откупи дел од медиумите ТВ Алфа и групацијата МПМ („Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“), кои по неговото преземање драстично ја сменија уредувачката политика и станаа големи поддржувачи на тогаш владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Од денешна гледна точка личи дека поважно било да се купат компјутерите и да се потрошат парите, а помалку било битно како тие ќе се користат.

Овој впечаток го засилува и фактот дека Министерството за образование со многу училишта не склучило договори за преземање на компјутерите, а резултатот на оваа состојба го покажа Државниот завод за ревизија во својот годишен извештај за 2010.

„Утврдена е значителна штета на компјутерската опрема каде што не е обезбедена одговорност и материјално задолжување, а во некои училишта сѐ уште не е целосно ставена во употреба.“

Околу 1.300 цели компјутери или парчиња опрема исчезнале во овие години | Фото: Промо на ВМРО-ДПМНЕ

Запоставувањето на проектот водеше и кон кражби на компјутерите.

Истражувајќи ја нецелосната архива на полициските билтени увидовме дека во првите години од проектот, од 2011 до 2013, имало по десетина насилни провали годишно во училиштата, и секогаш се земале поголеми количества компјутерска опрема.

Понекогаш крадците знаеле точно што сакаат, како еден провалник во јули 2012 во селото Брвеница, кој го искористил летниот распуст за да ги одземе мрежните компјутери, како и мониторите, тастатурите и каблите за нив. Во други случаи земале што ќе им се најде при рака, па има настани како тој во јули 2011 кога крадци од училиште во Грчец зеле 24 монитори, осум куќишта од компјутери, 60 тастатури и 60 мауси.

Провалите понекогаш ги изведувале и организирани банди, како една десетчлена група уапсена во Струмица во октомври 2013 година.

Сè на сè, над 1.300 цели компјутери или парчиња опрема (монитори, тастатури, кабли) исчезнале во овие години. Лаптопите биле најчеста мета, над 800 биле украдени.

Дел од проектот „Компјутер за секое дете“ беше и веб-страницата e-obrazovanie.mk, која требало да претставува платформа за учење од далечина. Денес на оваа веб-страница нема ништо, стои само една порака дека „наскоро следуваат интересни содржини“.

Празен од претставувал и проектот на локализација на педесетина софтверски алатки за повеќе предмети.

Проблемот е што овие алатки, во рамките на проектот „Компјутер за секое дете“, биле наменети за едукативната варијанта на оперативниот систем Убунту, која исклучително ретко се користи кај нас и затоа денес децата немаат пристап до тие содржини.

„Таблет за секое дете“ – осум години само идеја

Во годините подоцна имало иницијативи за да се надгради овој проект и, наместо компјутери за сите деца, државата да купи таблети. Првпат оваа идеја протече во медиумите во 2012, во времето кога министер за образование беше Панче Кралев од ВМРО-ДПМНЕ.

Сè што тогаш се дозна е дека во план е набавка на 300.000 таблети. Две години подоцна, ништо не се случи на таа тема и во 2014 година идејата се појави како ветување на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма наречена „Проверено“.

Планот бил во 2016 да се набават таблети за средношколците, следната година за учениците од шесто до деветто одделение и во 2018 да се комплетира набавката со таблети за децата од прво до петто одделение.

Овој проект никогаш не е реализиран, иако во медиумите уште неколкупати е најавуван, па дури се спомнувани и предвидени суми наменети за него.

„Во првата фаза ќе се потрошат 152 милиони денари. Во 2017 година, таблет ќе добијат основците од шесто до деветто одделение, во 2018 година, најмалите, од прво до петто одделение“, изјави Спиро Ристовски од позиција на заменик-министер за образование и наука во 2015 година.

Предноста на оваа замисла во однос на „Компјутер за секое дете“ би била во тоа што децата и нивните родители би биле одговорни за таблетот, исто како што денес се грижат за книгите што ги добиваат бесплатно.

По смената на владејачките гарнитури, кога СДСМ ја замени ВМРО-ДПМНЕ, во власта повторно се актуализирала идејата да се купат таблетите, дознава БИРН од извори од претходниот владин состав. Тогаш замислата била таблетите да ги заменат учебниците, со тоа што сите книги би се префрлиле во електронска форма и децата би ги имале на уредите.

Во таков случај не би се печателе учебниците и би се заштедило на таа ставка. Како за илустрација, БИРН пресмета дека за оваа учебна година, набавката на учебниците ќе ја чини државата вкупно 5,5 милиони евра.

Меѓутоа, три години подоцна повторно нема ништо од таблетите.

Просечен „живот“ на еден таблет е некаде околу пет до шест години, што значи дека ако проектот бил спроведен, денес не би се соочувале со бројката од 40.000 деца што немаат никаков уред да се вклучат во онлајн-наставата.