Анализи

Ред инспекции, ред пиар

Анализа на државните контроли по трагедијата во Кочани

„Половина од законите за бизнис ќе ги снема.“ Вака, во декември 2006 година, тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ помпезно го најави проектот регулаторна гилотина. Неуморлив промотор на кратењето прописи, за олеснување на административните пречки на бизнисите, беше во тоа време вицепремиер, а подоцна повеќе години министер за финансии, Зоран Ставревски.

Ставрески, кој сега е надворешен финансиски советник на премиерот Христијан Мицкоски, како креатор на економските политики се гордееше со регулаторната гилотина.

„Еден од најзначајните реформски проекти во последнава деценија“, потенцираше тој во негова колумна, објавена веќе следната година.

„За економските субјекти и граѓаните, бирократските лавиринти значат трошење многу време, пари и, пред сè, нерви“.

Оттогаш „гилотината“ и сè околу неа се вгради во маркетинг-стратегијата на тогашната власт. Се редеа и се редеа прес-конференции на темава, а во јавните настапи постојано се истакнуваше скокот на ранг-листата на Дуинг бизнис. Ставрески, на некој начин, ѝ прогласи војна на тромавата државна администрација, а пријателски настроените медиуми во тоа време, во детали известуваа за маратонските владини седници посветени на административните кастрења.

Контра „гилотина“

Ставревски сега е надворешен советник на премиерот Мицкоски за финансии и банкарство | Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Речиси две децении подоцна, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ констатира дека токму административните кастрења познати како „гилотината“, меѓу другото, придонеле за трагедијата во кочанското кабаре „Пулс“.

„За жал, во овие промени влегло и издавањето лиценци на ноќните клубови, кабареа и дискотеки“, изјави вториот човек во Министерството за економија, Марјан Ристески, осврнувајќи се на ефектите од регулаторната гилотина врз угостителството.

Тогаш, всушност, се поедноставиле процедурите за вадење лиценци во угостителската дејност и се оставило совеста и чесноста на менаџерите да гарантираат за безбедноста. Тоа се рефлектирало и врз случајот со ноќниот клуб „Пулс“ – сопственикот, во документите, тврдел дека сè е како што треба, а во меѓувреме, 14 години, ниту една инспекција не го проверила, зашто законски и не била обврзана.

Сега се најавува ревизија на постојните закони, а министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, зборувајќи за гилотината, рече дека „законите се целосно злоупотребени затоа што и патот до пеколот е поплочен со добри намери и очигледно тој систем не функционира.“

Во меѓувреме, сегашните колеги и сопартијци на Ставрески во владата се чини дека со истата посветеност на терен и при медиумската презентација се обидуваат да ги пресретнат евентуалните нови последици од „гилотината.“

По загинувањето на 59-те млади луѓе, инспекторите се на терен.

Тврдат дека се проверува сè, па секојдневно владините претставници информираат за спроведени контроли и инспекции во сите области – од хидрантска мрежа во училиштата, преку лиценци на градежни и транспортни фирми, кафулиња, дискотеки и на кабареа.

Медиумите се преплавени со изјави и соопштенија, со бројки на извршени инспекции и на административни проверки. Повеќе од 3.100 во градежништвото, околу 8.000 во царинската шпедиција, а чести се информациите и изјавите од општините за проверките што ги вршат тие.

Меѓутоа, се наметнува прашањето колку во овој временски теснец по несреќата може квалитетно да се надомести тоа што не е контролирано со години, а некаде и со децении.

БИРН, контактирајќи ги надлежните, открива дека во дел од случаите контролите се теренски, додека некои, пак, се чисто канцелариски, сведени само на административна проверка. А, има и такви институции, кои деновиве своите рутински задачи ги преставуваа како дополнителен напор за проверка.

Вонредно известување за редовни обврски

Очекувано, проверката на ноќните клубови е најревносна, а презентацијата на резултатите во некои случаи оди дотаму што за една инспекција медиумите добиваат и по неколку соопштенија од различни институции.

Полицајци, инспектори од Дирекцијата за заштита и спасување и од трудовиот инспекторат, претставници од финансиската полиција, Управата за јавни приходи и градежен инспектор од општината.

Проверени и училиштата и градинките

Општините, заедно со инспектори од централната власт, експресно спроведоа контроли. Една недела по трагедијата, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓоргиевски рече дека ги провериле сите градинки, училишта, културни домови и спортски сали од аспект на противпожарната заштита.

„Заклучено е дека сите се безбедни, граѓаните можат да бидат спокојни“, рече Ѓеоргиевски.

Во Македонија има околу 950 основни училишта и речиси 120 градинки.

Сите екипирани во еден тим одат по кабареата, дискотеките, кафулињата и по местата за големи прослави и како што, за БИРН, вели директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојковски, проверуваат дали состојбата што ќе ја затекнат на терен е иста со онаа во документите врз кои добиле одобрение за работа.

Проверката не оди брзо, па една контрола може да трае од четири до пет часа, вели Стојковски, кој додава дека ниту одземањето на лиценцата не се врши веднаш, туку од моментот кога инспекторите ќе го напишат извештајот и ќе се согласат околу напишаното.

По спроведените инспекции следуваат и соопштенија од неколку институции. На пример, општини праќаат соопштенија за извршени контроли на угостителски објекти на нивна територија, од владата соопштуваат за контролата на пазарните инспектори, а во некои случаи информации стигнуваат и од Дирекцијата за заштита и спасување.

Во сеопштиот налет на контроли и вести за нив, некои институции, пак, се пофалија за завршените редовни обврски.

Таков е примерот со Царината. Од таму информираа дека за „една недела извршиле 8.181 контрола на лиценци за вршење јавен превоз, сертификати на возачи, како и дозволи за превоз што треба да ги поседуваат товарните моторни возила и автобусите во меѓународниот патен сообраќај.“

Огромнава бројка би значело дека цариниците дневно вршеле повеќе од илјада контроли на лиценци.

Меѓутоа, објаснувањето што го доби БИРН е, всушност, дека се работи за контрола на документи на сите што излегле или влегле во Македонија за една недела, односно редовна гранична контрола.

Што всушност се проверува?

Некои проверки се само административни | Колаж: БИРН

Големите бројки доминираа и при презентацијата на наодите на Министерството за транспорт во делот на градежништвото, кои, во меѓувреме, беа зачинети со изјавата на министерот Александар Николоски дека преку законски измени, тој ѝ прогласува војна на „административната мафија.“

Но, што, всушност, се проверувало?

Одредена фирма треба да исполнува повеќе услови, меѓу кои и конкретен број вработени инженери за да добие лиценца за градба, проектирање или за надзор. По пожарот во Кочани, службениците од Министерството за транспорт се сконцентрирале само на тие податоци, односно дали во некои од фирмите е намален неопходниот број вработени.

Откако ги прегледале документите на околу 3.000 компании, утврдиле дека речиси 430 не го исполнуваат тој услов. За нив е отворена постапка за одземање на лиценците. Најчесто, како што објаснија од Министерството, компаниите вработувале инженери за да добијат лиценца, но потоа ги отпуштале од работа.

Важно е да се потенцира дека овие контроли немаат врска со квалитетот на градбите, а за кои, како што рече министерот Николоски, се надлежни надзорните компании.

Сепак, од информациите до кои дојде БИРН, се забележува дека инспекторите  што излегле од канцеларија, известуваа за помалку спектакуларен број контроли.

Државниот транспортен инспекторат работел на терен и извршиле 138 контроли. Од таму, за БИРН, тврдат дека кај транспортните компании проверувале сѐ, односно колку состојбата пријавена на хартија соодветствува со реалноста што ја затекнале.

На пример, ако некој пријавил дека има десет камиони, тие проверувале дали се навистина толку, дали се исполнети техничките услови, колку вработени имаат итн.

Утврдиле 21 неправилност кај 11 фирми и десет физички лица што вршеле превоз на патници.