Репортажи

„Само да не нѐ вратат“: Еден ден со пациентите на Онкологија

Прием под секое достоинство

„Тука воздух нема, а не па столчиња“, револтирано коментира една средовечна жена, додека стои пред амбулантата на скопската Клиника за онкологија. Во просторијата од дваесетина квадратни метри се тискаат четириесетина пациенти.

Жената изгледа изнемоштено, бидејќи чека со часови во еден од најтоплите денови. Но, со дијагноза рак, друг избор нема.

Не е единствена. Десетици илјади пациенти се соочуваат со истите проблеми  при секое доаѓање на клиниката, која дневно опслужува и по 800 пациенти. Со кадар, кој е десеткуван, во простории што не можат да го издржат напливот на нови пациенти, при условни буџети, кои не гарантираат дека секој ќе ја добие најдобрата достапна терапија, без приоритетни термини и под секое човечко достоинство.

Системот е поставен така што и најтешко болните пациенти мора на пеколни горештини со часови да патуваат во Скопје, да даваат многу пари за контроли на приватно затоа што за нив нема термини во јавното здравство и на крај, кога веќе ќе влезат на Клиниката за онкологија, да стојат со часови додека да дојдат на ред за преглед и примање терапија.

Овие проблеми дополнително излегоа на површина со скандалот за злоупотреби со скапите лекови што се набавуваат само на Онкологија. Обвинителството, на почетокот на годинава отвори истрага за петмина вработени, двајца поранешни директори и тројца лекари онколози.

Јавноста беше згрозена, се организираа протести, онкологија со месеци беше топ тема во медиумите, но најдебелиот крај го извлекоа пациентите. Затоа што ним животот им зависи од работата на Клиниката, која тешко врзува крај со крај, потоната во долгови и нуди минимум услови за достоинствен прием на болните.

Терапија на импровизирана масичка

Поглед кон шалтерот за малигни тумори на бели дробови |Фото: БИРН

Количка, во која седи млада жена, тешко се пробива во метежот за да влезе во амбулантата каде што се прегледуваат болните со рак на дојка. Ја турка повозрасен човек, кој се чини како да ѝ е татко.

„Прво влегуваат луѓето во колички“, става ред медицинската сестра, додека останатите климаат со главата и се поместуваат лево-десно, за да направат место за жената во количка.

Покрај неа, неколкумина мажи во своите 60-ти, немајќи каде, седнале на скалите што водат кон горниот кат. И тие, со немир во погледот, го чекаат својот ред кај онколозите, додека се обидуваат да чујат дали се повикува нивното име на шалтерот.

Малигни тумори на бели дробови, пишува на него.

Се гледа стравот во очите на овие луѓе. Повеќето молчат. Неретко се случува некој да се „скрши“ во плач.

Две жени, кои се запознале низ болничките ходници, полугласно разговараат за тоа како ја поднеле минатата хемотерапија. Едната со бела марама врз главата, а другата со перика, се храбрат бидејќи дента треба да ја примат осмата, последна хемотерапија од овој циклус.

Претпоследната ги измачила. Со повраќање и болки во коските што не се трпат и на кои не дејствува ниту еден аналгетик, посебно во првите неколку дена по инфузијата.

„Мора да сме силни“, вели едната од нив, која утрото допатувала од Прилеп.

Работи „на приватно“, па за ден-два ќе се врати на работа, независно од тоа колку се силни болките од новопримената хемотерапија.

„Само да не нѐ вратат“, стравува гласно.

„Велат дека денеска немало да враќаат“, ѝ одговара друга пациентка.

Се случувало и тоа. Еднаш, раскажува, инфузијата ја примала на импровизирана масичка во сестринската соба. Цели четири часа. Задоволна е дека барем успеала да ги измоли сестрите да не ја вратат за следниот ден, затоа што немало слободно место каде да ја сместат за да прими хемотерапија.

„Персоналот дава сѐ од себе, но толку се можностите“, коментира таа.

Од 28 онколози, колку што има Клиниката во која се лекуваат луѓе од целата земја, активно работат дваесетина. Многу од вработените си заминуваат, што поради пензија, што за работа во странство или на приватни клиники. Сега, само од медицински персонал, има кусок од 40 вработени. Плус административен кадар.

Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија |Фото: БИРН

Додека персоналот се тенчел, бројката на прегледи на Клиниката растела.  Од околу 67.000 во 2020 година, на повеќе од 90.000 лани, кога имале дури 5.000 новодијагностицирани пациенти.

Воведување втора смена, најави за проширување на чекалниците, дискусии за преземање на дел од пациентите, се меѓу работите што се прават во меѓувреме, објаснува Игор Стојковски, директорот на Клиниката, кој на оваа функција стапи пред еден месец.

„Правиме натчовечки напори за да се одржи текот на работата, но во моментов кадровските и просторните можности се тие. Сепак, се прават максимални напори да ги опслужиме сите пациенти“, вели Стојковски.

Излез од ваквата состојба гледа во процесирање на потребите за новите вработувања, како и дисперзија на болните по локалните центри и во скопската „8 Септември“, каде што се вработени двајца онколози, ама не се примаат онколошки пациенти. Онколози има во Битола, Тетово и во Штип, но овие онколошки одделенија, или воопшто не функционираат, или се со многу ограничени капацитети.

Затоа и целиот притисок е на Клиниката за онкологија.

Метежот ги прави луѓето нервозни. Одвреме-навреме некој ќе го повиши тонот, за да се скара со сестрите на шалтерот, или да укори друг пациент, кој се турка преку ред во гужвата. Повеќето само молчат и чекаат, задлабочени во своите мисли.

Живеат во страв, дали на следното доаѓање ќе го има лекот што треба да го примат, дали ќе треба да дадат поткуп, дали ќе добијат термин за ехо, за магнет, за мамографија, за редовните анализи и снимки со кои се следи стадиумот на болеста, дали ќе имаат пари за да ги платат на приватно…

Пресметувајќи гласно пред присутните, една битолчанка доаѓа до сума од 200 евра што мора да ги даде неколкупати годишно, пред секое доаѓање на скопската клиника. Што за пат, што за снимки и анализи, без кои залудно ќе доаѓа на Онкологија.

„Еве, немаше термин, и вчера морав да платам за ехо. Се случува и да ми најдат, па потоа да го откажат и што ќе правиш…“, се придружува на разговорот една повозрасна жена, која стои до битолчанката и веќе 13 години редовно доаѓа на Онкологија. Станала предзори и патувала три часа за да стигне во Скопје.

Таа вели дека ковид-пандемијата бил еден од подобрите периоди за онколошките пациенти, бидејќи имало повеќе ред на клиниката и не пуштале секој да влезе внатре. Дури и лековите ѝ ги праќале во местото каде што живее.

Порано, вели, лекарите „подолго нѐ прегледуваа, имаше кабини, се соблекувавме да нѐ видат“. Сега време за приватност нема, бидејќи честопати се повикуваат и по неколку пациентки истовремено. А, и прегледите, вели дека се сведуваат главно на брза проверка на резултати.

Нема време за чекање

Пациенти во ходник на Клиниката за онкологија | Фото: БИРН

Проблемите на Клиниката за онкологија не се од сега. Се таложат со години и сега ескалираат поради напливот на пациенти во годините по пандемијата. Бараат системски решенија, кои, сепак, ќе треба да дојдат од Министерството за здравство. А таму во три години се сменија петмина министри. Сите беа запознаени со проблемите на Онкологија.

Арбен Таравари, кој неодамна седна на министерската фотелја, уште при првите јавни настапи уверуваше дека оваа клиника ќе му биде приоритет.

„Идната недела ќе имаме конкретни барања од Клиниката, а потоа заедно со директорот на Онкологија да седнеме со министерката за финансии и да побараме, да вршиме притисок, да дадеме приоритет за вработувања на оваа клиника, за да може да се функционира. Вака и за пациентите е тешко, но и за кадарот е претешко“, изјави Таравари уште на почетокот на јули.

Оттогаш, тој најави активирање на регионалните амбуланти, нови специјализации, нови вработувања за дополнување на дефицитарниот кадар.  Многу слично како што тоа во повеќе наврати го најавуваа и неговите претходници.

Два месеца подоцна, дискусиите уште траат.

Пациентите, во меѓувреме, немаат време за чекање. Лани, речиси 4.000 ја изгубиле битката со ракот. Останатите губат надеж дека ќе бидат сведоци на промени.

„Тринаесет години сум по овие ходници и цело време е вака. Сега дури и полошо“, револтирана е една од пациентките, кои за време на нашата посета на Онкологија, трпеливо, со часови го чекаше својот ред.