„Да допобедиме“, гласеше неофицијалниот слоган на локалните избори во 2017 година, кога активистите на СДСМ повикуваа да се гласа за нив за да се отстрани ВМРО-ДПМНЕ и од локалната самоуправа. Иронично, тоа беа изборите на кои голем број гласачи за последен пат ѝ ја дадоа довербата на партијата.
Воздишките беа барем подеднакво гласни, како и викотниците на изборната прослава на партијата. Не го добија посакуваниот убедлив резултат, но барем се доведоа во ситуација да можат да прогласат победа, по тесна и неизвесна трка, во која во секој момент го чувствуваа ризикот дека ќе почнат да паѓаат.
Загрижените погледи во телефоните, во потрага по резултати низ пораките, одбележа голем дел од вечерта во прес-центарот на владејачката коалиција во хотелот „Белви“ кај Скопје.
Радоста беше голема на крајот, со аплаузи, скандирања, и со меѓусебни честитки, некои по Ковид-19 протоколот, некои не. И Зоран Заев и Љупчо Николовски беа многу афектирано гласни во прогласувањето на победата.
Но, на сите присутни им беше јасно дека СДСМ допрва треба да се потруди да формира влада и дека според резултатите би можеле да бидат ставени во искушение да прифатат уште некој тежок компромис од потенцијалните коалициски партнери.
Уште повеќе што и нивниот ривал ВМРО-ДПМНЕ пред крајот на вечерта најави дека ќе влезе во трката за формирање кабинет, како обид со иста мера да му врати на Заев за изборите во 2016 година, по кои тој стана мандатар со два пратеника помалку.
Сето тоа се одрази и на атмосферата на летната тераса на „Белви“ – славеничка, но не претерано еуфорична.
Долго зјапање во телефонските екрани
Расположението одеше угоре-удолу во трите часа меѓу затворањето на гласачките места и прогласувањето на победата некаде околу полноќ. Кратко по 21 часот можеше да се види насмеаната Радмила Шекеринска во надворешниот дел од хотелскиот ресторан, инаку познат свадбарски простор приспособен за следење изборни резултати.
Еден по еден пристигнуваа коалициските партнери – Љупчо Балковски од ВМРО-НП, Илија Николовски од Партијата на пензионерите, Стојанче Ангелов, Љубе Бошкоски со кренат палец и со широка насмевка, сите го поминуваа мостот кон павилјоните во паркот, каде што келнерите побрзаа да послужат вечера.
Во умерена атмосфера пред многу празни столчиња се најави првата прес-конференција на генералниот секретар Љупчо Николовски во 21.30, на која само го честиташе успешниот изборен ден и најави дека коалицијата „Можеме“ очекува голема победа.
И потоа настапи молк – со глави втурнати во мобилните телефони, со безуспешни обиди да се следат резултатите на паднатиот сајт на Државната изборна комисија и со разменување пораки и повици со луѓето во штабовите низ земјата.
Партиската химна со гитарското соло на Влатко Стефановски не престана да свири, но во тие моменти беше како заднинска музика, од оние што се пуштаат во лифтови, додека малиот број молчаливи симпатизери се обидуваа на секој начин да дознаат што се случува со броењето.
Имаше моменти во кои патките што пливаа во езерцето околу „Белви“ беа најдинамичната глетка наоколу.
Горан Мисовски, коалицискиот партнер од НСДП, слично како и во други изборни циклуси, беше најрасположен да ги сподели своите очекувања додека другите избегнуваа да кажат што било.
„Ова се дефинитивно најнеизвесните избори досега. Но, сигурен сум дека ќе победиме. Барем 51 наспрема 49 пратеници. Сѐ направивме, зошто не би победиле“, рече Мисовски, набројувајќи во продолжение неколку економски мерки што владата ги донесе како помош за тие што се справуваат со негативните последици од Ковид-19.
„Водиме, што сте скиснале“
Некаде по 22 часот почна многу бавно да се подгрева атмосферата. Лицата сѐ уште беа залепени за телефонските екрани, но се слушаше и по некој извик како „не е лошо, не е лошо“, или „па, водиме бе, што сте скиснале“ итн.
„Во тројката ќе загубиме“, додаде еден од присутните поддржувачи, на што друг се надоврза „ама се држиме на другите места“.
Додека новинарите го коментираа дебаклот на сајтот на Државната изборна комисија, партиските следбеници меѓусебно се информираа за „водство од 1.000 гласа во Кочани, 800 во Крушево“ итн.
По 23 часот веќе имаше и џагор, како што почнаа да пристигнуваат повеќе симпатизери на летната тераса. Музиката што ја следеше кампањата на партијата, која како да е извадена од некој филм на Ридли Скот, послужи како повик за мобилизација.
Со внимателен оптимизам, старите и новодојдените присутни почнаа да ги пополнуваат празните места околу бината, кога се најави второто обраќање на Љупчо Николовски, кое се надеваа дека ќе биде славеничко.
„Победа! Победа! Победа!“, извикуваше ген-секот, најавувајќи водство од најмалку два мандати за нивната коалиција. Сосема доволно за прослава и за олеснување меѓу насобраните, по час и половина поминати во неизвесност и во пресметување неофицијални бројки. Доволно и за да ги охрабри конечно да нарачаат пијалаци и да наздрават за успешен изборен циклус.
Остана само уште да се чека лидерското обраќање на Заев околу еден часот по полноќ, за да најави што ќе направат „уште повеќе, уште подобро“.
„Следуваат раст на платите и враќање пари кај граѓаните уште повеќе. Следува масовно чистење на воздухот, на водата и почвата, следува екодржава. Следува уште поголема грижа за сите граѓани на кои им е потребна. Подаваме рака на секој на кој му треба поддршка и помош. Следува уште подобра заштита на вашето, на нашето, на јавното здравје. Следуваат преговори со ЕУ. И конечно, народе мој – следува правда! Знам дека оваа ваша поддршка, пред сѐ е уште една шанса за правда“, рече Заев, додавајќи дека и негласањето на многумина го смета за порака дека треба да се донесе правда.
Каква што беше победата, таква беше и прославата – кратка, на моменти силна, но генерално умерена. Дворот на хотелот се испразни околу 2.30 по полноќ, кога колона возила тргна кон Скопје, без сирени и без знамиња. Еуфоријата од „допобедувањето“ ќе мора да почека некој друг изборен циклус.