Илјадници студенти и ученици – од Ниш, Крагуевац, Суботица, Нови Сад, Шабац, Лозница, Мали Зворник, Ваљево, Чачак, Ужице – маршираат кон Белград за протестот што ќе се одржи во сабота, на 15 март.
Селата и градовите низ кои минуваат ги пречекуваат со огномет, солзи, прегратки, аплаузи и со поставени маси со храна. Локалните жители подготвуваат кревети, ќебиња, суви чорапи, нови патики, фластери за плускавци и лекови против болки.
Досега се одржаа протести во околу 400 места низ Србија.
„Овие протести се многу различни од оние што ги видовме досега. Нивниот обем е без преседан“, изјави за БИРН, Флоријан Бибер, професор по Југоисточни европски студии на Универзитетот во Грац.
Собирот во Белград е последен во серијата протести што се одржуваат секојдневно, веќе три и пол месеци, по загинувањето на 15 лица врз кои се урна натстрешницата на обновената железничка станица во Нови Сад, на 1 ноември.
Досега, барем по еден протест е одржан во речиси секоја од 174 општини во Србија, а масовни протести, на кои се собраа десетици илјади луѓе, се одржаа во Белград, Нови Сад, Крагуевац и во Ниш.

Протестите добија популарност и масовност поради наклонетоста што ја уживаат студентите | Фото: Гаврило Андриќ
Студентите од другите градови пешачеа и до Нови Сад, Крагуевац и Ниш, а жителите на селата и на градовите низ кои минуваа стоеја покрај патот или им се поклонуваа. На маршевите нив ги придружуваа земјоделци со трактори.
Експертите велат дека протестите во Србија својата популарност и масовност ја црпат од наклонетоста што ја уживаат студентите меѓу луѓето, врските што ги создаваат минувајќи низ малите градови во внатрешноста, но и од насобраното и долгогодишно незадоволство од владејачкиот режим и недовербата дека наталожените проблеми можат да се решаваат преку институциите.
Се очекува протестите во Белград да бидат најмасовни досега. И додека политичарите од власта се закануваат со насилство, а опозицијата и дел од аналитичарите предупредуваат дека властите ќе се обидат да испровоцираат или инсценираат инциденти, експертите велат дека единствено што може да се предвиди во овој момент е дека ситуацијата во Србија нема да може да се врати како што беше пред трагедијата во Нови Сад.
Падот на натстрешницата доведе до масовни протести

Блокадите на улиците се претворија во блокади на факултети | Фото: Гаврило Андриќ
Првиот масовен протест се одржа во Нови Сад на 6 ноември, кога граѓаните, револтирани, меѓу другото, поради контрадикторните и неточни информации за реновирањето на станицата, скршија неколку стакла од зградата на локалното собрание.
Полицијата уапси повеќе од десет граѓани, меѓу кои 16-годишник и еден студент.
Граѓаните, студентите и учениците потоа почнаа да им оддаваат почит на загинатите блокирајќи ги раскрсниците во неколку градови – 15 минути молк, за 15 жртви.
Блокадите на улиците се претворија во блокади на факултети откако студентите на белградскиот Факултет за драмски уметности (ФДУ) беа нападнати од група мажи за време на блокадата на улицата до факултетот на 22 ноември, меѓу кои и претставници на владејачката Српска напредна партија.
Студентите изнесоа четири барања: објавување на целата документација за реновирање на Железничката станица во Нови Сад и гонење на одговорните за падот на натстрешницата, откривање и гонење на одговорните за нападите врз студенти и граѓани за време на блокадите, отфрлање на обвиненијата против уапсените за време на протестите во Нови Сад и зголемување на буџетот за образование.
По блокадата на ФДУ, студентите ги блокираа факултетите низ државата и во моментов се блокирани повеќе од 60 факултети – многу од нив со поддршка од нивните професори и декани.
Набрзо на студентите им се придружија и средношколците и земјоделците, просветните работници штрајкуваа, а блокадите на улиците станаа помасовни и се проширија во неколку градови. Блокадите и понатаму беа проследени со бројни инциденти – средношколци во Сремски Карловци беа нападнати од претседателот на општината, на учениците во Белград им се закануваа со тепање, а на некои места се обидуваа да ги пробијат блокадите со автомобили. Во такви инциденти беа повредени две студентки.

И земјоделците ги придружуваат студентските маршеви низ Србија | Фото: Гаврило Андриќ
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на 12 декември на прес-конференција најави дека ќе биде објавена целата документација за реконструкцијата на станицата во Нови Сад, дека се исполнети сите студентски барања и ги повика студентите на разговор.
Студентите одговорија дека тој – како претседател, кој според уставот има главно церемонијална улога – не е одговорен за ниту едно барање, дека немаат што да разговараат со него и дека бараат надлежните институции да си ја работат својата работа и да ги исполнат барањата.
И во меѓувреме не се исполнети барањата – не е објавена целата документација за реконструкцијата, не се отфрлени пријавите за уапсените демонстранти, не се кривично гонети сите оние што ги нападнаа учесниците на протестите и блокадите (иако многу од нив беа идентификувани од јавноста), ниту, пак, е зголемен буџетот за високото образование.
„Нивните барања се на некој начин засновани врз владеење на правото и на работата и функционирањето на институциите. Но, многу е јасно дека актуелната власт ниту сака, ниту може да ги исполни. Целиот систем што оваа влада го изгради во последните 12 години ги прави невозможни владеењето на правото и демократијата“, вели Флоријан Бибер.
Премиерот исвиркан
Српскиот премиер Милош Вучевиќ беше исвиркан кога посетуваше градови во внатрешноста, а слични сцени имаше и со министерот за финансии, Синиша Мали и со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, кога одржуваа состаноци на локални партиски комисии.
Во внатрешноста на земјата владејачки политичари беа исфрлени од кафулиња, а во Чачак граѓаните протестираа под прозорецот на куќата на градоначалникот, поради закани до наставникот по веронаука кој ги поддржа протестите.
Дека студентските барања, но и самите студенти уживаат масовна поддршка, стана јасно на 22 декември, кога на плоштадот Славија во Белград, на покана на студентите, се собраа повеќе од 100.000 луѓе за да им оддадат почит на жртвите во Нови Сад.
Ова беа еден од најмасовните протести што некогаш биле одржани во Белград.
„Овие протести се разгореа затоа што, пред сè, тоа е трагичен настан за кој е јасно дека има причина. Овде е јасно дека станува збор за државен проект, кој беше гордост и радост на власта и во кој учествуваа бројни институции, во контрола и изградба. Тогаш таа одговорност е многу поексплицитна“, објаснува Душан Спасојевиќ, професор на Факултетот за политички науки во Белград.
Тој реферира на реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, за која властите веднаш по трагедијата тврдеа дека натстрешницата не била реновирана, наспроти сведочења на инженери вклучени во проектот и видеа од различни свечени отворања, каде се присутни највисоки функционери од државата.
Околу еден месец подоцна, на 27 јануари, беше одржана 24-часовна блокада на Автокоманда, еден од главните сообраќајни клучки во Белград. Истата вечер во Нови Сад, група мажи, кои истрчаа од просториите на Српската напредна партија, и ја скршија вилицата на 23-годишна студентка по медицина.
Следното утро, српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе оставка, велејќи дека се чувствува „објективно одговорен“ за „она што се случи во Нови Сад“ и дека затоа плаќа „произволна политичка цена“. Вучевиќ, сепак, сè уште е премиер, а во собранието неговата оставка сè уште не е констатирана.

Студентите изнесоа четири барања | Фото: Гаврило Андриќ
Оттогаш, Центарот за истражувачко новинарство на Србија мапираше 75 напади на учесници во протестите и блокадите.
Само еден ден откако Вучевиќ најави оставка, Александар Вучиќ ги помилува повеќето од уапсените учесници на протестот, велејќи дека барањата на студентите се исполнети. Во меѓувреме беше објавена дополнителна документација за реконструкцијата, па јавноста во неколку наврати од повеќе државни функционери слушаше дека барањата се исполнети.
Во повеќето медиуми, вклучително и јавниот сервис, како и сите медиуми блиски до владејачкиот режим, наративот, кој што доминира, е дека барањата се исполнети, а за протестите зборуваат речиси исклучиво претставници на власта или луѓе блиски до режимот.
Во овие четири месеци студентите само неколкупати биле гости на јавниот сервис. На другите четири телевизии со национална концесија, кои го поддржуваат Вучиќ, или не се известува за студентските протести или се известува дека се тоа платеници на ЕУ, Хрватска, Америка, кои спроведуваат обоена револуција.
Масовно студентско „шпартање“ низ Србија

Долгите студентски маршеви имаа своја цена | Фото: Гаврило Андриќ
На следниот голем протест, одржан во Нови Сад на 1 февруари, студентите од Белград тргнаа пеш – поминувајќи 90 километри низ градови и села и најавија нов голем протест во Крагуевац за 15 февруари, Денот на српската државност.
Вучиќ пред протестот во Крагуевац најави голема борба против корупцијата „од среда“, 12 февруари. Во таа акција досега се уапсени неколку поранешни функционери – како поранешниот градски секретар задолжен за легализација во Белград, поранешниот директор на државната енергетска компанија Електропривреда Србија – како и голем број функционери, како што се претседателот на Управниот одбор на Институтот за стандардизација и поранешниот директор на Комората на медицински сестри и здравствени техничари на Србија.
Но, бројните скандали, кои ги потресоа властите во Србија во претходните години, засега не се вклучени во оваа борба.
Во меѓувреме, различни групи студенти пешачеа од Белград, Ниш, Нови Пазар и Чачак до протестот во Крагуевац, а потоа и до протестот во Ниш на 1 март.
Одлуките за следните чекори, како и сите други одлуки од почетокот на блокадите на факултетите, се носат на пленуми и немаат лидери. На пленумите се договара и за појавување на поединци во јавноста – дали се тоа гостувања во медиумите или говори за време на протести, а речиси никој двапати не се појавува во јавноста. Уште на почетокот на блокадите се оградија од политичките партии, како и од активистичките или невладините организации.
Преземање локални совети и јајца
Студентските протести доведоа и до граѓански и опозициски акции низ целата земја. Опозицијата во Краљево ја блокираше работата на советот, не дозволувајќи му на градоначалникот – кој ги нарече студентите усташи – да седне ниту во фотелјата.
Граѓаните го гаѓаа со јајца, додека полицијата го изнесуваше од општинската зграда, а потоа и на други места кога се појавувал во јавноста.
„Сите овие работи се дефинитивно нови. Не само во Србија, би рекол, мислам дека не сум видел нешто слично ниту во други земји“, вели Бибер од Универзитетот во Грац.
Експертите велат дека затоа овие протести уживаат помасовна поддршка од претходните протести, кои секоја година избувнуваат во Србија од 2017 година.
„Сега го имаме раководството на протестот во форма на студенти, кои се доживуваат како чисти, неизвалкани и некој за кој вреди да се бориме“, вели Александар Ивковиќ, политиколог и истражувач во Центарот за современа политика.
Истражувањето на невладината ЦРТА, објавено на 19 февруари, покажува дека околу 80 отсто од граѓаните на Србија поддржуваат најголем дел од барањата на студентите, околу 64 отсто ги поддржуваат студентските протести, а на нив учествувала третина од населението.
За аналитичарите, една од клучните причини за масовните протести е верувањето дека социјалните проблеми не можат да се решаваат преку институции.
„Владата ги затвори сите канали на изразување незадоволство преку политичките институции, прво затоа што претседателот е целосно опседнат со намера да не изгуби ниту едни избори, ниту на локално ниво. Ја испраќа пораката дека никогаш нема да има промена на власта на избори, односно ја создава таа перцепција“, објаснува Ивковиќ.
„Од друга страна, пак, секогаш кога се обидуваше нешто да се направи преку парламентите, било на локално или национално ниво – на пример, народната иницијатива за литиум или гласање недоверба на владата, секогаш наоѓаше некој начин да ги опструира контролните механизми. Да не зборуваме за судството – има толку многу нерасчистени работи, има толку многу афери откриени од истражувачки новинари за кои немаше никаква реакција од судството, а камоли епилог“, додава тој.
Студентите повикаа и на генерален штрајк во земјата – во него учествуваа просветни работници, уметници, индивидуални фирми, кафулиња или ресторани, но не и големи државни претпријатија или државната администрација.
Големи очекувања од протестот во Белград

Се интензивираат повиците да се намалат тензиите и очекувањата од протестот в сабота | Фото: Гаврило Андриќ
Иако сите големи претходни протести беа мирни, пред протестот во Белград, кој се очекува да биде најголемиот собир досега, српскиот претседател Александар Вучиќ најави можност за насилство и порача дека државата „не може да спречи насилство кога некој сака насилство“, но дека тогаш државата „ќе стави крај“ на протестите.
Властите почнаа да организираат митинзи за нивна поддршка, па пред зградата на Претседателството во Белград се појави ограден камп од луѓе, кои се претставуваат како студенти што го поддржуват Вучиќ и бараат да им се дозволи да се вратат на универзитетите и да студираат.
Поранешните членови на Црвените беретки, специјалната бригада која беше распуштена по атентатот на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ, беа снимени со нив во кампот за учество во атентатот. Водачот на оваа единица, Милорад Улемек Легија е осуден на 40 години затвор за убиството на Ѓинѓиќ.
Во центарот на Белград, веднаш до кампот каде што се следбениците на Вучиќ, градските комунални претпријатија почнаа да оставаат бехатонски коцки, а опозицијата најави дека ќе ги отстрани, за да не се користат за конфликти.
Во меѓувреме, телевизијата N1 објави видео од телефонскиот разговор на нивниот новинар со жена, која организира лажни студенти кампери – за пари. Таа рече дека дневницата за 12 часа престој во кампот е околу 80 евра.
Во меѓувреме на социјалните мрежи се појавија снимки од трактори натоварени во камиони, кои наводно ќе се користат за да се покаже дека и Вучиќ има поддршка од лојални земјоделци, но и потенцијано со нив да се блокираат влезовите во Белград во сабота.
Вучиќ, пак, за 28 март најави голем митинг.
Аналитичарот Ивковиќ смета дека „некаков вид на контролирано насилство би им одговарало на властите“.
„Претседателот речиси најави такво сценарио за в сабота, а доколку се случи, многу оправдано можеме да се сомневаме дека тоа се уфрлени елементи на власта. Проблемот е што во сабота очигледно ќе има многу народ во Белград и очигледно е, барем таков е мојот впечаток, дека еден дел од нив се многу радикални и бесни и ќе сакаат некаква акција, а не само мирна прошетка на тој протест.“
„Тоа создава ризик доколку има обид за режирано насилство, може да ескалира и да излезе од контрола“, вели тој и додава дека ваквиот развој на настаните не би му одговарал на Вучиќ.

Сцена од еден од многуте студентски маршови низ Србија | Фото: Гаврило Андриќ
И политичкиот коментар Душан Спасојевиќ смета дека во Белград ќе има толку многу луѓе што никој нема да може одржи контрола. Тој смета дека токму затоа студентите треба експлицитно да повикаат на мирен протест и „да се намалат тензиите и очекувањата“ дека протестот во Белград ќе доведе до пад на режимот на Вучиќ како што тоа се случи со режимот на Слободан Милошевиќ.
„Ми се чини дека тоа може да се случи доколку тензиите продолжат да растат. Сега стравот расте на сите страни, луѓето се загрижени, никој не знае што може да се случи. Ако власта одлучи дека сака конфликти, без проблем ќе ги испровоцира. Потоа се враќаме на прашањето за бројот на луѓе што ќе дојдат. Веројатно нема полиција што може да го контролира тој тип на собир“, вели Спасојевиќ.
Ивковиќ вели дека не може да ја исклучи можноста за насилство и воведување вонредна состојба, но дека не е сигурен дали Вучиќ е подготвен на таков чекор.
„Тоа би значело дека владата во иднина ќе мора многу повеќе да се потпира на репресија и не знам дали Вучиќ е подготвен да го подигне режимот на тоа ниво на авторитаризам“, вели тој.
На последните парламентарни избори во декември 2023, за листата на Српската напредна партија гласаа речиси 47 проценти. Иако претседател, во кампањата доминираше токму тој, а листата на СНС беше насловена Александар Вучиќ – Србија не смее да застане. Вкупниот број на гласови што ги освои листата на Вучиќ во 2023 година беше околу 1,7 милиони, што е 27 отсто од вкупниот број избирачи.
Од друга страна, пак, српската опозиција е раситнета, разединета и не постои доминантно движење или партија на која граѓаните, како и студентите им веруваат, што отвора бројни дилеми за политичката артикулација на незадоволството и барањата на луѓето кои протестираат.

“Србија не може да се врати таму каде што беше пред 1 ноември минатата година” | Фото: Гаврило Андриќ
За Флоријан Бибер, статус квото станува тешко и за двете страни, а тактиката на владата да ги игнорира протестите додека не исчезнат овојпат не дава резултат.
„Србија е парализирана од овие протести на многу начини. Гледаме дека властите знаат дека граѓаните ги поддржуваат протестите и единствениот начин да се намали таа поддршка е да ги обвинат за насилството“, вели Бибер, но објаснува дека тоа може да биде и последната капка за самиот режим – ако власта е обвинета за насилството.
„Мислам дека она што ќе се случи во сабота веројатно ќе биде клучно за да се разбере во која насока Србија ќе оди понатаму, но мислам дека едно е јасно – Србија не може да се врати таму каде што беше пред 1 ноември минатата година. Во која било насока да се движи, нема да се врати на старо“, заклучува Бибер.
Радмило Марковиќ и Гордана Андриќ се новинари на БИРН Србија. Фотографиите се преземени од онлајн-галеријата Протести, со дозвола на авторот, Гаврило Андриќ.