Прво се поминува покрај дел од искршената ограда, па покрај фрлената мрежа, па се влегува на теренот низ оштетената врата. Столчето за судиите е фрлено во ќош, сандачињата со електрична опрема испразнети, останал само рамниот терен и дел од оградата. Така изгледа тениското игралиште во скопско Орешани, што пред шест години свечено го отвори владина делегација.
Теренот беше дел од проектот 100 тениски игралишта што е речиси целосно исполнет. За него, според владиното соопштение од отворањето, Агенцијата за млади и спорт платила 95 илјади евра. Во зависност од тоа дали игралиштата беа единечни или двојни, како и од теренските услови, тие чинеа меѓу 80 и 130 илјади евра. Потоа беа дадени на управување на локалните власти, и оттогаш секое е со своја приказна.
Игралиштето само кратко време било „доказ за посветеноста на спортот и на младите“ што ја истакнал тогашниот градоначалник Веле Груевски, земајќи го клучот од премиерот Никола Груевски, а за луѓето од Орешани тенисот останал „спорт на одбраните“, спротивно на заложбите на поранешниот директор на АМС Лазе Поповски.
Државата сега повторно ќе гради спортски објекти што ќе им ги отстапи на општините, овојпат пливачки базени, иако искуствата од пред неколку години покажуваат дека тоа не е секогаш одржливо решение. Орешани не е единствен пример, има поголем број објекти од проектите за масовно градење спортски терени, кои се делумно или целосно оштетени, а некои не може ни да се користат, иако нема ниту една деценија откако се изградија.
Од Агенцијата за млади и спорт велат дека овојпат со базените, кои треба да се изградат во 14 општини во наредниве три години, ќе се обидат да воведат посебни задолжувања за да ја обезбедат нивната подолгорочна одржливост.
Тоа што не се изградило се става во мирување
Нема евиденција кои игралишта се во каква состојба, бидејќи како што се граделе, Агенцијата ги предавала на локалните самоуправи, нејзината работа завршувала до таму. Информациите за тоа што се случува со секој терен, кој го користи и за какви потреби, ги имаат 60-тината општини каде што тие се изградија.
На теренот состојбите се различни. Блиску до Орешани е Петровец каде што двојното тениско игралиште се уште функционира, и покрај делумно оштетената ограда и внатрешна опрема. Во Драчево тениското игралиште е заклучен во училишниот двор, а во Карпош на кејот на Вардар до двојниот терен е отворено тениско кафуле, а тенискиот клуб што е сопственик на кафулето на терените организира летни школи, тренинг за деца, аматерски турнири и друго.
Според податоците од стратешкиот план на Агенцијата за млади и спорт за периодот 2019-2021 година, од проектот 100 тениски игралишта изградени се 95, поточно 17 единечни и 39 двојни терени, а изградбата на преостанатите пет се става во мирување. Од цените што Владата ги објавувала во соопштенијата кога ги отварала објектите може да се пресмета дека овој проект ја чинел државата околу шест милиони евра.
Во годишниот финансиски извештај што Агенцијата го испратила до Министерството за финансии за 2017 година пишува дека само таа година за изградба на спортски објекти биле потрошени 2,2 милиони евра за изградба на 17 објекти. По четири објекти што биле завршени таа година изградиле фирмите „Жикол“ и „Бауер“, а другите девет се направени од седум различни градежни фирми.
Опасни фудбалски трибини
Проектот за изградба на 50 фудбалски игралишта заврши малку порано од тениските, а според податоците од стратегијата на АМС завршени се 49. За нив, според достапните податоци од владините соопштенија, се потошени околу седум милиони евра.
Од цените што Владата ги објавувала во соопштенијата кога ги отварала објектите може да се пресмета дека овој проект ја чинел државата околу шест милиони евра
И кај овие игралишта може да се видат големи разлики во различни општини.
Теренот во селото Љубин во општината Сарај, сместен меѓу дистрибутивен центар за храна, стовариште за градежни материјали и две ниви, е во најлоша состојба од сите објекти што преку овој проект се изградија во Скопје и во околината. Тревникот не се одржува, околу трибините растат трње, даските за седење се скапани и движењето по нив е опасно, а металната конструкција под нив рѓосува. Вратата на помошниот објект е исто така оштетена.
И во Ново Лисиче е опасно трибините да се користат за гледачи. Даските се искршени на многу места и се нестабилни за движење и за седење. Под нив, пак, просторот се полни со ѓубре. До нив, на теренот, фудбалски клубови и школи редовно тренираат. Тука тревникот и помошните простории се одржуваат. На други места, како во Аеродром и во Ѓорче Петров, фудбалските игралишта од овој проект се целосно одржани. Во Ѓорче се играат и натпревари.
Се прави план за базените, но не за игралиштата
За базените што ќе се прават во 14 општини Владата од годинешниот буџет ќе издвои 500 илјади денари, но тоа ќе биде само почеток бидејќи буџетски пари за овој проект ќе се издвојуваат и во наредните три години, до 2022.
На општините Штип, Чаир, Струмица, Велес, Неготино, Прилеп, Битола, Гостивар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Тетово и Кичево, Владата им препорача да изберат и да предложат локации каде треба да се изградат базените, и да обезбедат одобренија за градба. Агенцијата за млади и спорт е задолжена да почне постапка за да се избере изведувач и да се склучи повеќегодишен договор за изградба на објектите.
Идејата на АМС е тие да се изградат во основни училишта за да може да се користи училишната инфраструктура (греење, водовод, електрична енергија) и за да бидат физички обезбедени и подобро да се одржуваат.
Во меѓувреме, запуштените терени од минатите проекти и натаму пропаѓаат, а институциите остануваат на одговорите што се најлесни за нив – дека оние што се надлежни немаат капацитет, а другите се откажале кога ја предале надлежноста.