Несекојдневна глетка е да се види и да се слушне претставник од религиозните заедници, уште помалку монахиња, на панел каде што фокусот е родовата еднаквост.
Минатиот викенд, сестра Ефимија од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица учествуваше на дебатите за родова еднаквост, организирана од Асоцијацијата за здравствена едукација ХЕРА во Маврово.
Таму беа и новинари, политичари и претставници од бизнис-секторот.
Нејзиното присуство е значајно и поради минатогодишните искричења меѓу Црквата и невладиниот сектор околу тоа кој како го сфаќа внесувањето на родовата еднаквост во законите.
Иако родовата еднаквост во меѓународните организации се користи за да се адресираат различни општествени нееднаквости, противниците, во овој термин, меѓу кои и одредени претставници на МПЦ и ИВЗ, гледаат конспирација да се „избрише“ биолошкиот пол, со цел да се промовираат правата на ЛГБТ заедницата и трансродовите луѓе (оние кои се идентификуваат со различен род од полот што им бил доделен при раѓање).
Сестра Ефимија вели дека учествува на овие дискусии со благослов на архиепископот, г. г. Стефан.
Таа е дипломиран теолог и социјален работник, а има завршено и магистерски студии по уставно право и теологија. Моментално подготвува докторат на катедрата по политички систем на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
БИРН разговараше со неа за подобрувањето на родовата еднаквост во нашето општество и нејзината улога во овие процеси.
БИРН: Вие сте една од ретките претставници од религиозните заедници што учествува на дебати и работилници за родова еднаквост. Зошто е тоа така и дали има други монаси/монахињи што се заинтересирани за родови и феминистички прашања?
Да се биде дел од групите што влијаат врз општествените промени и креирањето на политиките за подостоинствен живот на граѓаните, не е нималку едноставна работа.
Од една страна, потребно е темелно да се познаваат специфичните културолошки аспекти и традиции според кои живеат луѓето во општеството што го третирате, а од друга, критички да се истражуваат понудените вредносни системи, според кои на глобално ниво постои стремеж за социјална инклузија и правна заштита на сите граѓани.
Тоа е сериозен предизвик, кој сам по себе носи многу ризици, но кога во вашиот живот постои човек, чија ширина и искуство градат мостови меѓу луѓето, создавајќи простор за конструктивен дијалог во општествената средина, тогаш сè е полесно.
Таков човек е епископот Антаниски, г. Партениј.
Токму во тоа светло можеме да го разбереме моето учество во општествените дебати. И морам да признаам дека уште од самиот почеток, па сè до денес ме следи една иста вредност, која верувам дека сум ја сочувала само поради доследноста кон она што и тој ме научил, а тоа е дека секогаш кога влегувам во овие дебати, треба, не само да зборувам, туку и фокусирано да слушам, да го чујам другиот, да разберам од каде и како почнало движењето на неговата личносна енергија и во кој правец е упатена.
Бидејќи само така постои можност за прогресивен развој, кој го подразбира задржувањето на човечкото достоинство и смислата на постоењето, како и за општествена корекција, во смисла на менување на правецот кон кој понекогаш човекот стрмоглаво се упатува.
Во контекст, пак, на вашето прашање дали постојат и други лица од верските заедници што се заинтересирани за овие општествени дебати, ќе ви одговорам дека, за среќа, јас не го поседувам ексклузивитетот. Тоа значи дека, иако во формална смисла малкумина сме присутни во јавниот простор, сепак, сигурна сум дека Православната црква перманентно си ја извршува својата должност кон нејзините членови и на неформален начин, воспитувајќи ги и унапредувајќи ги сите оние што ги посетуваат нејзините храмови.
БИРН: Многу индикатори, вклучувајќи и проценки од Обединетите нации, укажуваат дека позицијата на жените регресира. Како ја гледате вашата улога во борбата за родова еднаквост и дали едуцирате други луѓе за овие прашања во Православната црква?
Како Црква сме длабоко свесни за тоа дека пред нас стои огромен предизвик, кој бара да се вклучиме во културен дијалог, согласно фактот што го делиме истиот општествен простор заедно со државата.
Сите ние имаме заеднички удел во општествените и во политичките процеси.
Но, пред нас стои предизвикот како ќе се вклучиме, односно кои методи, пристапи и наративи ќе ги употребиме за да го унапредиме народот.
Црквата е авангардна, таа секогаш оди напред, истовремено (иако звучи парадоксално), не напуштајќи ги своите древни темелни вредности, врз кои е изградено целото светско општество.
Но, од нас зависи како она во кое веруваме ќе биде примено од другите и затоа мора да продолжиме да се движиме по линијата на прифаќање на различностите.
Тоа не значи да се повлечеме, одобрувајќи ги сите современи појави, бидејќи така Црквата би се поткопала самата себе, но не значи ни дека имаме право секому да се наметнуваме. Во свет кој се стреми кон демократија, не смееме да изразуваме верски тоталитаризам.
Во духот, пак, на демократијата лежи уште еден предизвик што го споделувам со ставрофорниот свештеник Бобан Митевски, кој има големо искуство во работата со невладиниот сектор и со државните институции.
Имено, со благослов на архиепископот, г. г. Стефан, двајцата се трудиме да придонесеме кон општествениот консензус во однос на подобрувањето на политиките за еманципација на жената, притоа не напуштајќи ги прогресивните христијански позиции во поглед на семејството и мајчинството.
Пред нас е исправен фактот, кој говори дека многу жени, особено оние од руралните средини, не партиципираат во системите за социјална сигурност, што понатаму ги лишува од платено породилно отсуство, старосни пензии и сл.
Посебен фокус, пак, ни се жените дипломирани теолози, кои согласно стекнатото формално образование, имаат само една и единствена можност преку која учествуваат на пазарот на труд: предметот Етика во религиите, кои тие го предаваат во 6 одделение.
Тој наставен предмет, цели 14 години има статус на изборен предмет, и тоа создава огромен притисок врз повеќе од стотина професорки (а со тоа и врз нивните семејства), кои од една страна постојано стравуваат дека ќе ги изгубат часовите во училиштата, а од друга немаат право да го трансформираат својот работен однос од определено на неопределено време.
Во тој контекст, веруваме дека ќе придонесеме кон позитивна промена на политиките, кон општеството во целина, бидејќи секој од нас треба да се труди во тоа, без оглед од која средина доаѓа.
БИРН: Според вас, кои се допирните, заеднички точки каде општеството може да најде консензус за родовите прашања?
За да утврдиме заеднички точки за консензус околу родовите прашања, потребно е сите страни да признаат дека имаат недостиг од знаење и да бидат отворени за учење и разбирање на различните перспективи.
Тоа подразбира создавање безбеден општествен простор за конструктивен дијалог, каде што ќе се слушаме еден со друг и ќе ги отфрлиме предрасудите.
Првиот заеднички чекор би бил прифаќањето на основните човекови права и вредности, како неприкосновени принципи, вклучително и еднаквоста меѓу жените и мажите.
На пример, сите можеме да се согласиме дека секој човек заслужува почит, правична плата, безбедност и еднаков пристап до образование и здравствена заштита. Овие основни принципи може да се користат како основа за понатамошен дијалог и креирање политики.
Дополнително, важно е да се признае вредноста на разноликоста и да се создадат можности за сите, без оглед на нивниот пол, да придонесат кон општеството на нивниот најдобар можен начин.
Социјалната инклузија, еднаков пристап до можности и отстранување на родовите стереотипи во врска со општествените улоги на мажите и жените, се прашања на кои можеме заеднички да работиме.
Како што нагласил вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј:
„За да бидам свој, ми требаш ти. Ако не се погледнеме еден со друг в очи, не сме вистински човечни.“
Во овој дух, здружената акција на верските заедници, државните институции, невладините организации и граѓаните е клучна за создавање општествен консензус и обликување на политиките за родова еднаквост.