Анализи

Шар Планина, или како независна Македонија прави национален парк

Осумнаесет луѓе се грижат за второто најголемо заштитено подрачје во земјава

Со 627 квадратни километри, националниот парк Шар Планина е малку поголем од десетте скопски општини заедно. За него се грижат вкупно 18 луѓе, од кои на десетина, редовната работа им е на терен – ренџерите и шумските техничари, а другите се директорот, двајцата раководители, административците и ИТ-техничарот. Треба да бидат над 50, но пари има само за една третина од она што предвидела систематизацијата.

Шар Планина е првиот и досега единствен национален парк што го воспоставила независната македонска држава. На 30 јуни годинава ќе се одбележат пет години од неговото прогласување, со закон што го изгласа Собранието. Другите три паркови – Маврово, Пелистер и Галичица го добиле овој статус во југословенско време. БИРН веќе пишуваше за проблемите со кои тие се соочуваат, од борбата со бесправното градење до зависноста од продажба на огревно дрво за да се исплатат плати и да се покријат трошоците.

Примерот со Шар Планина покажува дека државата недоволно учи од своите искуства дури и кога почнува нешто од нула. Ентузијазмот на вработените е клучниот ресурс со кој се чува ова заштитено подрачје, второ по големина во земјата.

Декларативните заложби наспроти реалноста

Шумската зона на Шар Планина | Фото: БИРН

Во демократско општество е предизвик да се прогласи национален парк, вели за БИРН, Анела Ставревска-Панајотова, раководителка на одделението за заштита на природата. Обемен процес на консултации со сите засегнати страни бил спроведен во месеците пред прогласувањето и бил постигнат консензус дека е време Шар Планина да биде национален парк и да биде управувана на поинаков начин.

„Денес можам да кажам дека некои изјави на локалните чинители биле декларативни зашто се навлегува во личниот интерес и во начинот на кој се користат ресурсите на планината, што не е секогаш одржливо и пријателски настроено кон зачувувањето на природните богатства“, вели Ставревска-Панајотова.

Таа е првиот вработен во јавната установа Национален парк Шар Планина. Ангажманот ѝ почнал уште пред регистрирањето на институцијата, кога како консултант работела на планот за управување со заштитеното подрачје.

Вели дека уште во раната фаза по прогласувањето станало јасно дека државата не поминала низ ваков процес. Ништо не било обезбедено на почетокот, па самите морале да се снаоѓаат за простории, регистрација на установа и за сите други постапки што следувале по свечениот чин во Собранието.

„Првиот директор заврши со едно решение, документ в рака, и тоа беше сè. Не ми беше јасно како одеднаш една толкава гордост на државата завршува на хартија. Административните процедури не беа завршени – да се регистрира, да се направи статут, систематизација, договори за работа и да се воспостави институцијата пред другите чинители во општеството. Во тој процес, јас бев ангажирана како надворешен консултант бидејќи не постоеше институција за да ме вработи. Во ноември 2022 година, на мојот роденден станав првиот вработен и продолжи моето вложување за Шар Планина“, додава Ставревска-Панајотова.

Животинското царство на Шара

Игра на мечките – преглед на резултатите од фотозамките | Фото: БИРН

Во магливо декемвриско утро, ренџерите Бесник Даути и Албан Дехари влегуваат во теренско возило и се упатуваат кон планината. Со себе носат две фотозамки, камери со сензор за движење, со кои се набљудува животинскиот свет. Внимателно ги поставуваат на место каде што би можеле да поминат животни. Ги врзуваат за дрво и ги покриваат со мов и со лисја, за да не се гледаат. Ако имаат среќа, ќе најдат добри фотографии и видеоснимки кога ќе го соберат материјалот.

Среќата била голема на 7 април 2024 година, кога прегледувајќи ги снимките, вработените забележале балкански рис како се шета низ планината. Рисот е исклучително ретко животно, критично загрозено, кое живее во најдивите предели на Балканот. Неговото присуство покажува дека Шар Планина има доволно недопрена природа за да одржи еден таков вид, на кој му требаат специфични услови за да опстане. Практично потврдува дека планината вреди да се заштити.

Освен рисот, фотозамките досега „уловиле“ 42 мечки, осум волци, 43 срни, 144 дивокози, 72 диви свињи, како и зајаци, лисици, јазовци и други животни.

Дивеење против дивината

Нерегуларните активности во националниот парк не се запрени | Фото: НП Шар Планина

Шара, за жал, изобилува и со друга „дивина“: дива сеча, диви депонии, диво градење, диво скијање, дивеење со специјални теренски возила, криволов и друго.

„За мене проблем број еден се дивите депонии, кои создаваат многу лоша слика за посетителите. Нелегалните сечи се во голема мера намалени, што е резултат и на нашата работа, на нашите ренџери“, вели директорот на паркот, Евзал Елмази.

Националниот парк се протега низ седум општини, кои се задолжени да го собираат отпадот. Повремено се одржуваат акции за чистење, но директорот Елмази повикува на долгорочно решение, пред сè, за високопланинските села, каде што во зима често не може да се собира отпадот. Предлага да се определат зони за одлагање на отпадот додека се создадат услови тој да се собере со механизација.

Во селата што се во границите на паркот живеат десетина илјади жители. Милорад Андријески, раководителот за одржливо користење природни ресурси, објаснува дека за нив без проблем може да се обезбеди огревно дрво и други ресурси, но за тие од надвор не може да се гарантира.

Проблемите не доаѓаат од локалците, туку од бизнисот и од државата. Ставревска-Панајотова вели дека уште пред формирањето на паркот веќе имало развиени бизниси што нудат „авантуристички“ туризам, односно возење специјализирани моторни возила, квадрицикли, мотоцикли и други, низ непристапните делови од планината, дури и до врвовите.

„Слободно можам да кажам дека тоа е дивеење“, вели таа.

Друг проблем што го посочуваат и директорот и раководителите е скијањето во длабок снег. Кога нема доволно снег на терените од скијачкиот центар, скијачи плаќаат за да ги однесат со ратраци високо на планината, од каде што може да се спуштат по необележани патеки. Движејќи се низ плиткиот снег за да стигнат до длабокиот, ратраците ја разоруваат земјата и прават штета.

Борба со енергетскиот бизнис

Градежната механизација продира длабоко во планината | Фото: НП Шар Планина

Особено болна точка се малите хидроцентрали. Непосредно пред да се прогласи националниот парк, кога беше извесно дека тоа ќе се случи, масовно се издаваа дозволи за нив, за да се фати последниот воз.

Има 14 што веќе работат и, како што објаснува раководителката за заштита на природата, има притисок од државата да се изградат и нови. Тоа се две централи во Лешница, за кои има добиено дозвола за користење на водните ресурси, но договорите за изградба им се истечени.

„Локацијата каде што треба да се прават овие хидроцентрали е во срцето на  Шар Планина. Доаѓаат стотици туристи, кои коментираат зошто тука има цевки и бетон. Ако тоа го развиваме како стратешка локација за развој на туризмот и ги привлекуваме светските туристи во најубавиот дел на Шар Планина, контрадикторно е да правиме економски дејности што се на штета на природата и на локалното население“ смета Ставревска-Панајотова.

Како да се наплатат влезници на 80 места?

Амблемот на националниот парк, со стилизиран рис и планински врв | Фото: БИРН

Ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат овие 18 луѓе, обидувајќи се да зачуваат едно големо заштитено подрачје од државно значење. Секогаш не можат да сметаат на поддршката од другите институции, а понекогаш мора и да им се спротивстават, како при изградбата на хидроцентрали, локални патишта и друго.

Не само што не можат да замислат да ја достигнат потребната бројка од 50, туку директорот Елмази е загрижен дека тешко би останале и 18. Главниот проблем се, секако, парите.

„Прво е тешко да се најдат соодветни луѓе што ја сакаат природата, а второ, примањата не се многу високи за да ги задржите, треба некако да се стимулираат, да има систем за унапредување како кај административните службеници – помлад ренџер, виш ренџер итн.“, вели директорот.

Националните паркови се самофинансирачки институции по закон, што значи дека самите треба да си заработат пари. Дел го прават тоа преку продажба на огревното дрво од санитарните сечи (отстранувањето болни и оштетени дрвја), но Шар Планина има политика да не зависи од овој ресурс.

Паркот добивал пари од државата, од меѓународни фондации, од компании што оперираат во него и плаќаат некаков надомест и, иако имало моменти на финансиска стабилност, тоа никогаш не било долгорочно решено.

Еден од познатите светски начини на финансирање е наплатата на влезници и има национални паркови, на пример во Хрватска, кои добро живеат од тоа. Методот веќе го применуваат Галичица и Пелистер во Македонија, но за Шар Планина, тој е невозможен.

„Ние имаме над 80 влезови и невозможна мисија е да се стават рампи и да се контролира влегувањето“, додава Елмази.

Десетици илјади евра за документи

Пари не требаат само за физичко чување на паркот, туку и за изработка на документи за да се заштити, одржи и унапреди природата. На пример, шумската површина на Шар Планина е поделена на пет посебни единици и за секоја од нив треба да има план за управување. Во петтата година од постоењето, националниот парк има само еден ваков документ, а за другите четири чека донации.

Андријески, раководителот за одржливо користење, објаснува дека за да се направи еден план, треба тим од пет-шест луѓе да работи со месеци.

„Прво е потребна добра канцелариска подготовка, прибирање мапи и документи, најмалку еден месец. Потоа следува теренското прибирање податоци, што е најтежок, најспецифичен и најстручен дел од работата. На крајот, сето тоа треба да се обработи и да се подготви документ“, вели тој.

Цената на овој потфат? Околу 40 до 50 илјади евра за секој посебен план. Не само за шумите, туку и за дивечот, плодовите и за секој ресурс. Само така, националниот парк ќе има податоци со кои ќе може да одлучува што смее и што не смее да се прави во него, во најдобар интерес на природата и на биодиверзитетот.

Сето тоа треба да се постигне со третина од кадарот и со нестабилно финансирање.