Четири дена по пожарот во магацинот, во кој се складирале литиумски батерии и електронски отпад, познати се само неколку состојки во воздухот што го дишеа жителите на Трубарево и скопјани. За другите се најавуваат резултати в петок, а за дополнителните анализи ќе треба да се почека до следниот месец.
Од утре, јавните обвинители излегуваат на терен, каде што ќе вршат увид на изгорениот магацин.
Но, инцидентот во Трубарево беше само еден од последните пожари поради кој во главниот град тешко се дише со недели. Неколкупати се запали дивата депонија Вардариште, а со денови има пожари и во градската депонија Дрисла. Повремено има и други пожари, како оној во депонијата во Шуто Оризари или, пак, синоќешниот во сервисот за автомобили.
Сепак, најголемо вознемирување предизвика црниот чад во саботата, кој со часови се гледаше речиси од цело Скопје, особено поради информацијата дека таму горат батерии и електронски отпад, кои при горење испуштаат опасни гасови.
Првите мерења
Вечерта во саботата, веднаш по пожарот, екипа на Инспекторатот за животна средина заминала во Трубарево и утврдила дека имало трипати повеќе сулфур диоксид, трипати повеќе азот диоксид и стотина пати повеќе јаглерод моноксид од нормалнотo.
Истата вечер таму бил и Специјалниот вод на Армијата за атомска и биолошка одбрана. Тие имаат апарат со кој детектираат дали има опасност во воздухот и на кое ниво, но не утврдиле точно кои материи ги имало, туку само ја означиле зоната на ризик.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, доцна вечерта ги соопшти нивните резултати: на 150 метри од жариштето имало висока концентрација на штетни супстанции, на повеќе од 200 метри загаденоста била ниска, на над 400 метри не било констатирано загадување.
Дополнителни испитувања
Следниот ден, во неделата, на терен излегол и тимот предводен од ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски. Тие мереле 14 гасови во воздухот, но ниту еден не ја надминувал дозволената вредност. (Погледнете кои параметри се мерени)
Меѓутоа, нивната анализа не вклучува податоци за нивоа на хидроген флуорид – гас кој се ослободува при согорување на литиумските батерии и кој може да биде опасен при директен контакт. Мираковски вели дека тој е опасен за локалното население што било таму за време на несреќата во случај да го вдишат или при контакт со кожата. Во тој случај, зависно од количеството, би можело да предизвика проблеми на дишните органи и изгореници. Засега, такви случаи не се евидентирани.
Истиот ден, на терен излегле и претставници од Институтот за јавно здравје. Тие зеле примероци од водата, почвата и од воздухот, од место во близина на пожарот и утврдиле дека во нив нема радијација, а конкретно во мострите од водата утврдиле дека нема отстапување во однос на тешките метали. Резултатите за присуство на тешки метали во почвата, дополнително ќе бидат објавени.
Што ќе покажат следните анализи
За в петок се најавуваат резултати од Инспекторатот за животна средина, кои треба да покажат колку хлор, никел, сулфур, олово, кадмиум и азот имало во воздухот, во изминативе денови.
Тимот на штипскиот универзитет поставил и две сонди во Трубарево, а низ Скопје веќе имаат уште четири, во рамки на друг проект. Тие на подолг рок ќе покажат какви метали има во воздухот.
Првите резултати од мерењата, кои ќе откријат каков бил септемврискиот воздух, Мираковски ги најавува за почетокот на октомври.
Проблем е никој не знае што горело
Неколку институции што ги контактираше БИРН велат дека голем проблем за мерењата е тоа што не се знаело што точно гори во магацинот. Ако се знаело, тогаш можеле да употребат соодветни инструменти и полесно да утврдат какви материи се ослободиле.
Информацијата што точно имало внатре, според Министерството за животна средина, нема бргу да биде позната, бидејќи деловните книги на компанијата се обемни и предадени на вештачење.
Што покажуваат дозволите на фирмата
Компанијата „Ф-групација“ работела од 1998 година. Последната четиригодишна дозвола ѝ е издадена во 2022 година.
Низ годините се направени три контроли во магацинот, кои не покажале недостатоци. По пожарот, извршени се уште две контроли. Објектот имал дозвола за лесна индустрија и досега, како што соопштија од Инспекторатот за животна средина, немало пријава до нив со поплаки од локалното население.
Фирмата поседувала дозвола за прием на 20 тони неопасен отпад дневно и 500 килограми опасен отпад.
Шестотини тони отпад, во 2024 година извезле во Бугарија, а годинава 200 тони во Хрватска. Опасниот отпад, според законот, не може да се преработува во земјава, а во него спаѓа сè што предизвикува сериозно влијание врз здравјето на луѓето и животната околина.
Во Македонија, според Министерството за животна средина, има околу педесет отпади во кои сега Инспекторатот за животна средина ќе врши вонредни контроли.
Што е следно?
Сега се чека расчистување на местото на пожарот. Потоа, вели професорот Мираковски, дека би требало да се земат примероци од почвата во пошироката околина за да се анализира дали е загадена и дали е потребна детоксикација на земјата.
Сепак, тој е убеден дека „поголемиот дел од урбаната зона на Скопје не бил изложен на сериозен ризик.“