Има широка согласност во македонското општество дека пожарот во дискотеката „Пулс“, во Кочани, кој однесе 59 млади животи и повреди над 150 луѓе, не беше несреќа или случајност, туку последица на големи системски пропусти и недостатоци што се провлекувале со години и кои директно или индиректно придонеле да дојде до трагедијата. Тоа го зборуваат и власта, и опозицијата, и неутралните граѓани и групи, и многу експерти во разни релевантни области.
Прашањето што се наметнува во оваа ситуација е – дали ќе успееме да се поправиме. Јавноста гледа една брза истрага во која досега се осомничени 34 лица. Се препроверуваат лиценците на разни бизниси, од ноќни клубови и угостителски објекти до градежни и транспортни компании, и на некои им се укинуваат, бидејќи не ги исполнувале условите. Компании и граѓани брзаат да набават противпожарна опрема.
За тоа што може да се очекува како ефект од сегашните силни иницијативи, дали државата и општеството ќе извлечат поука од трагичниот настан, и колку е можно целиот систем да се поправи, разговаравме со Владимир Симоновски, пожарникар со 26-годишно искуство и заменик-командант на Територијалната противпожарна единица на градот Скопје.
БИРН: По трагедијата во Кочани се најавуваат големи акции и контроли. И порано по трагедии се тргнувало во акција. Гледате ли денес нешто различно и може ли да се очекува навистина да се подобри противпожарната заштита?
Симоновски: Секогаш се доведуваме во ситуација да ни се случи нешто, за да покренеме постапка. Значи ако не ни се случеше ова, ќе си продолжевме така и ќе си живеевме со истиот проблем. Десетина години наназад, нам ни се случувале големи трагедии, кои однеле човечки жртви во двоцифрени броеви, но, сепак, не сме ги сфатиле како некаква опомена и не сме презеле мерки за да се подобриме, да не дојдеме повторно до таква ситуација.
Старите велат – секогаш се учи од грешките. Имавме грешка со бродот што потона во Охрид пред повеќе од 10 години, со 16 жртви, со прекумерна тежина и со повеќе патници. Потоа имавме поплава, која, исто така, влегува во кризи, несреќи и катастрофи. Имавме летни шумски пожари со катастрофални последици во 2019, па повторно во 2021, а ако ја земеме 2020 година, кога имавме корона криза и затворање, имаше намалување од 40 отсто на капацитетот на пожарите. Значи пак доаѓаме до човечкиот фактор.
Ова што сега ни се случи е голема опомена. Гледам дека во последниве десетина дена, компаниите што работат со противпожарна опрема се преплавени од барања за ПП апарати, за хидранти и друго. Жалосно е да се каже дека требало да дојде до трагедија за да се свестиме. Се надевам дека ќе се поправат некои работи, ама треба малку да се поведе сметка и за инспекциските служби.
БИРН: Што е тоа што може брзо и лесно да се поправи, за што ќе треба повеќе време и има ли нешта што се непоправливи?
Симоновски: Во Скопје имаме објекти што повеќето се изградени во време на Југославија, пред земјотресот, пониски се и немаат хидрантска мрежа. Таму сега треба куќните совети и управувачите да обезбедат ПП апарати на секој кат. Тоа е една почетна фаза на превентивни мерки. Во западните земји, превентивните мерки се 90 отсто од заштитата.
Второ, оние згради во Скопје и на други места што се малку повисоки и имаат противпожарни скалила, тие се или узурпирани и претворени во остава, или е направена дополнителна соба, или во нив се ставени шкафови, велосипеди… Или некои заеднички простории каде што имало пералници и има дотур на вода, тие се затворени и претворени во соби. Општините даваат дозволи за таква пренамена. Треба да се координираме во оваа ситуација.
Индивидуалните куќи, иако за нив не е задолжително, е подобро да имаат ПП-апарати. Тие не се многу финансиски скапи, но се чувствувате посигурни, да не импровизирате. Може да земат еден таков апарат од два или три литри, да го чуваат во кујната, каде што е најоптоварено со електрична енергија, а знаеме дека таа е еден од причинителите за пожарите.
Хидрантската мрежа за нас е најважна во урбаните пожари. Ако дојдеме во Дебар Маало и точно знаеме каде се подземните хидранти на ЈП „Водовод и канализација“, лесно е побргу да интервенираме во целата ситуација. Кај ѕидните хидранти наоѓаме некои што се неисправни или празни, ама кај подземните, што ги контролира „Водовод и канализација“, имаме шема и сме до некаде покриени. Имаме проблем со новите градби, многу се блиску изградени, просторот е мал, а треба да дојдеме со возило што има 10 тони вода, да му направиме и место за да влезе и приод за да има ефективна работа.
БИРН: Ги имате ли мапирано местата во Скопје каде што пристапот е најтежок за противпожарните екипи?
Симоновски: Работевме еден проект со УНДП, каде што ги мапиравме критичните делови од противпожарен аспект. Тука е Старата скопска чаршија, како и индустрискиот дел на Визбегово, каде што се направени повеќе деловни објекти на збиен простор, хангари, магацини, а притисокот на вода е многу слаб, и самите тие се бунеа за тоа.
И Стар Аеродром е тука, делот каде што имаше бараки, а се дигнати згради, таа коцка до поликлиниката „Јане Сандански“. Сега гледаме дека никнува нова населба во Општина Гази Баба, кај ФОН, пред мостот Близнак, а таму позади има депонија Вардариште, која сè уште е активна.
Најголемата трагедија е што некои нови населби ги имаат истите проблеми како Старата чаршија. Во чаршијата дури го имаме решено прашањето со пристапот, откај хотелот „Буши“, каде што има електронски столпчиња, а едно од апаратчињата за спуштање го имаме ние. Значи, сепак, има свест кај некои од граѓаните, самите инвестирале во тоа, а ни дале пристап за да може да влеземе.