Анализи

Скриени ризици за државните отворени податоци

Додека бројот на неодговорени барања за информации расте, се подготвува и нејасен нов закон за отворени податоци

„Транспарентноста не е наш трик, таа е темел на нашето одговорно владеење“, вака владината портпаролка Марија Митева, со фејсбук-статус го дочека најновото рангирање за активна транспарентност, на кое Илинденска бр. 2 имаше скок од седум места во однос на лани.

Рангирањето мери колку самите институции објавуваат информации, без да им се побараат.

Меѓутоа, впечатокот на новинарите, засилен со официјални податоци, покажува дека државата сè почесто одбира да молчи кога директно ќе ѝ се побара отчетност. Тоа го илустрира бројот на неодговорени барања за пристап до информации, кој годинава бележи драматичен раст од 40 отсто.

Во атмосфера на вакво тивко затворање на институциите, Министерството за дигитална трансформација изготви нов и недоречен нацрт-закон за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор, кој наместо да овозможи поголема отвореност, огласува аларм за дополнително затворање.

Отворените податоци, според дефиницијата на Министерството за дигитална трансформација, треба да бидат достапни во машински читливи формати, за секој слободно да ги користи и дистрибуира.

Специфично за нив е и што тие се објавуваат онака како што ги направиле институциите, а не обработени. На пример, отворен податок е кога Агенцијата за вработување ги објавува ексел-табелите за невработени по градови, а не кога истата институција ќе прати соопштение со бројки за невработени.

Еден пример, пак, за тоа како се користат се податоците од сајтот за јавни набавки, каде што се објавуваат сите тендери. Иако пребарувањето таму е комплицирано, податоците постојат и во машински формат, па агрегаторот „Тајм.мк“ ги презема и ги поедноставува. За тоа не е потребна никаква дозвола.

Но, новиот нацрт-закон навестува значајна промена: секој што сака да ги користи податоците за „создавање нови информации, содржини, апликации или услуги“, ќе мора да бара дозвола од институцијата што ги поседува.

Институциите, пак, се предвидува да имаат назначено „службено лице за отворени податоци“, кое ќе има рок од 20 дена да одговори.

Предлогот не прецизира кои точно корисници, во кои случаи и за кои отворени податоци ќе треба да бараат дозвола.

Расипан телефон

Нацрт законот има нејасни одредби кои може да создадат дополнителни проблеми

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации вели дека очекувал законот повеќе да ги опфати обврските на институциите да ги објавуваат информациите.

„Во делот на отворените податоци, златниот стандард е јасен, дека секој може слободно и бесплатно да ги употребува, реупотребува и дистрибуира, со наведување на изворот и споделување под истите овие услови.“

Но, наспроти тоа, како што вели Филков, нацрт-законот се обидува да ја регулира токму повторната употреба.

„Овие одредби, во нацрт-законот се нејасни и оставаат широк простор за самоволно однесување на имателите на податоците и сметам дека – ако останат вака – ќе предизвикуваат проблеми во праксата“, нагласува Филков.

БИРН побара појаснување од Министерството, но средби и директни контакти беа одбиени, а одговорите преку е-пошта, наместо разјаснување, отворија нови дилеми.

Во допишувањето, кое траеше неколку недели, Министерството наведе примери кој сè ќе мора да бара дозвола.

„ИТ-компанија што развива апликација за возен ред, новинар што прави визуализација на статистички податоци или стартап што користи географски информации“, според Министерството, ќе мора да бараат дозвола.

За Миша Поповиќ од Институтот за демократија, особено проблематичен е примерот со новинарите и правењето инфографици врз база на податоци од статистика. Тој вели дека, не само што статистика не е најсоодветен пример за отворени податоци, оти тие, иако може да се преземат во машински формат, обработени се од институцијата, туку и предупредува дека би можело да ја отежне работата на многу луѓе.

„Замислете сега секој новинар што сака да презентира резултати од попис, да бара и да чека дозвола“, вели Поповиќ.

Од министерството инсистираа само на комуникација преку електронска пошта | Фото: БИРН

Во комуникацијата со Министерството не добивме јасен одговор дали новинарите, кои на дневна основа ги користат отворените податоци, во иднина би биле обврзани да ги чекаат законски предвидените 20 дена за дозвола.

Она што засега ни го одговорија е дека податоците што се објавени во моментов се со лиценца за која не е потребна дозвола, но дека „во иднина, доколку се користи друг тип лиценца, со неа ќе биде пропишано дали ќе треба дозвола.“

Од таму тврдат и дека тоа што го предложиле како нацрт-закон е во целосна усогласеност со директивата на Европската Унија од 2019 година.

Поповиќ, пак, тврди дека тој е во спротивност со Европската директива за отворени податоци. Објаснува дека самиот текст на директивата прави јасна разлика меѓу веќе објавени податоци и барања, како инструмент за пристап до податоци што сè уште не се јавно достапни.

Според него, ограничувања се дозволени само во исклучителни случаи, како заштита на приватноста или критична инфраструктура, за разлика од предлог-законот во кој се дава можност институциите самите да определуваат податоци за кои ќе мора да се бара одобрување за повторна употреба.

„Во Европската директива, можноста да се ограничи или контролира пристап преку барања, според мое читање, не постои“, вели Поповиќ.

Иако законот сè уште е во нацрт-верзија и Министерството најавува дека ќе организираат и јавна расправа, досегашните искуства, со слични закони во кои има процедура за добивање информација, предупредуваат дека овие процеси често се одолжуваат, а некогаш и не завршуваат успешно.

Таков е случајот со Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Расте бројот на жалби

Во пораст бројот на жалби поради молк на управата | Фото: БИРН

Во случај кога информациите, пак, не се јавно објавени, граѓаните и новинарите можат да ги добијат според тој закон.

Процедурата е слична како и сега предложената во нацртот за отворени податоци, односно се испраќа барање до конкретната институција, а треба да ви одговорат најмногу за 20 дена.

Праксата и официјалните бројки илустрираат назадување во практицирањето и на ова право. Тоа, во разговор за БИРН, го потврди и директорката на Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчева.

Таа вели дека до минатата недела, во Агенцијата примиле точно 500 жалби. За споредба, во текот на целата мината година имало 354 жалби.

„До крајот на годината имаме повеќе од три месеци. Така што оваа бројка ќе порасне до 31 декември годинава“, вели Бојчева.

И искуствата на БИРН, во повеќе случаи го потврдуваат ваквиот тренд.

Јавното претпријатие „Железници инфраструктура“ не ни ја даде физибилити студијата за градскиот воз, со образложение дека за неа „нема јавен интерес“, а документот не беше објавен и откако Агенцијата за слободен пристап им наложи.

Министерството за здравство, пак, веќе половина година не одговара на барања поврзани со фирмата „Скопстер“, која ја доби концесијата за централната стерилизација, околу која ескалираше проблем деновиве.

Во друг случај, Државниот завод за ревизија се однесуваше контрадикторно. Прво, ги одби нашите барања за имиња на ревизори, со образложение дека ја штити нивната безбедност, за подоцна да го сменат образложението дека немаат податок кои ревизори ги изработувале извештаите на политичките партии.

Во целиот процес се носеа и се поништуваа решенијата, а жалбите се влечеа со месеци.

Антикорупциската комисија, пак, одби увид во архивиран предмет поврзан со сертификат по англиски јазик на првиот човек на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, правдајќи се со „заштита на лични податоци.“ Одлуката на Агенцијата дека антикорупционерите треба да дозволат увид, заврши со тужба на ДКСК против Агенцијата.

По половина година жалби и дури откако Управниот суд донесе одлука во корист на Агенцијата, документот, сепак, беше доставен и откри недоследности.

Некогаш, пак, се случува да се добијат одговори дека информациите воопшто не смеат да се побараат, иако е јасно дека не станува збор за класифицирани податоци.

Виновни службениците, а не директорите

Директорката на Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер, Бојчева вели дека граѓаните и новинарите најчесто се жалат на тоа дека одлучуваат да ги игнорираат барањата за информации и дека дури 70 проценти од поплаките се на таа тема.

Од друга страна, со години постои тренд, институциите да не ги почитуваат задолжувањата што им ги дава Агенцијата за објавување на бараните информации.

„Не постапуваат по нашите решенија и немаме механизми да ги натераме, освен прекршочните одредби што ги водиме против службените лица“, вели Бојчева и го коментира законското решение што предвидува за „глувата“ администрација да одговараат службениците, а не нивните надредени.

„Деновиве, во една постапка, службените лица докажаа дека презеле сè што е во нивна моќ да ја обезбедат бараната информација, меѓутоа не наишле на слух кај раководните лица“, вели Бојчева.

Тоа не е пречка, во владините соопштенија да се истакнува дека транспарентноста никогаш не била подобра.

„Владата нема неодговорено прашање, ниту намерно задоцнување во одговорите до медиумите и јавноста“, тврдат претставниците на власта.

Во пракса, пак, останува впечатокот дека до некои информации од јавен интерес мора да се помине низ долг пат на молк, жалби и на истрајност за конечно да биде објавена – ако воопшто и дојде до тоа.

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.