Законите за слободен пристап до информации од јавен карактер, во земјите од Западен Балкан се стари повеќе од една деценија. И покрај тоа што речиси сите земји каде што БИРН врши мониторинг имаат закони што се сметаат за добро формулирани, нивната вредност често е само на хартија, истакнаа говорниците од регионот на панел-дискусијата на БИРН „Слободен пристап до информации од јавен карактер на Балканот: неодговорени повици“.
Планираните законски измени, се чини, дека се дизајнирани да им оневозможат на новинарите да бараат одговорност од властите. При спроведувањето на ваквото законодавство, сите земји од Западен Балкан значително заостанаа, се вели во годишниот извештај на БИРН за слободен пристап до информации од јавен карактер официјално објавен во средата.
При правилно спроведување на законите и овозможување пристап до јавните документи, особено кога се во прашање новинарите, јавните институции претпочитаат да молчат или делумно да одговараат. Тие, исто така, не секогаш даваат целосен пристап до бараните информации.
Минатата година, новинарите на БИРН поднесоа 376 барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Само 134 беа целосно одговорени, а повеќе од половина од барањата воопшто не беа одговорени. Овој феномен е познат како „административен молк“, кој ја одразува недоволната транспарентност и проактивност на јавните институции. Недостигот од политичка волја за целосно спроведување на законите за слободен пристап е главениот поттик зад актуелните трендови забележани од БИРН.
Планираните законски измени околу слободниот пристап до информации од јавен карактер, се чини, се дизајнирани да им отежнат на новинарите што бараат одговорност од властите, се објаснуваше на панел-дискусијата на БИРН во Скопје.
Саша Драгојло, новинар на БИРН од Србија, на панел-дискусијата изјави дека е тешко да се добијат информации од српските институции. „Тоа е како ‘Денот на мрмотот’ секоја година кога разговараме за состојбата на слободен пристап до информации од јавен карактер. Дури и кога институциите одговараат на нашите барања, секогаш не добиваме вистински информации“, рече Драгојло.
Подобра е ситуацијата во Косово, каде што многу документи се јавни. „Гледаме некои позитивни трендови, а и политиката, исто така, малку се промени на подобро“, рече на панелот, Гентијана Ахмети, новинарка на БИРН во Косово.
Што се однесува до политичката волја, промената на власта во Црна Гора не донесе никаков пробив, смета Лазар Грдиниќ, истражувач во невладината организација МАНС во Црна Гора.
„Новата влада, новата моќна елита се води по старите практики. Состојбата со слободен пристап до информации од јавен карактер во Црна Гора е речиси иста како и пред неколку години. Треба да направиме повеќе како општество“, ја опиша ситуацијата Грдиниќ.
Во Македонија, главниот проблем е молкот на властите, рече Пламенка Бојчева од Агенцијата за жалби .
„Кога некој ќе испрати законско барање, институциите не одговараат во согласност со законскиот рок. Нашата цел е да го промениме ова со редовна обука на службениците што ги примаат ваквите барања. Политичката волја игра многу важна улога. Она што ние како агенција се обидуваме да го постигнеме, иако ни недостасуваат ресурси, е да го надминеме тоа со градење институционални стандарди“, рече Бојчева.
Кога разговараше за проблемите и перспективите на Отворено владино партнерство, Сандра Пернар, високa регионална координаторка за Европа со OGP, го спомена порастот на популистичките движења и влади ширум светот.
„Популистичките партии и политичарите ја користат недовербата и гневот на граѓаните за да дојдат на власт. Трите најважни предизвици со кои се соочуваат балканските земји се борбата против корупцијата, недостигот од отворен граѓански простор и доверба во институциите“, таа кажа во видеопораката.
Герман Филков, од Центарот за граѓански комуникации Скопје, рече дека еден од најголемите недостатоци на Отворено владино партнерство е тоа што зависи од личните заложби на ограничен број луѓе. „За процесот е потребна и политичка волја, дали владиниот министер го знае процесот“, рече тој, осврнувајќи се на претходната панел-дискусија.
Владата на Црна Гора работи на нов национален акциски план, изјави шефот на Дирекцијата за иновации, отвореност на јавноста, администрација и соработка со невладините организации од Министерството за јавна администрација.
Лидија Љумовиќ, исто така, додаде дека кога работеле на планот и двете е-платформи, имале „фундаментална, контекстуална и прилично богата координација со граѓанскиот сектор“.
Моментално, Србија го усвојува својот петти национален акциски план за Отворено владино партнерство, рече Милош Павковиќ, истражувач од Центарот за европска политика. Еден од главните предизвици е тоа што изборите и уставните измени го прекинуваат спроведувањето на акцискиот план, рече тој.
Според годишниот извештај за слободата на информации на БИРН, јавните институции претпочитале да ги чуваат јавните досиеја во тајност и да не ѝ помагаат на јавноста подобро да разбере важни настани или владини дејствија. Врз основа на податоците собрани од набљудуваните институции од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и од Србија тоа се покажува како тренд што се повторува секоја година.
Годишниот извештај на БИРН е дел од проектот „Пишана трага до подобро владеење“, финансиран од Австриската агенција за развој.