Иако примената на матичните клетки има ограничена употреба во медицината, многу родители одлучуваат да зачуваат вакви клетки од крвта на папочната врвца на своето новороденче, за ако некогаш им затребаат, да ги искористат за лекување за детето или за најблиските членови од семејството.
Оваа постапка не е евтина, крвта се зема при самото породување, а матичните клетки потоа се замрзнуваат и се транспортираат до т.н. банки за нивно чување, кои се наоѓаат надвор од земјава. За нивното чување се склучуваат повеќегодишни договори, а се нуди можност и за нивно продолжување со доплата, по истек на договорениот рок.
БИРН ја истражува оваа тема. Сакаме да ги слушнеме вашите искуства – како дознавте за оваа можност, зошто одлучивте да зачувате матични клетки при породувањето, какви договори имате со компаниите, но и дали сте ги искористиле матичните клетки за лекување.
Прашалникот е наменет за родители, кои во периодот меѓу 2005 и 2025 година ги зачувале матичните клетки од папочната врвца при породувањето во Македонија. Вашите одговори се целосно анонимни, безбедни и шифрирани.
БИРН нема да објави никакви лични податоци без претходна согласност.

