Регион

Србија пробива рекорди со извозот на муниција во Израел

Во првата половина на 2025 е извезена муниција во вредност поголема од онаа во цела 2024, кога се извезле рекордни – 47,9 милиони евра

На 6 јуни, српскиот претседател Александар Вучиќ, во интервју за израелскиот весник на англиски јазик, „Ерусалим пост“, изненадувачки се пофали дека Србија е единствената европска земја што ѝ продава муниција на Израел.

Меѓутоа, само две недели подоцна, утрото на 23 јуни, одговарајќи на новинарско прашање дали Србија со извозот зазела страна во конфликтот меѓу Израел и Иран, Вучиќ изјави дека државата го запрела извозот на оружје и муниција.

„Сега не извезуваме ништо. Сега сè е запрено и мора да има посебни и специјални одлуки ако нешто се извезува“, рече тој.

Сепак, истиот ден, само неколку часа откако Вучиќ прогласи мораториум, на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ слета добро познат гостин – израелски товарен авион „боинг 747.“

Следниот ден, околу 11.32 часот, авионот полета кон израелската воздухопловна база Неватим, според податоците од сајтот „Флајтрадар 24.“

Подоцна, истиот ден, прашан за летот, Вучиќ кратко одговори:

„Не ми паѓа напамет да кажам што полетало, а што слетало.“

Израелски Боинг 747 на белградскиот аеродром кон крајот на јуни годинава | Фото: БИРN/Харец/Приватна архива

Во последните две години, српските власти се позиционираа како значаен воен сојузник на Израел.

Според царински податоци до кои дојде БИРН, во првите шест месеци од 2025 година, извезла муниција за Израел вредна 55,5 милиони евра. Тоа е повеќе од целокупниот извоз за 2024 година, која и самата беше рекордна – 47,9 милиони евра, вклучувајќи го извозот и на државните и на приватните компании.

Датумите на извоз се совпаѓаат со 16 израелски летови од Белград кон базата Неватим, кои новинарите ги идентификуваа преку неколку веб-страници за следење авионски летови.

Покрај државната компанија „Југоимпорт-СДПР“, уште пет приватни фирми од Србија извезувале оружје и муниција во Израел, во последниве две години, објави претходно српскиот неделник „Радар.“

БИРН и израелскиот весник „Харец“ откриваат дека две од приватните компании, белградската „Едепро“ и новосадската „Ромакс трејд“, годинава продавале муниција на две познати израелски безбедносни компании, кои меѓу своите клиенти ги имаат и израелските одбранбени сили (IDF).

Една од израелските фирми, „ИМИ системс“, е во сопственост на „Елбит системс“, еден од најголемите израелски производители на оружје.

Во извештајот на специјалната известителка на Обединетите нации (ОН) за Западниот Брег и за Газа, Франческа Албанезе, објавен на 30 јуни, „Елбит системс“ е наведена меѓу компаниите за кои „актуелниот геноцид стана профитабилен бизнис.“

Илустрација: БИРН

Србија избегнува да објави официјални податоци за извозот на оружје и муниција во Израел. БИРН поднесе барања за слободен пристап до информации од јавен интерес во март 2024 и на 30 јули 2025 година, но Министерството за трговија одговори дека податоците се „строго доверливи.“

Мирко Даутовиќ, предавач по меѓународни односи на универзитетот „Вебстер“ во Ташкент, за БИРН вели дека снабдувањето на Израел со муниција, и покрај меѓународните осуди за воените злосторства и страдањата на Палестинците, не е само финансиско прашање.

„Израел го води Бенјамин Нетанјаху, политичар од ист калап како Орбан и Вучиќ. Автократи, популисти, кои ја градат својата политика на омраза и кои доживотната власт ја планираат преку заземање на институциите“, објаснува Даутовиќ.

Тој потенцира дека станува збор за „интернационален сојуз на политичари, кои под маската на национализмот работат на своја доживотна власт, во која цвета корупцијата.“

„Верни се еден на друг затоа што се користат меѓусебно“, додава Даутовиќ, алудирајќи на тоа што Србија купува високо-технолошко оружје и шпионски софтвери од Израел, за кои БИРН и Амнести интернешнел открија дека биле користени против активисти и репортери, вклучувајќи и новинари на БИРН.

Летови и фирми што „профитираат од геноцид“

Од вкупно 55,5 милиони евра воен извоз од Србија во Израел, во првата половина од оваа година, повеќе од 50 милиони се однесуваат на државната „Југоимпорт-СДПР“.

Преостанатиот дел го извезле четири приватни фирми: „Ромакс трејд“, „Едепро“, „Конфидекс“ и „ЛСЕ Ленд системс инженеринг.“

Петтата фирма, „Г2 Мичел армс“, извезувала лани.

Најголем извоз е забележан во јануари и во мај.

Во јануари имало три пратки вредни околу 15 милиони евра, совпаѓајќи се со пристигнувањето на три различни израелски авиони на аеродромот во Белград, кои потоа полетале кон Неватим.

Во мај, три компании извезле стока во вредност од 21,3 милиони евра, а истиот месец биле забележани шест израелски воени летови.

„Едепро“, компанија во која СДПР поседува два отсто сопственост и која се претставува како „регионален лидер во погонски системи“ за ракети и проектили, оваа година тргувала со израелската „ИМИ системс.“

„Елбит системс“, фирмата сопственик на „ИМИ системс“, неодамна потпиша договор со Србија вреден 335 милиони долари за набавка на напреден ракетен артилериски систем ПУЛС и дронови Хермес.

Во извештајот на Албанезе, оваа компанија е опишана како „профитер од геноцидот што трае во Газа“, која произведува „алатки за надзор, контрола на маси, урбано војување, препознавање лица и таргетирани убиства – алатки што се тестираат врз Палестинците.“

Израел упорно ги негира обвинувањата за геноцид.

Втората српска фирма со приватен капитал, „Ромакс трејд“ од Нови Сад, продавала на израелската „Испра“, компанија специјализирана за уреди за „контрола на маси.“ Производител на муницијата е „Крушик“ од српскиот град Ваљево.

„Испра“, меѓу клиентите ги наведува израелските одбранбени сили, затворска служба и полиција, а нејзиниот солзавец минатата година бил користен за растерување протести во Кенија.

Српската „Ромакс трејд“, долго време соработува со „Испра“ и годинава беше во фокусот на српската јавност, кога опозициската пратеничка Мариника Тепиќ објави дека токму оваа фирма набавила „звучни топови“ за потребите на српската полиција. Компанијата не се огласи по тие наводи.

Според документацијата што ја собра БИРН, „Ромакс“, во последниве неколку години стана важен посредник при увозот за српската војска, полицијата, но и за српската тајна полиција – БИА.

Вучиќ и Нетанјаху | Фото: Служба за соработка со медиумите на српскиот претседателот

Извозот на муниција во Израел е „строго доверлив“

БИРН веќе пишуваше дека Србија во 2024 година го зголеми извозот на оружје во Израел за 30 пати, но точниот список на производи останува непознат, освен артилериските гранати калибар – 155 мм што ги произведуваат „Крушик“ и „Слобода“ од Чачак.

Министерството за надворешна и внатрешна трговија, двапати одби официјални барања на БИРН, повикувајќи се на „строга доверливост.“

Меѓутоа, кога БИРН поднесе одвоено барање што се однесуваше само на „Ромакс трејд“ и „Едепро“, без да се спомене Израел, Министерството достави податоци.

Србија побара тајност и во рамките на случајот поврзан со израелскиот маркетиншки експерт Срулик Ајнхорн, близок соработник на премиерот Нетанјаху и поранешен советник на Вучиќ, кој, според претходните истражувања на БИРН, имал улога во извозот на српска муниција за Израел.

На крајот од јули, израелските истражители го испитуваа Ајнхорн во Белград, во врска со неговата улога во две афери што ја тресат израелската јавност: „Катаргејт“ (платена промоција на интересите на Катар во Израел) и „Бибиликс“ (случај со истекување тајни воени документи до германскиот новинар на „Билд“).

Адвокатот на Ајнхорн потврди за БИРН дека Србија побарала делови од исказот да бидат означени како „строго доверливи.“

Како што на 2 август објави „Харец“, тајноста била побарана затоа што Ајнхорн зборувал за својата улога во овозможувањето на извозот на српска муниција кон Израел.

БИРН и „Хаарец“ претходно открија дека Ајнхорн требало да го искористи својот советнички ангажман и кај Вучиќ и кај црногорскиот премиер Милојко Спајиќ за да организира средби со високи функционери и да обезбеди транзит на српската муниција преку територијата на Црна Гора.