Три со три

Стојковска: Ниту една власт нема намера да ги зачува вредностите на Охрид

Разговор со Искра Стојковска, претседателка на Фронт 21/42

Уште една влада се пофали дека го спасила статусот на Охрид и на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство под заштита на УНЕСКО, откако Комитетот за светско наследство минатата недела одлучи да го остави на светската листа, односно да не го префрли на листата на локалитети во опасност, барем уште една година.

Претходно со ист ваков успех се фалеше владата на СДСМ, а минатата недела, по изгласувањето на одлуката, ова го стори и владата на ВМРО-ДПМНЕ, односно министрите за надворешни работи и за култура, Тимчо Муцунски и Зоран Љутков.

Наспроти ова, четириесетина невладини организации со години бараат Охрид и езерото да бидат ставени на листата во опасност, за да може подобро да се адресираат многубројните проблеми што реално го загрозуваат статусот на место под заштита на УНЕСКО, а кои се поврзани со загадувањето, градежниот развој, големите проекти за туристички бум, урбаниот хаос и многу други.

За нивните аргументи зошто Охрид треба да се стави на листата на наследство во опасност и зошто не се прави тоа, разговаравме со Искра Стојковска, претседателка на организацијата „Фронт 21/42“, една од најактивните што се борат за зачувување на вредностите поради кои градот и езерото се ставени на листата на УНЕСКО.

БИРН: Што значи ставањето на еден локалитет на листата на наследство во опасност и зошто сметате дека тоа е подобро решение за Охрид? Каква поддршка би можела да добие државата? 

Стојковска: На Листата на светски наследства во опасност се ставаат подрачјата во кои постоjат потенцијални и/или потврдени закани за нивните исклучителни универзални вредности поради кои биле прогласени за светски наследства. За Охридскиот регион, експертите кои го посетија (во 2017, 2020 и 2024) известија дека има и потенцијални и потврдени закани за неговите универзални вредности, поради што ги исполнува и двата критериуми да биде прогласен за светско наследство во опасност.

Откако некое светско наследство ќе биде прогласено дека е во опасност, државата има обврска да изработи документ „Посакувана состојба на зачуваност“ (Desired state of conservation) и сет на „корективни мерки“ – конкретни акции кои треба да се спроведат за да се остварат целите на посакуваната состојба на зачуваност на вредностите. За спроведувањето но и ефектот од корективните мерки редовно се известува и истото се проверува/верификува од советодавните тела се додека не се постигне посакуваната состојба на зачуваност.

Директното искуство од 11 години секојдневно работење на зачувувањето на Охридскиот регион безброј пати до сега ни потврди дека ниту една одговорна институција на општинско или државно ниво, без разлика која партија е на власт, нема никаква намера, ниту интерес да ги зачува вредностите на светското наследство. Ако го примените правилото „не слушај што зборуваат, гледај што прават“ намерите и интересите се очигледни: урбанизација, инфраструктурни проекти, масовен туризам и искористување на ресурсите (како на пр. комерцијален риболов) – сето ова се утврдени закани за вредностите во сите студии и извештаи.

Нашите политичари декларативно се многу загрижени за состојбата на највредното природно и културно богатство на земјата, додека во пракса усвојуваат планови кои свесно не ги спроведуваат (како Стратегискиот план за рехабилитација на светското наследство). Предлагаат закони со кои би го легализирале понатамошното уништување на вредностите и избегнуваат носење на закони кои би наметнале забрана за одредени деструктивни активности и би воспоставиле вистинска заштита.

Охридскиот Регион е де-факто наследство во опасност и формалното признание на фактичката состојба ќе ги стави постапките на нашите институции под многу подетална лупа на меѓународната заедница – спроведувањето и ефектите од корективните мерки ќе биде редовно следено и независно верификувано. Ова ќе го стесни просторот за декларативна грижа додека на терен се доуништува наследството. Дополнително, ќе отвори врата за меѓународно финансирање на проекти за рехабилитација и реставрација на вредностите.

БИРН: Како одлучува Комитетот за светско наследство? Колку одлуките се базирани на експертски наоди, а колку има политика и лобирање, со оглед дека гласаат национални делегации?

Стојковска: Комитетот е политичко тело, значи одлуките кои ги носи се од политичка природа. Во теорија, при носењето на одлуките треба да ги земе предвид наодите на експертските тела, но во пракса гледаме дека не е така. За Охридскиот регион, експертите кои го посетија регионот недвосмислено повеќе пати потврдија дека е светско наследство во опасност – но политичарите трет пат по ред одлучија да ја игнорираат нивната стручна проценка. Оваа одлука нема никаква врска со експертски наоди и е исклучиво резултат на политика и лобирање.

Ќе искористам лесно разбирлива аналогија: имате пациент за кој конзорциум од врвни светски доктори, по извршен преглед и сите возможни тестови и анализи, го известува семејството дека е тешко болен и пред умирање и мора да биде задржан во болница и подложен на интензивен третман под надзор на соодветни експерти. Семејството на пациентот лобира администрацијата на болницата да издаде потврда дека истиот не е тешко болен и пред умирање и може да се лекува дома од нивна страна. Очигледно дека станува збор за семејство кое не е воопшто загрижено и заинтересирано за животот на нивниот член.

БИРН: Зошто македонските власти упорно се борат да не се случи тоа – го сметаат за дипломатски неуспех или зашто не се подготвени реално да ги решат проблемите?

Стојковска: Најочигледната причина е пи-арот за партијата – од реакциите (и на претходната власт во 2019 и 2021 и на актуелната власт во 2024) јасно е дека интересот за наследството е во функција на партијата и нејзиниот имиџ, со целосно отсуство на свест за државност и одговорност.

Практичните причини лежат во претходно елаборираното – спроведување на неопходните мерки за реставрација на вредностите и воспоставување на долгорочна заштита на наследството неминовно повлекува спроведување на законите, справување со криминалот и нарушување на приватните финансиски интереси.

Во длабоко корумпирано и криминогено општество каде власта го штити криминалот ова се избегнува по секоја цена. Впишувањето во листата ќе донесе независна контрола и верификација на реално спроведеното, ќе биде многу потешко да се „купува време“ со фрази, празни документи кои не се спроведуваат и лажни извештаи.

Ако ја прочитате внимателно изјавата на премиерот ќе забележите дека најавува справување со дивоградбите, но ги истакнува оние кои имаат дозвола за реконструкција, а изградиле станбени објекти, никаде не ги споменува хотелскиот комплекс во Горица и дивоградбите во блатото (кои УНЕСКО директно ги адресира во одлуките веќе втора година по ред) не споменува ниту ревизија и усвојување на законите за езерото и блатото, спроведување на Стратегискиот план за рехабилитација, отстранување на сите конструкции и платформи во езерото – сето ова е директно посочено во одлуката, но целосно игнорирано од премиерот и Владата.