Интервјуа

Столтенберг: Договорот за името е единствениот пат до НАТО

„Да нема договор и да има членство во НАТО, таа алтернатива не постои“, вели тој во интервју за БИРН

Охрабрувајќи ги граѓаните да гласаат „за“ на референдумот месецов, првиот човек на НАТО вели дека членство во Северноатлантската алијанса без договор со Грција не е возможно.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг не губеше време со завиени и двосмислени изјави за време на неговата посета на Македонија. Неговата порака беше директна.

„Или ќе го прифатите договорот (со Грција) и ќе се зачлените во НАТО или ќе го одбиете договорот и нема да станете членка на НАТО“, рече тој во интервју за БИРН пред да замине од Скопје за Атина.

Неговата посета се случува среде поширока дипломатска офанзива во поддршка на т.н. договор за името пред референдумот закажан за 30 септември во Македонија.

Повеќе странски лидери, вклучувајќи ги германската канцеларка Ангела Меркел и австрискиот канцелар Себастијан Курц доаѓаат во посета на Скопје носејќи пораки за охрабрување за да се гласа „за“.

На крајот од овој месец македонските граѓани ќе гласаат за да го поддржат или да го отфрлат договорот постигнат во јуни меѓу Скопје и Атина, со кој се затвора долгогодишниот спор околу името на Македонија.

„Ова е првпат во 27 години да имате вистински договор на маса. Тешко е да се замисли кога тоа повторно ќе се случи“, вели Столтенберг.

„На вас останува да кажете „да“ или „не“, но треба да ги имате во предвид последиците од вашите одлуки“ | Фото: Роберт Атанасовски

„Ова е животна шанса за да се спогодите за прашањето за името и да ѝ се придружите на меѓународната заедница. На вас останува да кажете „да“ или „не“, никој не може да ве присили, тоа е ваша независна одлука, но треба да ги имате во предвид последиците од вашите одлуки“.

За време на посетата Столтенберг се сретна и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој постојано го осудува договорот како капитулантски, но не се изјаснува дали неговата партија ќе учествува на референдумот, одложувајќи ја таа одлука до 10 септември.

И Мицкоски и претседателот Ѓорге Иванов, кој исто така е силен противник на договорот, издадоа соопштенија во кои се вели дека тие му пренеле на Столтенберг дека ја поддржуваат интеграцијата во ЕУ и во НАТО, но дека договорот за името за нив е неприфатлив.

ВМРО-ДПМНЕ, која беше на власт од 2006 до 2016 година, инсистира дека може да постигне подобар договор.

Но Столтенберг се сомнева дека е тоа можно.

„Ако беше лесно да се постигне подобар договор, зошто не постигнавте подобар договор досега?“, праша тој.

„Во времето на претходната влада тие имаа долги години за да се обидат да постигнат подобар договор, но немаше таков на масата“, рече тој.

„Сум разговарал со многу политички лидери во Грција низ годините, бев присутен на Самитот на НАТО во Букурешт (каде што беше повлечена поканата за Македонија), знам колку е тешко прашањето за името“, се потсетува тој.

„Гледаме дека има протести против договорот за името, што значи дека ова е вистинскиот компромис. Има луѓе во оваа земја, како и во Грција, кои се незадоволни од тоа што договорот за името покажа дека секогаш треба да се плати некоја цена за да се постигне компромис“.

Тој вели дека е илузија да се смета дека членството во НАТО е можно без договор.

„Да нема договор и да има членство во НАТО, таа алтернатива не постои“ | Фото: Роберт Атанасовски

„Бидејќи јас сум пријател на вашата земја, мислам дека е најдобро да бидам искрен за ова, затоа што создавањето илузии би било само лошо за вас, тогаш доаѓате во ризик да донесете погрешни одлуки базирани врз илузиите за тоа какви алтернативи постојат“.

„Знам дека многу луѓе сметаат дека најдобрата алтернатива е да нема договор и да има членство (во НАТО), но таа алтернатива не постои. Има само еден пат: договор и членство.“

Иако референдумот не е вклучен во договорот со Грција (во договорот стои само дека земјата може да одржи референдум ако реши така), македонските лидери се обврзаа да организираат гласање.

Неодамнешните анкети сугерирааат дека мнозинството ќе гласа „за“ сегашниот договор, со кој Македонија треба да го смени името во Република Северна Македонија.

Но договорот исто така предвидува дека Македонија ќе го внесе тоа и во уставот, а за менување на уставот е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, нешто што коалициската влада на Зоран Заев нема.

Владата се надева дека добрата излезност на референдумот ќе убеди членови на парламентарната опозиција да ги поддржат измените.

Столтенберг не е загрижен за ефектите од странските влијанија и за потенцијалното мешање на Русија во овој процес.

„Сме виделе руски обиди за да се влијае врз демократските процеси во регионот, видовме такви обиди во Црна Гора, видовме што се случи во Грција каде што Владата избрка неколкумина руски дипломати затоа што нивните активности не беа компатибилни со нивниот статус, а гледаме и силни јавни изјави од руските дипломати и политичари“.

Тој е уверен дека „владата во Скопје и луѓето во оваа земја ќе можат добро да организираат референдум и да се осигураат дека луѓето можат да донесат одлука без мешање од надвор“.

Прашан за можните последици за Македонија ако се спроведат контроверзните идеи за размена на територии меѓу Србија и Косово, Столтенберг рече дека Македонија нема да треба да се грижи за тоа ако е во НАТО.

„Сме виделе руски обиди за да се влијае врз демократските процеси во регионот“ | Фото: Роберт Атанасовски

„Целта на членството во НАТО е заштитата на суверенитетот и на територијалниот интегритет. И видовме во овие седум децении дека НАТО е способен да го обезбеди тоа постојано, против закани од многу страни. Од Студената војна, тероризмот на ИСИЛ, нуклеарните закани, многу различни видови закани“.

„Јас самиот доаѓам од мала држава, Норвешка, која се граничи со Русија, и за време на Студената војна се чувствувавме безбедни бидејќи знаевме дека НАТО е зад нас и дека ако Советскиот сојуз допре една педа од норвешката територија, цело НАТО ќе дојде да нѐ заштити“, рече тој.

„Затоа, причината да се има силна НАТО алијанса не е за да се испровоцира конфликт, туку за да се спречи конфликт и да се заштити интегритетот и на малите земји како оваа“.

Столтенберг уште еднаш ги повика гласачите да излезат на 30 септември, набројувајќи ги поволностите што членството во НАТО може да ги донесе, истакнувајќи дека странските инвестиции во Црна Гора од различни сојузници се удвоиле откако земјата се зачлени во НАТО во 2017 година.

Обраќајќи се на прес-конференцијата покрај премиерот Заев, тој упати порака на македонски: „Ве чекаме“