Три со три

Трајчевски: Странски портали зеле буџетски пари за изборно рекламирање

Разговор со директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски | Фото: 360 Степени

Партиското рекламирање со државни пари останува најголемата аномалија на изборните процеси, вели во разговор за БИРН, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски.

Тој смета дека моделот гради клиентелистички односи меѓу партиите и медиумите. Анализите на АВМУ откриле и дека новоотворени портали, меѓу кои и од странство, зеле буџетски пари за избори, користејќи го моментот дека нема контрола и транспарентност.

Партиите за реклами црпат пари од буџетот, кој, во зависност од тоа дали имаме единечни или двојни избори, се движи меѓу пет и десет милиони евра.

Во агенцијата, со која раководи Трајчевски, во тек е регистрација на онлајн-порталите, која е дел од обидот за медиумска регулација на интернет-новинарството. Процес што никаде во светот не минува без предизвици.

За регистрацијата, некои од медиумите треба да направат и одредени административни прилагодувања што одземаат време, како што е промена на шифра, а за да влезат во регистарот, треба да имаат и МК-домејн и најмалку двајца вработени.

Регистрацијата е доброволна, а засега интересот е мал.

Трајчевски ја пренесува генералната претпоставка на АВМУ дека интересот е мал зашто можеби некои од порталите се плашат дека со регистрацијата тие ќе мора да ги откријат и изворите на финансирање.

Со оглед дека не се земени предвид минатогодишните предупредувања на АВМУ во делот на државно спонзорираните реклами за избори, Трајчевски е песимист дека и по овие избори, ќе добиеме појасна и потранспарентна слика како се трошеле државните пари за партиско рекламирање.

БИРН: Пред околу една година изјавивте дека државното финансирање на изборната кампања е проблематично зашто партиите брутално ги трошат парите на граѓаните за да ги „бомбардираат“ со пропагандни пораки. За претстојните локални избори, повторно ќе се применува истиот модел. Дали останувате на истата оценка и сметате ли дека институциите свесно продолжуваат со практика за која и вие лично предупредувавте дека е штетна?

Трајчевски: Ставот што го изнесувам е став на институцијата, не е мое лично мислење. Ист став споделуваат и Државниот завод за ревизијa и  Комисијата за спречување корупција. Пред изборите во 2024 година, тоа наше мислење, во работната група го преточивме и во предлог-закон, кој беше испратен во Собранието, но, за жал, не се разгледа.

Ваквиот начин на финансирање не е пракса во демократските држави.

Јас не можам да најдам друга држава каде што вака се финансира платеното политичко рекламирање. Мислам дека тоа претставува сериозен извор на клиентелизам меѓу партиите и медиумите, а по завршување на изборите меѓу власта и медиумите, бидејќи распределбата на средствата не се прави согласно рејтингот или гледаноста и слушаноста, туку врз база на некои лични релации или чудни принципи.

Повеќе пари добиваат медиумите што се многу помалку гледани, од медиумите што се многу повеќе гледани.

Тоа покажува дека целта на политичките партии не е да стигнат до поголем број гласачи со нивните идеи, предлози, начини за решавање на одредени проблеми во државата, туку да изградат некаков си однос со медиумите, кои потоа во иднина ќе го користат, без разлика дали ќе бидат на власт или во опозиција.

Ставот на агенцијата е дека ваквиот начин на финансирање на платеното политичко рекламирање треба да биде укинат.

Партиите треба да си го финансираат своето рекламирање, бидејќи политиката и партиите не се социјална категорија за државата да им ги плаќа нивните активности. На ниту еден друг бизнис, државата не дава вакви субвенции.

БИРН:  Не беа усвоени измените на Изборниот законик, со кои за изборно рекламирање ќе можеа да аплицираат само регистрирани онлајнмедиуми. Според вашите податоци, кај вас има регистрирано 56 портали, додека во ДИК, за овие избори, се пријавиле дури 257. Како го оценувате фактот дека во вакви услови, изборниот процес повторно ќе се одвива во атмосфера без јасни правила, каде што портали никнуваат пред избори, добиваат пари од државата, а потоа исчезнуваат без никаква контрола?

Трајчевски: Ако некогаш се смени Изборниот законик, тие што ќе сакаат да добиваат пари од буџетот за реклами на политичките партии, ќе мора да се регистрираат. Меѓутоа, сега како што е ситуацијата, повторно се остава сериозен простор за манипулации.

Нашето искуство од претходните избори покажува дека зад некои портали што добиваат пари за избори, не стојат директно политичките партии, туку поединци на врвот во партијата, кои си ги реализираат своите лични интереси.

Дополнително, нашата анализа покажа дека имаме уште еден вид портали, кои доаѓаат од странски држави. Не знаеме по која основа имаше портали од Косово, од Албанија, од Србија, од Данска, кои на минатите избори се пријавија тука, да добиваат пари.

Јас не сум слушнал дека во некоја друга држава може да дојде медиум од трета држава и таму да биде користен за платено политичко рекламирање. Се поставува прашањето и кому се обраќаат тие портали од Косово, Албанија и Србија, која е целната група за некој да се рекламира таму?

Прашањето е зошто се овозможува на такви портали да користат финансиски средства.

Можеби 15.000 евра не се многу пари, но ако тие земаат од неколку политички партии, веќе станува збор за сериозна сума. Најважно е што тие пари се од буџетот на државата.

Ние не правиме мониторинг на порталите, туку тоа е надлежност на Државната изборна комисија (ДИК), која нема ниту човечки капацитет, ниту, пак, техничка можност да ги мониторира.

БИРН: Процесот на доброволна регистрација на портали кај вас трае веќе неколку месеци, но одѕивот е слаб. На што мислите дека се должи ова?

Трајчевски: Прво кога се направија измените на Законот за медиуми, агенцијата имаше рок од 30 дена да донесе подзаконски акт, да го регулира регистрирањето на порталите, односно да формира регистар на онлајн-медиуми.

Уште во првите денови беше чудно што се регистрираа десетина портали, оние што може да кажам беа иницијатори на измените на Законот за медиуми. Кај другите портали не постоеше некаква си заинтересираност да се регистрираат.

Сега разговаравме во АВМУ зошто не сакаат да се пријават и да се регистрираат. Според нас, единствената претпоставка зошто порталите не сакаат да се регистрираат, бидејќи не можеме да најдеме друга, е дека ако се регистрирани, имаат обврска како и другите медиуми да доставуваат финансиски извештаи за начинот изворите на финансирање.

Можеби кај некого претставува страв да се види од каде доаѓаат финансиските средства.