Анализи

Трговија со луѓе: Шест легла за десетици судбини

Единственото засолниште за жртви функционира со ограничен капацитет и финансии

Во редот за пасошка контрола на скопскиот аеродром, граничната полиција е во исчекување на двајца патници – 14-годишно девојче, во придружба на постар сопатник. Полицајците имаат дојава дека детето е жртва на договорен брак. Од аеродромот, наместо кон Белгија, полицајците го упатуваат девојчето во прифатилиште за жртви на трговија со луѓе, на тајна и безбедна локација.

Таа престојувала во специјализирано прифатилиште во земјава, со кое, со години, раководи невладината организација Ла страда, кое ѝ помогнало да се реинтегрира во заедницата. Практично, тоа е единствената адреса за згрижување на жртви на трговија со луѓе, а државата само делумно учествува во нејзиното финансирање.

Две години подоцна, таа, за БИРН, раскажа дека, благодарение на услугите од прифатилиштето, добила нова шанса во живот.

„Во центарот ми овозможија пристап до курсеви и обуки, што ми помогна да го подобрам моето знаење и да се стекнам со нови работни вештини. Успеав и да се вработам, да добивам плата, бев во банка и си извадив за првпат сметка.“

Говореше дека е среќна што е независна и што заработените пари се за неа, а не за друг.

Во прифатилиштето учела и како да се справи со преживеаната траума: „Психолозите и социјалните работници од прифатилиштето ми помогнаа да научам како да се носам со стресот и стравот, да ги обработам емоциите и траумите од минатото и да изградам самодоверба.“

Таа веќе има планови што сака да прави понатаму – сака да им помага на другите жртви на трговија со луѓе, но и да го продолжи своето образование.

Ова девојче не е единствениот пример на трговија со луѓе во Македонија. БИРН анализираше повеќе пресуди за трговија со луѓе и трговија со деца, од кои се гледа дека во земјава има сексуална и трудова експлоатација, присилно питачење…

Во една од овие пресуди од 2022 година пишува дека обвинет договарал средби со други обвинети на кои им ја нудел малолетничката за сексуални услуги за надоместок од 1.000 до 2.000 денари.

Тоа било проследено со „психичка присилба, тепање и закани дека ‘ако каже на некој, ќе ја нема и никој нема да знае каде е’ и уцени дека на социјалните мрежи ќе сподели видеоматеријали со интимна содржина.“

Во пресудата се опишува ужасот на девојчето: „Ја однел во близина на гробиштата, каде што на спореден земјен пат застанал со возилото, во кое имал сексуален однос со детето, за што ѝ дал парични средства во висина од 1.000 денари, кои девојчето му ги предала на обвинетиот.“

Има и таква пресуда, во која жртвата што била користена за трговија со луѓе, имала ментално нарушување.

Жртвите се сместуваат по станови, куќи и во хотелски соби

Јасмина Димишковска Рајковска и Марија Тодоровска од Ла Страда | Фото: БИРН

Според Министерството за социјална политика, демографија и млади, во последните пет години во државава се идентификувани 111 жртви, од кои најголемиот дел се малолетни девојчиња, а секоја година имало и претпоставени жртви. Осумдесет од нив биле странци.

Жртвите на трговија со луѓе имаат можност за реинтеграција и ресоцијализација во општеството. Овој процес почнува токму во прифатилиштето. Целта е да излезат од прифатилиштето здравствено закрепнати и финансиски независни.

Државата, во недостиг од човечки ресурси и пари, организацијата на овој процес со години му ја препушта на невладиниот сектор, чија работа, пак, во голем дел зависи од меѓународни донации.

Трговија со луѓе

Од Ла страда, која го менаџира прифатилиштето, велат дека имаат само шест легла и уште две монтажни, а реинтеграцијата и ресоцијализацијата е многу важна, затоа што ако е неуспешна, постои ризик жртвите да се изолираат и повторно да паднат во рацете на „трговците“, кои често се нивни блиски.

Најголемиот број штитеници на Ла страда се деца. Тие многу често имаат потреба да останат подолго во прифатниот центар од законски предвидениот рок до шест месеци, па така некои живеат таму и до четири години.

Овој капацитет, како што велат оттаму, не е доволен. И не само тоа. Во прифатилиштето се сместуваат сите, малолетни и полнолетни жртви. Момчињата и мажите воопшто не можат да се сместат во ова прифатилиште. За нив се бара алтернативно сместување.

Најголемиот предизвик им е кога капацитетот е исполнет, а треба да примаат нови жртви.

Во вакви случаи, Ла страда бара брзи решенија, па жртвите ги сместува во станови, куќи, па дури и во хотелски соби, во кои, исто така, треба да има присуство на професионалец, што им претставува проблем со оглед на ограничениот буџет.

Проблемот е уште подлабок кога во прифатилиштето доаѓаат деца-жртви за кои нема место. „Алтернативните опции на државно ниво за сместување деца се згрижувачки семејства, кои, за жал, сѐ уште не се подготвени да прифатат деца со трауматични искуства како што се децата жртви на трговија со луѓе“, велат оттаму.

Малиот број згрижувачки семејства и отсуството на алтернативно сместување резултирало со тоа некои деца-жртви да се вратат кај нивните родители што ги експлоатирале, констатира групата експерти при Советот на Европа за акција против трговија со луѓе (ГРЕТА) за Македонија.

Насер Зибери | Фото: БИРН

Народниот правобранител, Насер Зибери, забележува дека Mинистерството за социјална политика, демографија и млади нема решение каде привремено да се сместуваат малолетните жртви што чекаат згрижувачко семејство. Нема ниту решение каде да се сместат полнолетните жртви што сѐ уште се ранливи, а не ја завршиле реинтеграцијата.

„Не може државата да се потпре на помошта што ја добива од Ла страда. Напротив. Треба да изгради капацитети за справување со овие лица“, изјави, за БИРН, омбудсманот Зибери.

За сместување жртви кои се странски државјани се користи Прифатниот центар за странци. Тој бил пренаменет од градинка во објект со кој управува МВР, но, според ГРЕТА, не ги исполнува критериумите за сместување жртви од трговија со луѓе.

„Центарот не е доволно екипиран со соодветен кадар, особено недостасува кадар од женскиот пол, исто така, установено е дека храната што им се нуди на тие што се сместени не ги исполнува квалитетот и стандардите што се предвидени“, вели Зибери.

Министерството за социјална политика, демографија и млади, месечно на ова засолниште му исплаќа по 41 илјада денари за секоја жртва што се наоѓа таму. Според Ла страда, тие пари се 30 проценти од вкупниот буџет неопходен за непречено да функционира прифатилиштето.

„Потребните трошоци што ги повлекува работата на еден 24/7 центар не можат да зависат од бројот на жртвите“, велат оттаму и нагласуваат дека трошоците за работа на Центарот се многу поголеми.

Од Министерството не одговорија дали планираат да го зголемат овој надоместок, со оглед на тоа што невладината организација, во голем дел, се покрива од меѓународни донации.

Жртвите имаат право и на надоместок до 5.000 евра од државата за лекување и за медицински помагала, изгубена заработувачка, трошоци за погреб или помош за претрпеното насилство. Овој надоместок е нов правен механизам кај нас, за што е формирана комисија, која одлучува за нивните барања.

Може да добијат и бесплатна правна помош од Адвокатската комора, како и од невладината организација Млади правници.

Бојана Божиновска Силјановска | Фото: БИРН

Претседателката на Македонското здружение на млади правници, Бојана Божиновска-Силјановска, смета дека системот за бесплатна правна помош за жртвите не им овозможува заштита на сите.

„Само дел од жртвите на трговија со луѓе имале пристап до правна помош и таа не е обезбедена во сите инстанци од постапките. Од 2018 до 2023 година, 10 од вкупно 35 деца-жртви на трговија со луѓе биле застапувани од адвокат на товар на буџетот на државата во постапките пред Основниот кривичен суд“.

Божиновска-Силјановска укажува дека честопати долготрајноста на овие судски постапки и досудувањето затворска казна под минималната, ги прави жртвите несигурни и незаштитени.

А токму чувството на несигурност и незаштитеност, без понатамошно советување и ресурси, ја намалуваат успешноста на реинтеграцијата на жртвите во општеството, велат од Ла страда.

„Иако многу од нив, додека се во засолништето, покажуваат желба за вработување, образование и независност“, велат оттаму. Признаваат дека ентузијазмот слабее кога жртвите ќе го напуштат заштитниот простор.

На жртвите им треба и нов центар за реинтеграција

Нема ни доволно пари ни доволно ресурси | Фото: БИРН

Кога жртвите ќе го почнат својот самостоен живот надвор од прифатилиштето, тие сѐ уште се ранливи и затоа улогата на нивниот социјален работник е од огромна важност. Со поддршка и советување на жртвите, тие треба да спречат и потенцијална ревиктимизација, невработеност и бездомништво.

Меѓутоа, набљудувачите од ГРЕТА забележале дека државата кубури со пари и со стручно специјализирани кадри што умеат да работат со овие луѓе, особено со деца.

Министерството за социјална политика признава дека поради недостиг од пари, ресурси и капацитети, „жртвите на трговија со луѓе не може секогаш да ги остварат своите можности и да ги реализираат индивидуалните потреби во однос на реинтеграцијата и самостојното живеење.“

Токму затоа, од Ла страда велат дека е особено важно да се отворат центри за реинтеграција каде што жртвите ќе можат да побараат советување и поддршка за предизвиците со кои ќе се соочат откако ќе излезат од прифатилиштето.

На пат се да лиценцираат ваков нов центар што ќе се финансира од меѓународни донации и компании. Се надеваат на поддршка и од државата.

Овој текст е изработен како дел од „Едногодишната БИРН обука за истражувачкo новинарство” наменета за млади новинари и за студенти, 2024-25 година