Регион

Црна Гора: Чување на тајните

Досиејата на југословенските разузнавачки служби во Црна Гора и натаму се затворени

И покрај ветувањата на политичарите и барањата на Европската Унија, досиејата на некогашната југословенска служба за државна безбедност во Црна Гора остануваат доверливи, иако некои други балкански држави, како Албанија, Хрватска и Србија, на ограничен начин отворија дел од своите архиви.

Граѓанските активисти во Црна Гора не очекуваат дека тоа може во скоро време да се случи и во нивната држава, бидејќи нема политичка волја во владејачкото мнозинство.

„Црна Гора треба да ја отвори архивата на тајната полиција, која би укажала на фактите за активностите и за личностите од спорните настани. Со тоа тие би биле исклучени од јавниот живот“, вели за БИРН Зоран Вујичиќ од невладината организација Граѓанска алијанса, со седиште во Подгорица.

„Но, тоа не смее да биде причина за одмазда и мора да биде во согласност со меѓународните стандарди“, додава тој.

Вујичиќ, меѓутоа, предупредува дека за овој процес е потребна стабилна влада, што во моментов ја нема во политички турбулентната Црна Гора.

Сегашната коалициска влада дојде на власт во декември 2020 година, со што се стави крај на тридецениското непрекинато владеење на Демократската партија на социјалистите. Владата уште на самиот почеток најави дека ќе се занимава со поранешните функционери или со соработниците на УДБА.

Така, во декември 2020 ветуваше закон за лустрација врз основа на кој од јавниот живот би се тргнале функционерите за кои ќе се утврди дека ги кршеле човековите права во минатото. Меѓутоа, на 28 јануари оваа година, владата соопшти дека законот ќе може да се имплементира дури во 2023 година.

М.Н. Службата за безбедност ги игнорира законските обврски

Директор на ААгенцијата за национална безбедност ан Црна Гора Дејан Вукшиќ (лево). Фото: Собрание на Црна Гора

По падот на Берлинскиот ѕид пред три децении, многу источноевропски земји ги отворија архивите на своите тајни служби и донесоа закони со кои лицата поврзани со кршење на човековите права во времето на комунизмот, особено припадниците на безбедносните служби и нивните доушници, им се забранува дејствување во јавниот живот.

Имаше обиди да се направи тоа и во поранешна Југославија, но тоа донесе повеќе контроверзии отколку вистински успех.

Црногорските опозициски партии во 2016 година побараа отворање на тајните досиеја од комунистичкото време и од воените 1990-ти години. Владата на ДПС на чело со Мило Ѓукановиќ тогаш го именуваше пензионираниот разузнавач Гојко Пејовиќ за генерален инспектор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

Пејовиќ е именуван да ја проценува работата на АНБ преку проверка на тајните досиеја и операции. Меѓутоа, кога станува збор за објавувањето делови од тајните архиви, тоа не доведе до напредок.

Основана во 1946 година, УДБА имаше широк спектар на овластувања и првенствено беше одговорна за внатрешната државна безбедност. Нејзиниот главен интерес беше соочување со таканаречените домашни непријатели, како што беа националистите, сепаратистите или противниците на Комунистичката партија на Југославија.

Бидејќи УДБА дејствувала против воените колаборационисти на нацистичка Германија, српските националисти и поддржувачите на советскиот водач Јосиф Сталин, откривањето на досиејата на оваа служба може повторно да ги отвори старите рани во општеството, од што сите досегашни власти бегаа во изминатите три децении, сметаат аналитичарите.

Кога УДБА беше распуштена во 1990 година, црногорските функционери ветуваа дека нејзините досиеја ќе бидат отворени, но тоа не се случи.

Милан Кнежевиќ, претседателот на собранискиот Одбор за безбедност и одбрана, вели дека Црна Гора со децении го одложува отворањето на архивите.

„Отворањето на архивите на поранешната УДБА и на сегашната Агенција за национална безбедност треба да биде нормално во едно демократско општество. Сметам дека тоа е потребно да се направи во Црна Гора, но со јасни законски прописи, за да се избегнат (политичките) манипулации и тенденциозните толкувања“, нагласува Кнежевиќ за БИРН.

Според црногорскиот закон со кој се регулира архивската граѓа, сите државни институции се должни досиејата да ги предадат на Државниот архив кога ќе поминат 30 години од нивното прогласување за затворени, односно 50 години кога станува збор за материјалите на службите за безбедност.

Но, Драгослав Бојовиќ од Државниот архив на Црна Гора наведува дека досиејата на безбедносните служби никогаш не ѝ биле доставени на оваа институција.

„Агенцијата за национална безбедност не му ја доставила на Државниот архив на Црна Гора документацијата од УДБА постара од 50 години. Државниот архив, исто така, не добил ниедно барање од јавноста за пристап до такви документи“, вели Бојовиќ за БИРН.

Од АНБ не одговорија на прашањето на БИРН зошто не е испочитувана законската процедура, односно зошто досиејата на УДБА не се пратени во Државниот архив.

Во својот извештај од октомври 2021 година, во кој се оценува кооперативноста на земјите од Западен Балкан во борбата против организираниот криминал, Европскиот парламент навел дека „врските меѓу организираниот криминал, политиката и бизнисот постоеле пред распадот на Југославија и продолжиле по 1990-тите години“.

Во извештајот се осудува „очигледниот недостиг од волја од надлежните органи да ги отворат бившите југословенски архиви“ и се наведува дека посебно треба да се овозможи пристап до досиејата на УДБА и на КОС (контраразузнавачка служба во рамките на Југословенската народна армија).

Отворањето на архивите може дополнително да го поларизира општеството

Милан Кнежевиќ Фото:Собрание на Црна Гора

Хрватска, во септември 2014 година му ја предаде на Хрватскиот државен архив целата документација на тајните служби за периодот од 1937 до 1990, допуштајќи увид на јавноста со одредени ограничувања.

Се работи за документација на УДБА, како и на тајните служби на Кралството Југославија и на Независната Држава Хрватска, фашистичка марионетска држава од Втората светска војна.

Албанската влада во 2017 година ги отвори архивите на својата тајна полиција од комунистичкото време, Сигурими, овозможувајќи им на луѓето што биле шпионирани да добијат пристап до нивните досиеја.

Кнежевиќ предупредил дека Црна Гора мора да биде сензитивна кога станува збор за отворање на архивите на УДБА, истакнувајќи дека мора да се избегне додатна поларизација во оваа веќе поларизирана држава.

„Треба да се водиме од лошите искуства на старите држави од Источниот блок, за отворањето на досиејата да не се претвори во отворање на Пандорината кутија“, истакнува Кнежевиќ.

Имено, отворањето на архивите од комунистичкото време во некои земји од Источниот блок предизвика контроверзии, бидејќи илјадници луѓе беа изложени на дискриминација поради тоа што нивните имиња се појавувале некаде во некои документи. Некои сметаа дека документите на тајните служби не може да се сметаат за доверливи, бидејќи службениците што ги креирале можеле да ги измислат или да ги преувеличат.

Чешка ги отвори поголемиот дел од своите досиеја, но не ја испита нивната вистинитост. Досиејата на источногерманската тајна полиција – Штази, исто така се отворени за жртвите, историчарите и за новинарите, но кариерите на бројни политичари и јавни личности беа уништени.

Во Србија, додека од некои документи од комунистичкото време е отстранета ознаката за тајност, оние од војните во 1990-тите и натаму се запечатени. Од февруари 2004 година, па наваму, Безбедносно-информативната агенција (БИА) на Србија, која ја поседува сета документација од државната безбедност, одлучи на државниот архив да му отстапи само одредени досиеја, повеќето од комунистичкиот период по Втората светска војна.

Вујичиќ предупредува дека црногорските власти мора да бидат сензитивни со ова.

„Владејачкото мнозинство мора да биде исклучително внимателно бидејќи ова секако може да ги продлабочи веќе длабоките поделби во црногорското општество“, заклучува тој.