„Започнуваме мисија за набљудување на парламентарните избори во Унгарија,“ објави на платформата Х минатата недела Јежи Квасњевски, коосновач на ултраконзервативниот полски тинк-тенк „Ордо Иурис“.
Во мисијата на Квасњевски се вкучени 100 членови од земји членки на Европската унија и од земји кои не се членки и се претставува под името „Слободарска комисија за слободни и фер избори“ (Liberty Commission for Free and Fair Elections).
Коалицијата е заеднички водена од Квасњевски и Ана Велиш, која, пак, раководи со американската фондацијата „Едмунд Бурк“, поврзана со МАГА движењето на Доналд Трамп.
Во соопштение објавено на Фејсбук оваа комисија тврди дека е формирана како одговор на „критиките изнесени низ целиот политички спектар во врска со мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), која моментално е присутна во земјата.“
Самите себе се претставуваат како „мисија за набљудување на избори составена од квалификувани и непристрасни членови“.
Сепак, силниот партиски профил на нејзините ко-лидери предизвикува загриженост дека нејзиното појавување е само најновиот пресврт во информациска војна околу кредибилитетот на конкурентските мисии за набљудување на изборите во Унгарија пред гласањето на 12 април.
Две мисии на ОБСЕ; двете критикувани

Десничарската партија ФИДЕС е на власт веќе 16 години | Фото: БИРН
ОБСЕ, регионалната меѓувладина организација ориентирана кон безбедност, составена од земји-членки од Европа, Северна Америка и Азија, всушност има две набљудувачки мисии во Унгарија. Едната е под капата на нејзиното Парламентарно собрание (ОБСЕ-ПС), а другата под Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОБСЕ-ОДИХР).
Критиките за двете, сепак, доаѓаат од многу различни страни.
Довербата во мисијата на ОБСЕ-ПС беше доведена во прашање од унгарски организации од граѓанското општество откако се откри дека Дарија Бојарскаја, поранешна преведувачка на рускиот претседател Владимир Путин, била назначена на клучна координативна позиција во проектот.
„Дури и перцепцијата дека доверливите комуникации би можеле да бидат достапни за злонамерни надворешни актери може да ги одврати локалните извори да зборуваат отворено со членовите на мисијата,“ напиша Марта Пардави, ко-претседателка на Унгарскиот Хелсиншки комитет, во писмо до Роберто Монтела, генерален секретар на ОБСЕ-ПС, кое подоцна протече до британскиот медиум „Гардијан“.
Монтела, пак, одговорил дека Бојарскаја ја има неговата „целосна доверба“.
На 30 март, 53 членови на Европскиот парламент објавија писмо со кое бараат Бојарскаја да биде тргната од мисијата на ОБСЕ-ПС во Унгарија. Потписниците доаѓаа од сите политички групи во Европскиот парламент, освен од десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ECR) и, очекувано, групата „Патриоти за Европа“, во која е и десничарската партија ФИДЕС на Виктор Орбан.
Од друга страна, (значително поголемата) мисија на ОБСЕ-ОДИХР ја задржува довербата на актерите од граѓанското општество, но често е оспорувана од луѓе блиски до унгарската влада.
Пред најавата на „Слободарската комисија“, Форумот за граѓанска соработка (COF), поврзан со партијата ФИДЕС, го повика „Одборот за мир“, формиран во јануари под водство на американскиот претседател Доналд Трамп, да испрати сопствен конкурентски тим експерти.
„Одборот за мир“ не одговори на барањето на COF, кое некои набљудувачи го сметаат за чисто симболично.
Зголемувањето на бројот на тела за наљудување на терен и критиките кон нив од различни страни ги зголемува шансите за спор околу легитимноста на изборниот резултат, велат аналитичари.
Купување гласови, заплашување гласачи

„Цената“ на еден глас се проценува околу 5.000 до 10.000 форинти (13–26 евра) | Фото: Скриншот од „Цената на гласот“
Прашањето за изборниот мониторинг доби дополнителна важност по објавувањето на документарниот филм „Цената на гласот“ (The Price of a Vote), од истражувачките новинари Арон Тимар и Адам Томпош.
Филмот документира, како што изгледа, широко распространети практики на заплашување и купување гласови во сиромашни рурални области преку посредници кои дејствуваат во име на владејачката партија ФИДЕС на Орбан.
Стратегијата особено, но не исклучиво, ги погодува припадниците на големото ромско малцинство во Унгарија. Тактиките опишани од сведоци вклучуваат „бугарски воз“ и придружување на гласачи во гласачките кабини од платени, но неофицијални посредници на ФИДЕС, под изговор дека помагаат со проблеми со писменоста.
Локализирана употреба на финансиски и/или прехранбени стимулации, како и закани за ускратување пристап до јавни програми за работа во сиромашните делови на рурална Унгарија, претходно биле документирани од невладини организации и истражувачки новинари.
Сепак, „Цената на гласот“ оди чекор понатаму, презентирајќи случаи од целата земја и скицирајќи централизирани механизми на координација. Исто така, открива досега непознат материјал за комбинацијата на поттикнувања и заплашување.
Финансиската „цена“ на еден глас за оние кои соработуваат во филмот се наведува дека е од 5.000 до 10.000 форинти (13–26 евра), иако комбинацијата со други материјални „бенефиции“ не е целосно јасна.
Се споменува и размена во добра како кокошки, компири, алкохол и нелегални дроги. Сепак, поттикнувањата да се гласа за владејачката партија се само половина од приказната.
„Не е дека одеднаш ги плашиме ден пред изборите, тоа мора да се води на начин што стравот станува присутен во нивниот секојдневен живот,“ вели анонимен извор кој тврди дека работел за ФИДЕС на претходни избори.
Тој наведува дека последиците можат да бидат сериозни и да одат дури и подалеку од исклучување од јавни работни програми.
„Тие (ФИДЕС) целосно ги уништуваат тие семејства,“ вели тој. Ако ни поттикнувањата, ниту заканите не функционирале, „им земавме работи… им ја укинувавме субвенцијата за струја или за огревно дрво.“
Во филмот се тврди дека операции со вакви тактики оваа година се спроведуваат во 53 од 106 изборни единици во Унгарија со цел да се влијае врз околу 600.000 гласачи.
Независни експерти за анкети консултирани од БИРН генерално предвидуваат излезност од 75 проценти (иако некои сметаат дека може да биде уште повисока). Ако овие проценки се точни, тогаш можеби околу 10 проценти од дадените гласови би можеле да бидат засегнати.
Меѓународниот портпарол на унгарската влада, Золтан Ковач, во објава на платформата X остро реагираше на обвинувањата изнесени во филмот.
„Ова не е документарец. Ова е политички наратив изграден врз противречности, туркан од компромитирани актери и кој се распаѓа под сопствената тежина,“ рече тој.
Променет контекст?

Се проценува висока излезност над 75 отсто на годинешните избори | Фото: БИРН
Експертите со кои разговараше БИРН изразија загриженост за прашањата отворени во „Цената на гласот“, но понудија различни проценки за нивната важност.
За Жофи Банутa, чија организација Unhack Democracy претходно објавила истражување што се преклопува со документарецот, постојат прашања околу ефективноста на традиционалното изборно набљудување од страна на меѓународните мисии.
„Прашањата за купување гласови и заплашување на гласачи беа само површно споменати во извештајот на ОБСЕ-ОДИХР за унгарските избори во 2022 година,“ забележува таа.
Според Банутa, недоволната чувствителност кон локалниот контекст кај меѓународните набљудувачи значи дека „важноста на одредени елементи, во овој случај купување гласови и заплашување, е значително потценета.“
Следствено, „испраќањето голем набљудувачки тим ризикува да стане повеќе политички сигнал отколку практична мерка,“ тврди таа.
Од друга страна, независниот политички аналитичар Золтан Раншбург се прашува колку неправилностите се значајни во поширокиот контекст.
„ФИДЕС има огромни предности во однос на финансиските и човечките ресурси, медиумскиот досег и бескрупулозната употреба на машинеријата на државниот апарат,“ забележува тој.
Ова се однесува не само на партиската контрола врз државните медиуми, туку и на „користење на дигитални листи од јавната администрација за дистрибуција на кампањски пораки.“
Според Раншбург, „ова не се потенцијални ризици туку факти, и тие очигледно имаат огромно влијание врз изборите.“
Истовремено, дури и ако се земе предвид голема операција како онаа прикажана во „Цената на гласот“, тој се прашува колку би била ефективна во контекстот на изборите во април.
„Многу е веројатно дека годинашните избори ќе имаат рекордна излезност, веројатно околу 80 проценти,“ тврди тој. Затоа, смета дека „самата бројност ќе ги намали ефектите од купувањето гласови.“
Габор Тока, политиколог и виш истражувач во „Бликен архивот за отворено општество“ при Централниот европски универзитет (ЦЕУ) во Будимпешта, исто така ја доведува во прашање ефикасноста на операциите за купување гласови на ФИДЕС, барем оваа година.
Во претходните години, смета Тока, активности што вклучуваат директно заплашување и купување гласови „имале неизвесно, но веројатно многу мало влијание врз изборните резултати“.
Оваа година, иако признава дека „напорот веројатно е поголем“, тој вели дека со оглед на обемот на поддршка за опозициската партија Тиса, ефективноста на каква било „сенковита“ операција на Фидес може да биде намалена.
„Посредниците се далеку помалку сигурни дека нелегалните активности нема да бидат истражени и казнети,“ вели тој.

