Извештај

Весникарските субвенции на пат да бидат гарантирани со закон

За 4 години се исплатени  преку два милиони евра за сите весници

Весниците бараат, а владата е подготвена да ги поддржи и да предложи закон, со кој ќе се гарантираат државните субвенции за печатените медиуми.

Субвенции за весниците има веќе четири години, меѓутоа тие до сега се реализираа врз основа на арбитрарна одлука на владата.

Новинарските здруженија, кои пред четири години ги поддржаа субвенциите, сега се воздржани и бараат бенефициите на весниците да бидат условени со подобрување на социо-економската положба на новинарите и разговори за колективен договор.

Весниците бараат, а владата е подготвена да ги поддржи и да предложи закон, со кој ќе се гарантираат државните субвенции за печатените медиуми

Изолирани гласови, пак, од невладиниот сектор се против концептот државата да ги поддржува печатените медиуми како платформа што ја има „згазено времето“.

Ова е заклучокот од денешната дебата во владата иницирана од Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми, на која присуствуваа и министерот за информатичко општество, Адмири Алити, и владиниот генерален секретар Методија Димовски.

По барање на асоцијацијата, а со поддршка на новинарските организации, државата се согласи секоја година да им исплаќа половина од трошоците за печатење и за дистрибуција на весниците на македонски јазик и 70 проценти од овие трошоци на изданијата што излегуваат на јазиците на етничките заедници.

Првите две години беа исплатени по 50 милиони денари, додека, поради корона-кризата, следните две години, помошта беше сведена на 30 милиони денари.

Вкупно досега исплатени се околу 2,4 милиони евра за сите весници.

Оваа година, поради економската криза, владата, со ребалансот на буџетот, кој е во собраниска процедура, субвенциите ги сведе само на 10 милиони денари.

„Субвенциите клучни за преживување на весниците“

Министерот за информатичко општество, Алити смета дека досегашната поддршка треба да се официјализира со закон за да не се чека секоја година на волјата на владата да ги поддржува весниците.

Асоцијацијата на весниците го подготвува законското решение, а генералниот секретар во владата, Методија Димовски рече дека по јавните расправи, тој предлог владата би го доставила во Собранието на усвојување.

„Сега уште повеќе имаме потреба од поддршка. Во 2018 година, еден тон хартија чинеше 600 евра, сега е 1.000. Поради кризата, поголеми се и трошоците за дистрибуција“, смета Лирим Дулови, косопственик на весникот „Коха“

Првиот човек на весникарската асоцијација, новинарот и косопственик на весникот „Коха“, Лирим Дулови зборуваше за бенефитот на досегашната поддршка.

Тој вели дека тие ги спасиле весниците и оти без тоа ќе ни се случеше пораз на традиционалните медиуми, ќе страдаа многу новинари и медиумски работници што ќе останеа без работа. Дополнително, тој смета дека фактот што некои од новинарите во печатените медиуми освоија награди за истражувачко новинарство е доказ дека поддршката за весниците е поддршка и за квалитетното новинарство во кое публиката има доверба.

„Сега уште повеќе имаме потреба од поддршка. Во 2018 година, еден тон хартија чинеше 600 евра, сега е 1.000. Поради кризата, поголеми се и трошоците за дистрибуција“, смета Дулови.

„Доколку сметате дека треба да постојат печатените медиуми, тоа треба да се покаже на дело“, им порача тој на владините претставници.

Горан Атанасовски од најстариот домашен весник „Нова Македонија“ аргументираше дека печатот е единствениот медиум што секој ден ја зачувува историјата.

„Ниту еден друг вид медиум не го прави тоа. Ако сакате да дознаете што се случило на 20 февруари пред 40 години, вие тоа можете да го дознаете само преку изданијата на весниците, кои законски мора да се архивираат.“

Здруженијата воздржани

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски потсети дека неговата асоцијација пред четири години ги поддржа субвенциите, меѓутоа сега бара да се размисли за механизам на мерливост на резултатите од субвенциите.

„Дополнително, треба да се внимава да не се создадат услови одредени весници да зависат од министрите, да се подобри економскиот статус на вработените во медиумите, да се зголеми нивниот број и да се развие дописничката мрежа во весниците.“

Првиот човек на новинарскиот синдикат, Павле Беловски, негодувајќи зошто не бил навреме известен за јавната дебата, потенцираше дека овојпат, со ова законско решение, не треба да се заборават вработените во медиумите.

„Треба да размислуваме како да ги заштитиме редакциите, а не една платформа што ја има згазено времето, која, патем речено, е и нееколошка. Трошите бензин за дистрибуција и дрва за производство на хартија“, аргументираше Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите

„Не знам каде досега изостана грижата за социо-економскиот статус на новинарите. Мислам дека треба дел од тие пари што ги добиваат медиумите да се одлеат кај вработените. И она што е многу важно, во рамките на оваа дискусија, да почнеме да зборуваме за колективниот договор во медиумите.“

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите смета дека поумно е парите да се искористат за инвестиции во квалитетно новинарство, отколку за субвенции на печатот како формат.

Тој аргументира дека македонските граѓани немаат навика да плаќаат за новинарски содржини. Неговите анализи покажале дека ако во 2004 година, од 1.000 македонски граѓани, 88 плаќале за вести, сегашните бројки покажуваат дека за вести сега плаќаат, дали преку весници или преку претплати на сајтови, само 13 граѓани.

„Во Германија и во скандинавските земји, секој втор граѓанин плаќа за вести.“

„Не можеме да го субвенционираме недостигот од волја за читање.“

„Треба да размислуваме како да ги заштитиме редакциите, а не една платформа што ја има згазено времето, која, патем речено, е и нееколошка. Трошите бензин за дистрибуција и дрва за производство на хартија“, аргументираше Георгиевски.

Денешната дебата би требало да биде една од повеќето преку кои ќе се моделира законското решение, со кое ќе се стават во систем субвенциите за весниците.