Половина година откако дел од печатените медиуми побараа државата со пари да го помага издавањето на весниците, власта сѐ уште размислува како и во колкав обем да им излезе во пресрет.
„Фокус“, „Капитал“, „Коха“, „Слободен печат“, „Нова Македонија“ и уште десет други локални и национални весници, преку новоформираната Асоцијација за заштита на печатените медиуми, лани во декември побараа државата да им покрива половина од трошоците за печатење и за дистрибуција.
Ако весникот чини 15 денари, пет денари се трошат примерокот да стигне до која било дестинација во Македонија и медиумите бараат 2,5 денари од тој трошок да се покрие од државниот буџет.
Дополнително, од асоцијацијата бараат помош околу давачките за вработените во весниците и велат дека сето ова е светска пракса со која се помага преживувањето на индустријата, што е во сериозен пад на глобално ниво.
Власта на СДСМ, која ја прекина праксата на спорно финансирање на медиумите преку скапите владини реклами, сега тешко се одлучува на ваков потег.
Пред шест месеци, во Владата се одржа првата дебата на оваа тема, на која домаќин беше министерот Роберт Поповски. Тој сега за БИРН вели оти очекува асоцијацијата да му достави одредени прецизирања на предлогот за финансиска помош на весниците, меѓутоа не избрзува со какви било најави.
Предлозите се на масата и на неговиот колега од Министерството за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој, пак, вели дека во првата фаза можно е да се излезе со некакви олеснувања околу давачките и околу царините, додека за конкретна финансиска помош треба добро да се размисли, токму поради лошото искуство од минатото.
„Многу наскоро ќе има уште една дебата, на која ќе се разгледа ова прашање“, кусо вели Манчевски.
Лирим Дулови од Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми потенцира дека треба да се искористи моментот зашто здружението за прв пат има широк консензус меѓу фелата.
„Се сложија многу весници од различни политички и етнички провениенции и се надеваме дека ќе се искористи климава за да се направи закон за помош на печатените медиуми“.
Неговата пресметка покажува дека годишно на ваков вид помош би се трошеле 840.000 евра.
„Еве нека се и милион евра, а не се толку, сепак тоа е смешна сума по жител споредено со други држави“, вели Дулови.
Неодамна, Канада, под водство на премиерот Џастин Трудо, одвои фонд од околу 40 милиони долари за помош на локалните весници, меѓутоа тамошната новинарска заедница реагира дека и тоа не е доволно. Нивните пресметки покажуваат дека само сума над 300 милиони би завршила работа.
Пари за весниците одвојуваат и земји како Финска и Франција.
Дулови потенцира дека иницијативата не е само за да се задржат весниците на пазарот, туку тие да се прилагодат на новото време, да се дигитализираат.
„Станува збор за медиуми во кои работат 500 новинари и други медиумски работници“, вели тој.
Смртта на весникот, опасност за демократијата
Асоцијацијата бара поддршка да добиваат само весниците што се на пазар, изданија што се продаваат во последниве три години, што ги исклучува бесплатните весници.
„Така ќе нема злоупотреба од политичките партии, тие може пред избори да си направат весник, да земат пари и потоа да го затворат изданието. Тоа и го правеле во минатото. Кога сме можеле ние од „Коха“ 12 години да се бориме на пазарот, нека повели некој три години, па нека добие поддршка“.
Весниците имаат уште неколку конкретни барања.
Сервисните огласи за вработување што ги објавува Владата да се делат по повеќе критериуми, а не само според најниската цена како што било досега. Да се земат предвид критериумите, како тиражот, довербата, бројот на вработени и данокот што го плаќа секој од медиумите.
„Голем број од огласите одат кај весници со четворица вработени, само затоа што тие имаат дампинг цени“, вели Дулови од Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми.
Се бара и ослободување за пензиско и социјално за нововработените медиумски работници во првите три години и 50 отсто ослободување за постојните вработувања за истиот период.
Дополнително, Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми предлага во фирмите каде што државата има значителен удел, како во Телеком, на пример, да се издејствува 10 проценти од буџетот за реклама да оди во печатените весници.
„Согласно конвенциите на УНЕСКО и на Европската унија бараме дополнителни пари за весниците на помалите етнички заедници. Тоа би биле плус 20 проценти од вкупната сума што ќе се доделува за поддршка на весниците и тие би оделе во „Коха“, „Лајм“, „Заман“ и во другите весници на етничките заедници, согласно нивните тиражи, вели Дулови.
Тој очекува законското решение за овој проблем до крајот на годината, како дел од владиниот План 18.
Од минатото лето не излегуваат весниците со најдолга историја во независна Македонија, „Дневник“, „Вест“ и „Утрински“, додека „Време“ и „Шпиц“ престанаа да излегуваат уште во 2011 година, кога власта на Никола Груевски ја затвори медиумската империја на Велија Рамковски.
Станува збор за дневни изданија, кои во своите најдобри времиња продаваа тираж од десетици илјади и во некои случаи, како кај „Дневник“, на пример, надминаа и над 100.000 примероци. Весниците денес не објавуваат колкав е нивниот тираж, меѓутоа и нивниот претставник Лирим Дулови вели дека е далеку помал од златните времиња.
Сличен е трендот и во светот.
Велика Британија од 2005 година до денес изгубила речиси 200 регионални и локални весници. Во САД, добивките од рекламирање во весниците во последните 16 години паднале од 65 на 19 милијарди долари, а вработувањата во редакциите се намалиле за речиси 40 проценти.
Британската премиерка Тереза Меј отиде чекор подалеку и затворањето на весниците го нарече опасност за демократијата.
Во таа насока одат и резултатите од истражувањето на Универзитетот „Илиноис“ од Чикаго, кое се обидува да ја покаже зависната врска меѓу затворањето на локалните весници во САД и сѐ поголемите трошоци на општините.
Истражувањето, меѓу другото, заклучува дека онлајн-медиумите сега засега не можат да го заменат квалитетното печатено новинарство.