Balkan Insight

Властите виновни за занемарувањето на македонската депонија со фосфогипс

Производството на вештачки ѓубрива остави зад себе милиони тони отпад од фосфогипс на депонии, како онаа во близина на Велес

Рид покриен со она што наликува на слој од снег се појавува на видикот по петминутното возење по прашлив пат во Општина Градско. Во непосредната околина нема куќи или други објекти, иако остатоците од измет од домашни животни и расфрлениот отпад помеѓу плански засадените зимзелени дрвја се доказ дека луѓето некогаш го посетувале ова место – но не повеќе.

Мајското сонце што се разгорува над пејзажот ја подига температурата на над 30 Целзиусови степени, но, сепак, не успева да го стопи глечерот на ридот. Тоа е така, затоа што пред вашиот дописник се наоѓа една од 16-те жешки еколошки точки идентификувани во Северна Македонија – депонијата со фосфогипс лоцирана 12 километри јужно од Велес.

Оваа локација постанала контаминирана од неколкудецениското производство на вештачки ѓубрива во сега веќе неактивната „Хемиска индустрија Велес“, фабрика, која работела на околу еден километар од депонијата, во месноста Згрополци, во близина на истоименото напуштено село.

Материјата што наликува на снег на ридот, всушност, е фосфогипс – цврст отпаден спореден производ од преработката на фосфатна руда и производството на фосфорна киселина што се користи во вештачките ѓубрива. Тој содржи елементи од ретки метали, траги од тешки метали (арсен, кадмиум, цинк итн.), минерали, првенствено гипс, и најзагрижувачкото од сè, радиоактивни елементи од фосфатната руда, првенствено радиум. И покрај сево ова, депонијата во Згрополци нема обезбедување, стои неоградена и без знаци за предупредување за опасностите од овој отпад по човековото здравје.

Депонијата е како сцена од некој дистописки филм, каде што катастрофа создала пустина среде околните зелени ридови со високи треви, дрвја и различни растенија. Овие растенија одеднаш исчезнуваат кога доаѓаат во допир со прашливото бело тло на фосфогипсот. На некои места, грмушки и дрвја успеваат да растат од белата површина, но повеќето се исушени и без лисја.

Пешачејќи по површината на депонијата, може да се открие дека некој претходно се обидел да го ископа фосфогипсот, но не се обидел да го собере и да го премести отпадот на друга локација.

Напуштената фабрика во Згрополци | Фото: Бојан Блажевски

Заборавена територија

Депонијата со цврст отпад во Згрополци се протега на површина од 70.000 квадратни метри, со фрапантни 3,7 милиони тони фосфогипс содржани во неа, според документот „Специјална студија Е – Индустриски контаминирани локации (‘жешки екоточки’)“, кој беше објавен од страна на македонското Министерство за животна средина и просторно планирање во 2005 година.

Оваа студија ја проценила заканата од депонијата како „низок ризик“, односно дека е „без или е со ограничена контаминација од мал обем”. Проценката го зема предвид фактот дека никој не живее во непосредна близина. Министерството проценило дека елиминирањето на еколошката закана од депонијата со фосфогипс ќе чини 700.000 евра.

Две децении подоцна, ова еколошко жариште сè уште постои. Се чини дека е ниско рангирано на приоритетната листа на македонската држава, бидејќи моментално не се преземаат мерки за континуирано испитување на фосфогипсот, особено на неговата радиоактивност.

Државниот инспекторат за животна средина на Северна Македонија (ДИЖС), кој е задолжен за справување со загадувањето на околината, го изврши својот последен увид на депонијата во август 2022 година, заклучувајќи дека локацијата не е оградена и дека најблиското населено место е на оддалеченост од 1,5 километар.

„Локацијата е необележана, без предупредувачка табла со знаци за постоење контаминирано подрачје со индустриски отпад“, изјави за БИРН, Билјана Шуркова-Манаскова, една од инспекторите на ДИЖС. Таа потврди дека отпадот е создаден од работењето на фабриката за ѓубрива меѓу 1979 и 2003 година.

Манаскова дополнително објасни дека инспекцискиот увид од август 2022 година бил единствениот спроведен од Државниот инспекторат за животна средина, за време на нејзината работа како инспектор, која почнала во февруари 2022 година и продолжува до денес.

„Поради стабилните временски услови при увидот, нема видлива емисија на гипсна прашина што се шири во околината, но при ветер, таа многу веројатно се содржи во амбиентниот воздух”, напишала таа во инспекцискиот извештај.

„ДИЖС нема надлежност да спроведува инспекциски надзори во врска со јонизирачко зрачење и присуство на радионуклеиди во составот на депонијата – согласно Законот за радијациона сигурност тоа е Дирекцијата за радијациона сигурност“, изјави таа за БИРН.

Од Дирекцијата за радијациона сигурност на Северна Македонија рекоа за БИРН дека Институтот за јавно здравје, по нивно барање, во 2022 година извршил гамаспектрометриска анализа на радиоактивноста на два примерока фосфогипс земени од депонијата во Згрополци. Таа укажува на присуство на радиум (Ra226) како продукт од распаѓањето на ураниумот и постоење калиум (K40) и ториум (Th232).

Според анализата на Институтот за јавно здравје, радиоактивноста на фосфогипсот е во рамките на дозволените граници. Присуството на радиум во првиот примерок изнесувало 363,66 бекерели по килограм (Bq/kg) – единица за мерење што се користи за откривање на радиоактивноста во еден килограм на некој материјал, додека во вториот биле измерени 309,11. Калиумот бил помалку од 14,31 Bq/kg во првиот и помалку од 14,70 во вториот примерок, додека ториумот бил ограничен на 2,90 Bq/kg во првиот и 2,54 во вториот примерок.

Овие мерења се пониски од границите за содржината на калиум на 5.000 Bq/kg и на други радионуклиди од природно потекло на 500 Bq/kg, како што пропишува националната правна рамка дефинирана во Правилникот на Дирекцијата за радијациска безбедност што ги регулира максимално дозволените нивоа на радионуклиди во металите, градежните материјали, вештачките ѓубрива, пепелта од термоелектрани и отпадниот материјал од рудници и топилници.

Институтот за јавно здравје ги потврди информациите од Дирекцијата за радијациона сигурност и му ги испрати на БИРН идентичните резултати од 2022 година, без да понуди понатамошни одговори на нашите прашања во однос на тоа колку пати во минатото оваа депонија била испитувана и какви биле резултатите.

По неколку недели поминати во чекање одговори, Центарот за јавно здравје од Велес изјави дека нема обврска, ниту дозвола да го испитува отпадот од депонијата во Згрополци.

Исушено дрво што изникнало на депонијата со фосфогипс | Фото: Бојан Блажевски

Тивок ризик: радиоактивноста на фосфогипсот

Отсуството на темелни и чести истражувања од надлежните државни институции е во спротивност со малиот број научни студии што се објавени во последните години за депонијата со фосфогипс во Згрополци.

Депонијата е лоцирана на ридски терен, неколку стотици метри од реката Вардар. Сепак, релевантните институции, вклучувајќи го и Министерството за животна средина и просторно планирање, сè уште немаат објавено резултати од какви било испитувања за загадувањето на водите од реката Вардар на оваа локација.

Меѓутоа, научниците Митко Јанчев и Иван Боев откриле дека ветерот ја шири прашината од депониjaта со фосфогипс во околината. Нивниот труд од 2021 година, „Влијанието на гипсот од депонијата Згрополци (Хемиска индустрија – ХИВ-Велес) врз скулптурите на археолошкиот локалитет Стоби, Северна Македонија”, откри постоење на гипс/анхидрит во ПМ-10 честички што можат да се вдишат и се потенцијално штетни, а се пронајдени на локацијата Стоби, лоцирана околу 5 километри јужно од депонијата.

„Морфолошките форми на гипсот/анхидрит укажуваат на фактот дека сите овие честички не се резултат на нивното формирање како аеросоли во интеракција на кисели дождови, туку дека има и честички донесени од депонијата со фосфогипс лоцирана непосредно во близина на селото Згрополци“, заклучиле Јанчев и Боев во нивниот труд.

Исто така, двајцата автори, во друг труд, ја испитале концентрацијата на радиоактивниот гас радон од депонијата со фосфогипс во Згрополци. Примероците земени од пет локации откриле дека концентрациите на радон во воздухот над депонијата во близина на Згрополци „се најмалку за двојно повисоки од вообичаениот просек“ на концентрации на радон на отворен простор.

Количеството радиоактивност од гасот радон се движело од 21,02 до 143,20 во кубен метар воздух на сите пет локации. Врз основа на измерените просечни вредности на радон на фосфогипсната депонија, Јанчев и Боев, исто така, ги пресметале и годишните ефективни дози на изложеност на јонизирачко зрачење што би биле примени од радонот од поединци.

„Анализата на овие ефективни дози секако покажаа дека средната вредност за внатрешни простории е многу блиску до максимално препорачаните индивидуални дози кај општата популација“, напишаа научниците во нивниот труд насловен „Отпечатоци од радонот во фосфогипсниот отпад лоциран во близина на локалитетот Згрополци, Велес, Северна Македонија”.

Според американската Агенција за заштита на животната средина (ЕПА), радиумот и радонот се радиоактивни и можат да предизвикаат рак.

„Изложеноста на радон на повисоки нивоа и за продолжени периоди може да претставува сериозна опасност за човековото здравје со зголемување на ризикот од развивање рак на белите дробови“, напоменува оваа Агенција.

Уште еден труд за еколошките последици од зрачењето на депонијата со фосфогипс во Згрополци беше објавен во 2019 година од Митко Јанчев, Иван Боев, Зденка Стојановска и Блажо Боев. Тие ги измерија вкупните алфа и бета-специфични активности од 20 примероци земени на локацијата.

„Врз основа на радиолошкото тестирање, можат да се направат следниве заклучоци: вкупните алфа и бета-специфични активности во депонијата се повисоки во споредба со нивните вредности во почвите од Велес и околината“, се наведува во трудот со наслов „Прикажување на фосфогипсот од депонијата на фабриката за фосфатни ѓубрива во Велес (Северна Македонија) и еколошките импликации“.

Еден од авторите, Митко Јанчев ја одбрани својата докторска дисертација за минералошките, геохемиските и радиохемиските карактеристики на фосфогипсната депонија во Згрополци. За македонската јавност, Јанчев е попознат како бизнисмен и градоначалник на Општина Кавадарци.

БИРН се обиде да стапи во контакт со Јанчев, како и со универзитетските професори Блажо Боев од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Трајче Стафилов од Институтот за хемија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Стафилов, во одговорот, се повика на истражувањето спроведено од Јанчев во неговиот докторат, додека Боев одговори дека прашањата треба да се адресираат до тимот на проектот FIC-FIGHTERS, кој ги истражува депониите со фосфогипс на европско ниво, вклучувајќи ја и македонската локација.

Уште еден збир од прашања беше испратен на 11 и на 23 април до Општина Кавадарци, каде што Јанчев е градоначалник, иако скромен одговор пристигна само откако БИРН испрати барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до општината.

Во документот потпишан од Јанчев, Општина Кавадарци потврди дека е вклучена во  проектот финансиран од ЕУ, FIC-FIGHTERS, кој има за цел да пронајде решенија за регенерирање на фосфогипсните депонии во Европа. Проектот има 26 партнери во Европа, од кои две од нив се од Северна Македонија – Општина Кавадарци и Градежен институт Македонија.

Општина Кавадарци, во одговорот додаде дека преку нивното учество во проектот финансиран од ЕУ, ќе се развијат студии за да се обезбеди попрецизна методологија за решавање на проблемот со фосфогипсот.

„Мотивот, интересот и причините за учество во овој проект е повисок степен на здрава животна средина, размена на искуства, пример како европските земји се справуваат со сличен тип на проблеми и подигање на знаењето на нашите вработени“, наведуваат од оваа општина, во нивниот одговор на почетокот од мај годинава, додавајќи дека сите понатамошни истражувања на депонијата во Згрополци ќе ги спроведува Градежниот институт Македонија.

Дупка ископана од земањето примероци на фосфогипс од депонијата | Фото: Бојан Блажевски

Претворање на отпадот во ресурс

Директорот на секторот Хидрогеологија при Градежниот институт Македонија, Златко Илијовски, во интервјуто за БИРН, се обиде да го избегне користењето на терминот „депонија“ за да го опише фосфогипсот во Згрополци, напоменувајќи дека треба да се употребува терминот „секундарна суровина“.

Оваа терминолошка промена е во согласност со проектот FIC-FIGHTERS, кој во суштина има за цел да ја зголеми вредноста на фосфогипсниот отпад преку неговото претворање во комерцијални производи со помош на одржливи и циркуларни процеси.

Институтот каде што работи Илијовски, ќе го испита фосфогипсот во Згрополци за да развие технологии за негова можна екстракција или повторна употреба. Илијовски вели дека неговиот тим има писмена согласност од македонското Министерство за животна средина и просторно планирање, кое е одговорно за локацијата со складиран фосфогипс во Згрополци. Министерството потврди дека го поддржува проектот бидејќи околу 500 килограми фосфогипс ќе бидат испратени на анализа во странство.

„Тоа ќе ни помогне да го искористиме искуството од европските земји во решавањето на ваков вид проблеми”, изјавија од ова Министерство за БИРН.

Илијовски рече дека е прерано да се каже како фосфогипсот од депонијата во Згрополци може да се искористи, бидејќи фазата на неговото тестирање ќе трае до јуни 2027 година.

Но, врз основа на материјалот објавен во презентација на веб-страницата на проектот FIC-FIGHTERS, новите циркуларни бизнис-модели ќе бидат валидирани од четири индустриски корисници – две компании за производство на детергенти, фабрика за хартија и производител на цемент, заинтересиран за лансирање нови хибридни цементи.

Депонијата со фосфогипс во Згрополци е една од шесте европски локации каде што проектот ќе се имплементира. Другите се депонии затрупани со истиот вид отпад во Прахово (Србија), Кутина (Хрватска), Венеција (Италија), Бареиро (Португалија) и Лака к. Болеславец (Полска).

Презентацијата на проектот објаснува дека 5.000-8.000 тони фосфогипс од овие шест различни европски депонии ќе се регенерираат на годишно ниво.

„Ние сега правиме разни лабораториски испитувања, се менува структурата и се додаваат некои други видови отпади. Во тој случај, кога ќе се добие тој производ, веројатно тој ќе се испита и тогаш ќе се каже дали тој ги задоволува стандардите“, заклучи Илијовски.

Според Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ), индустријата за фосфатни ѓубрива на глобално ниво произведува 230 милиони тони фосфогипс годишно. Глобалната стапка на реупотреба на фосфогипсот во 2024 година изнесувала приближно 35 проценти.

И додека УНЕЦЕ посочува дека Бразил и Кина „ја покажуваат одржливоста на големата валоризација на фосфогипсот врз основа на правилата на пазарот“, некои земји се значително построги во регулирањето на неговата повторна употреба.

Регулативите на Агенцијата за заштита на животната средина на САД (ЕПА), на пример, бараат фосфогипсот да се складира во специјално изградени одлагалишта за да се ограничи јавната изложеност на емисии на радон. Отстранувањето на овој отпад од овие локации е возможно само под строго ограничени одобренија за употреба. „ЕПА може да одобри барање за специфична употреба на фосфогипсот, ако се утврди дека предложеното поинакво користење е најмалку толку безбедно по јавното здравје, колку и складирањето во одлагалиште“, се наведува на веб-страницата на ЕПА.

До денес, ЕПА одобрила само еден проект во САД, и тоа во декември 2024 година, кога ѝ дозволи на компанијата „Мозаик Фертилајзер ЛЛЦ“ (Mosaic Fertilizer LLC) да го користи фосфогипсот во проект за изградба на пат лоциран на нејзина приватна сопственост во сојузната држава Флорида.

За надворешна употреба на фосфогипсот во градежни материјали во Европа, Европската комисија користи индекс на активност, за да утврди дали гама зрачењето на материјалот резултира со доза што надминува 1 милисиверт (mSy) годишно, објасни Томислав Битух, виш истражувач-соработник на хрватскиот Институт за медицински истражувања и медицина на трудот од Загреб.

„Кога се користи во мали количества при надворешна градба, фосфогипсот претставува минимален ризик по човековото здравје. За употреба во внатрешни простории, отстранувањето или намалувањето на радиоактивните елементи станува покритично”, изјави Битух за БИРН.

Сепак, тој предупреди дека депониите со фосфогипс се разликуваат една од друга во зависност од фосфорната руда што била увезена од соодветниот производител на ѓубрива. Тоа го отежнува правењето споредби меѓу различни депонии и учењето на релевантни лекции. „Нивото на радиоактивност варира во зависност од потеклото на рудата“, истакна тој.

Фотографија од Гугл мапс, од фосфогипсот складиран во Кутина, Хрватска

Занемарување наспроти одржување

Во Хрватска, како и во Северна Македонија, има една фосфогипсна депонија создадена како резултат на производството на вештачки ѓубрива. Одлагалиштето е лоцирано во близина на градот Кутина, каде што фабриката за фосфатни ѓубрива „Петрокемија“ работела меѓу 1983 и 2009 година.

Битух објасни дека посебен предизвик во пречистувањето на големи количества фосфогипс е во управувањето со малиот сегмент (околу 5 проценти од отпадот) што претставува високо радиоактивен. На пример, рече тој, хрватскиот фосфогипс содржи концентрации на радиум-226 од 470 до 1.600 Bq/kg. Тоа значи дека 5-процентниот спореден производ од отпадот, кој станува високо радиоактивен, може да надмине нивоа од 10.000 Bq/kg, „предизвикувајќи сериозни загрижувања за отстранувањето“, предупреди тој.

Измерената радиоактивност на фосфогипсот не е единствената разлика меѓу двете депонии. За разлика од таа во Северна Македонија, за управувањето на одлагалиштето во Кутина е одговорна компанија, со вработени, чија главна должност е да вршат заштита на животната средина на дневна основа.

„Од 2009 до 2018 година, „Петрокемија“ го управуваше одлагалиштето. По владините одлуки за инвестициска политика, кои доведоа до приватизација на фабриката, управувањето со локацијата беше пренесено на „Де-Фос“ во 2018 година”, рече Битух.

Според веб-страницата на компанијата „Де-Фос“, депонијата се простира на површина од над 1,6 милиони квадратни метри и има капацитет за складирање на 15 милиони тони. Депонијата е поделена во различни ќелии, каде што фосфогипсот е потопен во вода, спречувајќи го неговото ширење преку прашината во воздухот. Компанијата вработува 18 работници, кои се одговорни не само за депонијата, туку и за секцијата за неутрализација што ги третира киселите отпадни води акумулирани во ќелиите. Дното на самата депонија е високо пластична глина, со многу мала шанса за контаминирање на подземните води.

Ниту една од горенаведените заштитни мерки не е имплементирана на македонската локација, каде што е складиран фосфогипсот.

БИРН испрати прашања до компанијата, неколкупати во периодот меѓу 9 мај и 11 јуни, во однос на еколошките влијанија од депонијата и идните решенија за нејзино затворање. Сепак, добивме само еден краток одговор од Анто Марковиќ, директорот на „Фламтрон“, компанија што ја презеде „Де-Фос“ во 2021 година, кој рече дека одговорите преку електронска пошта на нашите прашања ќе барале дополнително време од нивна страна. Тој не одговори на понудата да се организира онлајн-видеоинтервју, како алтернатива на испраќањето писмени одговори на прашањата.

Во однос на можните решенија за реупотреба на складираниот фосфогипс на хрватската локација во Кутина, хрватското Министерство за заштита на животната средина и зелена транзиција остана молчаливо, одбивајќи да даде какви било одговори на прашањата што БИРН ги испрати пред повеќе од два месеца.

Градежното земјиште во Згрополци, каде што ќе се гради цементарница | Фото: Бојан Блажевски

Нова визија или коцкање со животната средина?

Потенцијалните идни употреби на фосфогипсот од депониите во Кутина и во Згрополци остануваат неизвесни, додека експертите продолжуваат да истражуваат одржливи апликации на производи.

Меѓутоа, на крајот од мај годинава, македонската Општина Градско, на чија територија се наоѓа депонијата во Згрополци, продаде земјиште за изградба на цементарница наспроти локацијата на напуштената „Хемиска индустрија Велес“, на околу 1 километар од фосфогипсната депонија.

Парцелата се протега на површина од 83.774 квадратни метри, на која може да се изгради цементарница со максимална висина од 51 метар.

Две компании од Скопје, „Тиквешанка Греен Г1“ и „Орион ворлд интернешнел“, учествуваа во јавното електронско наддавање за земјиштето, при што втората понуди најголема сума од 191 денар (3,11 евра) по квадратен метар, информираше Општина Градско. Тоа значи дека целата парцела беше продадена за нешто повеќе од 16 милиони денари (околу 250.000 евра).

Општина Градско потврди, за БИРН, на 23 јуни дека договорот за продажба на градежното земјиште каде што ќе се гради цементарницата сè уште не е потпишан.

Врз основа на пребарувањето на интернет, за „Орион ворлд интернешнел“ може да се утврди дека е друштво со ограничена одговорност основано од едно лице (ДООЕЛ), без значително градежно портфолио во Северна Македонија.

Сепак, во март годинава, општинскиот совет во Градско одлучил да прифати донација на урбанистички проект реализиран од скопската компанија „Дијабаз Карамата“ за изградба на цементарницата во Згрополци, одлука што беше објавена во Службен весник на Општина Градско.

Истражувањето на БИРН покажа дека двете компании – „Дијабаз Карамата“ и „Орион ворлд интернешнел“ се наоѓаат на истата адреса во Скопје и имаат ист телефонски број за контакт, според податоците достапни од Централниот регистар и Управата за јавни приходи.

Според податоците објавени на веб-страницата Company Wall, „Дијабаз Карамата“ има тројца вработени и минатата година остварила приходи од 77,8 милиони денари (над 1,2 милиони евра). Сопственици на оваа компанија се Давид Христоски, Бојан Ѓоргијовски и до почетокот на април годинава, Драгана Јовчева.

Личните податоци на Јовчева и нејзината адреса на живеење што е наведена во проектната документација за цементарницата во Згрополци нè доведоа до Јован Јовчев, сегашниот директор на „Технопавер“, компанија која во минатото била лоцирана на истата адреса на која се наоѓа домот на Драгана Јовчева. Истовремено, „Технопавер“ има четири филијали-гранки, при што една од  нив ја споделува истата адреса како и седиштето на „Дијабаз Карамата“, според информациите објавени на веб-страницата Company Wall.

Македонските медиуми, во минатото известија дека „Технопавер“ била заинтересирана за изградба на цементарница во регионот на Велес. Во 2021 година, тогашниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски објави дека нема да му дозволи на „Технопавер“ да изгради цементарница во велешката населба Превалец поради можно загадување на животната средина на локацијата. Една година подоцна, и актуелниот градоначалник Марко Колев, исто така, ја отфрли идејата за изградба на овој објект во Велес.

По неуспешниот обид во Велес, компанијата „Дијабаз Карамата“, предводена од Драгана Јовчева, влегла во процес на изготвување урбанистички проект со Општина Градско за изградба на цементарница во Згрополци.

БИРН стапи во контакт со „Технопавер“ преку испраќање прашања по електронска пошта на 30 април, 9 мај и на 27 мај, неколкупати разговараше по телефон со нејзиниот директор Јован Јовчев и имаше една директна средба со него. Јовчев вети дека ќе одговори преку електронска пошта на нашите прашања за тоа дали планираната цементарница планира да користи фосфогипс во своето производство и какви гаранции може да даде дека произведениот градежен материјал нема да претставува ризик по човековото здравје и локалната животна средина. И покрај тоа, тој не одговори до денес.

На средбата лице в лице, Јовчев објасни дека странски инвеститор е заинтересиран за изградба на цементарницата и дека сите стандарди за заштита на животната средина ќе бидат испочитувани.

Во меѓувреме, македонското Министерство за животна средина и просторно планирање, изјави за БИРН, дека не издало согласност на ниту една компанија за експлоатација на фосфогипсот од депонијата во Згрополци.

И покрај тоа, локалните еколози остануваат загрижени за одговорите од македонските власти.

Велешкото еколошко друштво „Вила Зора“ размислува поинаку кога станува збор за идејата за реупотреба на фосфогипсот, на пример, како евтина суровина за производство на цемент, тврдејќи дека отпадот би бил премногу токсичен и радиоактивен.

„Тоа би било крајно ризично за здравјето на населението и околината, доколку не се применат соодветни технологии за пречистување – што засега не постојат во Македонија“, велат од „Вила Зора“ за БИРН.

Од „Вила Зора“ ја критикуваа нетранспарентноста на македонските институции и повикаа на итно запирање на какви било урбанистички процедури за Згрополци. Од таму, исто така, потврдија дека ќе ги алармираат домашните и меѓународните организации за ова прашање и, доколку е потребно, ќе организираат граѓански отпор преку протести и петиции.

„Најбезбедната опција е извезување на фосфогипсот на локации што се соодветно опремени за третман на овој тип отпад“, објаснија тие.

Игор Смилев, активист од велешката еколошка организација „Гринпауер“, предупреди дека пред околу 15 години, словенечка компанија била заинтересирана за извоз на фосфогипсот во Словенија за преработка, но го раскинале договорот откако тестирале примероци од отпадот.

„Лично, вџашен сум од можноста за изградба на цементарница во исклучително земјоделски реон, во кој егзистираат неколку реномирани винарии и кој е познат по сточарството, и по рано градинарското и оранжериско производство“, вели тој.

Поранешниот вработен во „Хемиската индустрија Велес“, Страхил Манев има спротивно мислење од ова, тврдејќи дека депонијата со фосфогипс може да се покрие со земја и целата локација да се засади. Кога фабриката за вештачки ѓубрива сè уште работела, компанијата експериментирала со реупотребата на фосфогипсниот отпад со негово додавање во ѓубривата за подобрување на нивната содржина на фосфати, што се покажало како успешно, рече тој.

„Јас дури им велам на луѓето што имаат лозја, може да одат и да го товарат на трактор, никој не им брани, ниту го чува, да си го користат, бидејќи нашите технолози го употребија и во ѓубривата“ вели Манев.

Во зависност од тоа со кого разговарате, постојат различни опции за решавање на проблемот со депонијата со фосфогипс во Згрополци, иако одговорните македонски институции сè уште не даваат јасен одговор за тоа која од нив веруваат дека е најсоодветна. Освен што тие инсистираат дека „стратешката цел е чистењето на историскиот отпад, но во интерес на животната средина и здравјето на луѓето“, според изјавата на  македонското Министерство за животна средина.

Додека македонските власти го пролонгираат реализирањето на предвидените акции, а локални бизниси изгледа дека се заинтересирани за инвестирање на локацијата, депонијата во Згрополци ќе остане напуштена, но не и заборавена од екологистите, со надеж за спречување каков било ризик за луѓето или животната средина од фосфогипсот расфрлен таму – барем во догледно време.