Анализи

Во исчекување на премиерската економска лекција

Ако на кантар ги ставиме економските достигнувања и потфрлувањата на новата Влада предводена од СДСМ последните десет месеци, веројатно нема да превагне ниту едната страна. Всушност, и статистички, резултатот до крајот на 2017 година, мерен преку порастот на бруто домашниот производ (БДП) беше нула.

Иако во предизборието економијата беше во втор план на борбата против заробената држава, сепак не може да се избегне од фактот дека Зоран Заев и како мандатар и сега како премиер на своите политички противници им вети лекција по економија.

Со тоа, не се остварија проценките на Владата која првично процени дека економскиот раст минатата година ќе достигне 3%, па потоа ја ревидираше проценката на 2,2% за на крајот да се сведе на прогноза од 1,6% раст на БДП.

Причините за економската стагнација можат да се лоцираат во долгата и исцрпувачка политичка криза која траеше речиси две години – новите власти го почнаа мандатот од прилично неповолна стартна позиција во која бизнисмените се воздржуваа да инвестираат чекајќи го исходот од политичарите.

Бруто инвестициите во 2017 година се намалија за 4,5%. По доаѓањето на власт, СДСМ ги прекина некои од градежните активности со народни пари како што беше контроверзниот проект на нивните претходници, „Скопје 2014“, а се прекина и изградбата на некои од автопатите поради технички проблеми и тоа доведе до пад на градежништвото од 13,7%.

Ако се анализираат податоците за извозот или индустриското производство што во првите неколку месеци од годинава растат со двоцифрени стапки, се навестува дека економијата ќе порасне колку што и е предвидено, односно 3,2%

Точно е дека во владината програма пишува оти просечниот економски раст во целиот мандат треба да достигне 5%, но долгорочните прогнози и на Владата и на меѓународните финансиски институции покажуваат дека тоа е тешко достижно ниво. Сепак, ако се анализираат податоците за извозот или индустриското производство што во првите неколку месеци од годинава растат со двоцифрени стапки, се навестува дека економијата ќе порасне колку што и е предвидено, односно 3,2%.

Освен запирањето на проектот „Скопје 2014“, една од првите посериозни реформи што ги направи новата Влада, беше ребаланс на Буџетот за да ги скрати сите непродуктивни трошења на народните пари. Таа практика продолжи и со креирањето на Буџетот за оваа година, меѓутоа, според проценките на меѓународните финансиски институции, сѐ уште има простор за заштеди и пренамена на народните пари во поразвојни цели.

Оваа Влада годинава го троши најголемиот Буџет во историјата на постоењето на државата, од 3,44 милијарди евра. Најголемата промена што предизвика и најголемо внимание во јавноста беше зголемувањето на акцизата на нафтата за три денари.

За да се покрие буџетскиот дефицит од околу 300 милиони евра, но и да се вратат стари долгови што достасуваа годинава, властите коишто додека беа во опозиција го критикуваа задолжувањето, па некои од нив дури и протестираа, на почетокот на годинава позајмија половина милијарда евра издавајќи еврообврзница.

Разликата од претходниците е тоа што ова задолжување со еврообврзница е со најниска камата досега од 2,75% и рок на достасување од седум години. Допрва јавноста ќе треба да направи разлика дали позајмените пари ќе се потрошат попродуктивно отколку претходните власти или не.

Даночната реформа, односно воведувањето на прогресивниот персонален данок коешто беше едно од главните изборни ветувања, е одложено за почетокот на следната година, а неодамна како пробен балон во јавноста се пушти најава дека стапката ќе изнесува 18% за сите граѓани што имаат приходи над илјада евра.

Оваа Влада ги декласифицираше и договорите за државна помош коишто претходно беа тајна, и јавноста дозна дека привлекувањето на странските инвестиции не чинело околу 250 милиони евра заклучно со 2017 година. Власта на СДСМ не се откажа од привлекување на странски инвестиции како политика, но ги прекина фамозните роуд шоуа по светот, ги врати дома економските промотори и ги запре рекламите во светски познатите медиуми како Си Ен Ен.

Тевдовски најмногу критикуван за повисоката акциза за дизел-горивото | Фото: Flickr на Владата на РМ

Тоа што продолжи на ист начин како и Владата на Груевски, е политичкиот пи – ар со странските инвестиции, односно прес конференции со најави за отворање нови работни места и вложувања од милиони евра, а всушност фабриките сѐ уште не почнале да се градат.

Продолжува и политиката на субвенционирање на компаниите, со нови транспарентни мерки преточени во таканаречен План за економски раст, со кој се предвидени 50 милиони евра државна помош за приватните компании, без оглед дали се странски или домашни. Ефектот од оваа владина политика во која најмногу полагаат надеж министрите од економскиот тим на Заев, допрва ќе треба да се анализира, откако фирмите реално ќе почнат да ги користат парите.

Како еден од своите најголеми успеси, оваа Влада неодамна го посочи и тоа дека просечната плата надмина 24 илјади денари. Меѓутоа, ова е сепак ефект постигнат со помош на државни пари, односно се должи на зголемувањето на минималната плата на 12 илјади денари што Владата го субвенционира од Буџетот. За таа намена, на пример, годинава се предвидени 7,5 милиони евра. Сепак, ветувањето на премиерот Зоран Заев е познато и врежано не само во главите на опозициските политичари туку и на сите работници, дека просечната плата до крајот на неговиот мандат, треба да достигне 500 евра.

Иако најкритикувани од опозицијата како основа за изгласување недоверба на Владата, економските реформи според најновите извештаи на меѓународните финансиски институции како ММФ и Светска банка „се сложени и потребно е време да се дизајнираат и спроведат“.

Едно од најголемите изборни ветувања, што досега го оствари оваа Влада е затворањето на рудникот во изградба во валандовско, Казандол, што предизвика воодушевување во југоисточниот регион којшто произведува третина од сите земјоделски производи во земјава, а беше доведен во опасност да се загади од тешката индустрија.

Иако најкритикувани од опозицијата како основа за изгласување недоверба на Владата, економските реформи според најновите извештаи на меѓународните финансиски институции како ММФ и Светска банка „се сложени и потребно е време да се дизајнираат и спроведат“.

„Забележуваме подготвеност за напредок во агендата за структурните реформи во поддршка на економскиот раст, што е охрабрувачко. На пример, Владата објави мерки за подобрување на бизнис опкружувањето, подобрување на ефикасноста на јавната потрошувачка, подобрување на квалитетот на јавните инвестиции, зајакнување на управувањето со јавните финансии“, вели Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија.

„Веруваме дека Владата идентификуваше сеопфатна реформска програма, која е амбициозна по дизајн, и ако правилно се спроведе, ќе се осврне на важни слабости“, додаде тој.  

Меѓу другите, тој ги истакна како значајни достигнувања усвојувањето на сеопфатната стратегија за управување со јавните финансии, поголемата вклученоста на граѓаните во буџетскиот процес преку граѓанскиот буџет, достапноста на сите договори за јавни набавки овозможувајќи споредба на трошоците во јавните институции, објавувањето на заостанати годишни извештаи на Владата за финансиска статистика, а некои од нив како на пример за општините што се обелоденија по прв пат.