Илјадници граѓани во Македонија пијат загадена вода. Арсенот, еден од најтоксичните елементи, но и бактериите и фекалиите се само дел од штетните супстанции, кои ги има во водата што тече од чешмите во некои македонски домови, а се најдени при нејзино испитување од страна на институтите за јавно здравје низ земјава. Проблемот се игнорира со години, со децении, а останува да тлее и покрај апелите дека водата може да се претвори во непријател за човековото здравје.
БИРН ги истражуваше местата каде што водата во Македонија е најзагадена. Од гевгелиските чешми, коишто се снабдуваат преку градскиот водовод, тече вода во која количеството на арсен е над дозволеното, во селата во близина на Тетово таа е загадена со бактерии, а, пак, во велешките села се присутни и фекалии.
Дел од жителите почнуваат граѓански иницијативи и бунт против градските власти откако забележале дека водата што ја пијат негативно се одразува врз нивното здравје. Дел, пак, станале имуни на бактериите и не дозволуваат општината да ги преземе во свои раце нивните локални водоводи кои сами ги граделе, иако тие не се хлорирани и претставуваат потенцијална опасност.
Нивните сведоштва и оние на надлежните укажуваат на сериозен проблем дека свеста за она што значи водата и зошто е важно таа да не се загадува, сè уште е на ниско ниво.
Чешмите во гевгелиските домови служат само како декор
За присуството на арсен во водата што тече од чешмите во Гевгелија, Јованка Дојранлиева од Гевгелија првпат почнала да се интересира кога нејзиниот 30-годишен пријател починал од карцином. Дотогаш не можела ни да претпостави дека водата што секојдневно ја пие, а на прв поглед е чиста и нема никаков посебен мирис или вкус, всушност може да го загрозува нејзиното и здравјето на нејзиното семејство.
Но, бројките говорат сами за себе. Податоците до кои дојде БИРН покажуваат дека ако во 2005 година во Гевгелија имало 100 лица заболени од неоплазми (карцином), веќе во 2010 година бројката достигнува до рекордни 692 заболени. Според официјалните податоци, во општината расте и смртноста – во 2009 година од карцином починале 14,4 % од заболените, а во 2011 година процентот на смртност се покачува на 19 %.
„Чудно ми беше како е можно во општина каде што нема тешка индустрија и станува збор за еколошка зона, толку да расте бројот на заболени од карцином и процентот на смртност“, вели Дојранлиева.
Соочени со рапидниот пораст на стапката на смртноста во октомври 2012, на седницата на Советот на општината, се отвора прашањето за квалитетот на водата. Истиот месец Агенцијата за храна и ветеринарство извршила контрола, а она што го нашле инспекторите на терен резултираше со забрана за користење на два од вкупно четири бунара бидејќи биле измерени 17,8 микрограми присуство на арсен наспроти максималното дозволено количество од 10 микрограми, колку што дозволува Светската здравствена организација.
Документот издаден од Институтот за јавно здравје покажува дека во водата од градскиот водовод во општината има 15,32 микрограми арсен.
„Испитаниот примерок не е безбеден да го консумираат луѓето“, заклучуваат од Институтот
Но, бројките говорат сами за себе. Податоците до кои дојде БИРН покажуваат дека ако во 2005 година во Гевгелија имало 100 лица заболени од неоплазми (карцином), веќе во 2010 година бројката достигнува до рекордни 692 заболени. Според официјалните податоци, во општината расте и смртноста – во 2009 година од карцином починале 14,4 % од заболените, а во 2011 година процентот на смртност се покачува на 19 %.
„Чудно ми беше како е можно во општина каде што нема тешка индустрија и станува збор за еколошка зона, толку да расте бројот на заболени од карцином и процентот на смртност“, вели Дојранлиева.
Соочени со рапидниот пораст на стапката на смртноста во октомври 2012, на седницата на Советот на општината, се отвора прашањето за квалитетот на водата. Истиот месец Агенцијата за храна и ветеринарство извршила контрола, а она што го нашле инспекторите на терен резултираше со забрана за користење на два од вкупно четири бунара бидејќи биле измерени 17,8 микрограми присуство на арсен наспроти максималното дозволено количество од 10 микрограми, колку што дозволува Светската здравствена организација.
По забраната уследи молк од општината речиси цела година, раскажува Дојранлиева која во меѓувреме ја формирала граѓанската иницијатива „Арсена“.
„Се сомневавме и дали воопшто двата бунара се затворени, бидејќи немаше никакви проблеми со водотекот. Така, решивме на 23 декември 2013 година самите да извршиме проверка. Собравме пари за да се испита квалитетот на водата и резултатите повторно покажаа зголемено присуство на арсен во водата од градскиот водовод. Бевме запрепастени“, вели таа.
На градскиот водовод во Гевгелија приклучени се 25 000 домаќинства. Жителите раскажуваат дека истиот ден кога биле презентирани резултатите, настанала паника. Врволица од луѓе се упатила по локалните продавници за да купат вода.
Што предизвикува арсенот?
Според истражувањата, арсенот е 20-тиот елемент по застапеност во земјината кора и со векови бил познат како корисна супстанца со многу потенцијални начини на примена, но и како исклучително силен отров, кој е токсичен за сите, од инсекти до луѓе. Арсенот нема мирис и вкус. Во телото арсенот може да влезе или со голтање или со вдишување, а преминува и низ плацентата. Тој ги напаѓа сите органи, а откако ќе влезе во телото, времето на распаѓање во крвта му е 10 часа, а речиси 90 отсто од елиминацијата од организмот се случува низ бубрезите. Долготрајната изложеност на мали дози (хронично труење), според лекарите, може да доведе до главоболки, проблеми со органите за варење, невролошки испади, оштетување на црниот дроб, коскената срцевина, кардиоваскуларниот систем, белите дробови, органите за размножување и промени на кожата. Освен тоа арсенот е класифициран како карценоген од прва категорија, а кај трудниците може да предизвика абортус и прерано породување.
„Иако тогаш не знаевме што точно предизвикува арсенот, нè фати паника. Трчавме по продавниците да купиме вода, но немаше, сè беше изнакупено. Паметам дека купивме само еден сок и една минерална вода, затоа што друго немаше. Оттогаш, водата ја користиме само за миење и капење, за ништо друго“, ни раскажува Лидија В., жител на Гевгелија.
Гевгеличани сега пијат исклучиво пакувана вода. Со таква вода и готват.
„Сметките за вода не ни се 1.000 денари, туку 5.000 денари. Замислете колку купуваме пакувана вода што ја трошиме само за готвење и за пиење. Двајца болни луѓе имам дома, само со лекови тие пијат по литар вода дневно“, вели Дојранлиева.
Последното испитување за квалитетот на водата во Гевгелија го направиле граѓаните во мај годинава. Документот издаден од Институтот за јавно здравје покажува дека во водата од градскиот водовод во општината има и натаму недозволено количество од 15,32 микрограми арсен.
„Според испитуваните параметри, примерокот не одговара на Правилникот за безбедност на водата“, велат од Институтот и препорачуваатдека „испитаниот примерок не е безбеден за консумирање од страна на човекот“.
Со ништо не можете да заклучите дека водата за пиење во Гевгелија не е здрава за консумација. Таа е чиста, не е заматена и нема никаков невообичаен вкус. Сето тоа, велат експертите, е сосема нормално, бидејќи арсенот не дава буквално никакви показатели дека во водата се крие силен отров.
Во февруари годинава Општина Гевгелија се огласи со официјален став околу присуството на арсен во водата за пиење. Оттаму ги обвинија претходните власти и посочија дека водата од регионалниот водовод во Гевгелија содржи арсен од 1982 година, кога се вклучени новоизградените бунари во бунарското подрачје Моин.
„Од страна на тогашните општински власти, не се преземени никакви мерки за изнаоѓање на конкретни решенија за овој проблем“, изјавија од Општината.
БИРН повеќе пати се обиде да стапи во контакт со актуелните власти – градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов. Од неговиот кабинет ни изјавуваа дека градоначалникот е на состанок, па бараа да се јавиме подоцна. Кога ќе се јавевме повторно, ни велеа дека градоначалникот само што излегол. Оттаму немаме одговор на локалните власти што се презема за решавање на проблемот со отровната вода во Гевгелија.
Одговор нема ниту за барањето на жителите на Гевгелија сметките за вода да им се наплатуваат како за техничка вода и да имаат субвенции за пакуваната вода што ја купуваат, додека конечно не се реши проблемот.
Бел памук со црна вода
Ангел и Драгана Андоновски се жители на велешкото село Ногаевци, Градско. Чекајќи со години некој од надлежните да преземе мерки околу загадената вода што тече од нивните чешми, тие самите решиле да направат експеримент за тоа што сè тече од нивниот водовод. Па така, семејството ставило памук во инка на чешмата во својот дом. По десетина дена, глетката што ја виделе била морничава. Памукот воопшто веќе не личел на памук, туку на црна грутка.
„Ете ова е тоа парче памук што го ставив во инката за преку него да ја процедувам водата што тече низ селскиот водовод во моето сакано село Ногаевци. И самите можете да се уверите колку црнила и нечистотии се собрале на ова парче памук. Сите на овој начин сте сведоци за тоа каква вода пијат жителите на нашето село и со какви нечистотии се труеме секојдневно“, вели Драган и додава дека морал самиот да го направи експериментот, бидејќи локалните власти не се интересирале за проблемот, а тој немал доволно пари за да плати испитување на квалитетот на водата.
Тој вели дека доколку се обидат со ваква вода да ги измијат рацете, потоа мораат да купат чиста и проверена вода и со сапун да ги мијат повторно, бидејќи на нив остануваат нечистотии.
Иако жителите во велешките села речиси се навикнати да ја пијат нехлорираната вода од чешмите, па велат дека е добра, сепак кога го посетивме селото Боговиње и ја пробавме водата, осетивме чуден вкус. Уште на прв поглед можевме да ја забележиме нејзината заматеност.
„Е да, често кога ќе ни дојдат гости реагираат дека водата не е како што треба и дека потоа им се јавуваат проблеми, но ние најверојатно сме навикнати, па затоа не чувствуваме. Нам ни е вкусна“, ни рече дедо Васил кого го сретнавме во селото.
Снежана Петрова, лекар специјалист по хигиена од Центарот за јавно здравје во Велес, вели дека нивните испитувања покажуваат дека речиси сите селски чешми имаат неисправна вода за пиење.
„Ние постојано вршиме анализи и факт е дека проблемот со водата е константен, но луѓето се веќе навикнати да ја пијат таа вода. Испраќаме и месечни извештаи до Општината, а градските власти се тие кои понатаму треба да преземат мерки за решавање на проблемот“, вели Петрова.
Според извештаите од велешкиот Центар за јавно здравје, педесетина велешки села со над 10.000 жители пијат вода од локални водоводи во кои не се врши хлорирање
Според извештаите од велешкиот Центар за јавно здравје, педесетина велешки села со над 10.000 жители пијат вода од локални водоводи во кои не се врши хлорирање. Најкритична е состојбата во селата: Богомила, Горно и Долно Јаболчиште, Мелница, Иванковци, Војница, Теово и Виничани.
Ако се погледнат месечните извештаи за испитување на водите што Центарот за јавно здравје од Велес ги испратил до Општината Велес, можат да се забележат фрапантни податоци во однос на присуството на бактерии во водата. Лани во јуни биле испитани 5 приватни бунари, од кои 3 биле 100 % хемиски неисправни. Примероци биле земени и од 14 селски водоводи, од кои кај 11 биле најдени бактерии, а два биле хемиски неисправни.
Бактеријата ешерихија коли била најдена во водоводот во селата Кумарино, Иванковци, Сујаклари, приватните бунари, мотелот на Велешко Езеро… На повеќе места биле најдени и колиформни бактерии. Во хемиски неисправните води, пак, најчесто е присуството на нитрати и на хлориди.
„Присуството на нитрати и на колиформни бактерии, всушност, значи дека водата е контаминирана со фекални бактерии. До одредено ниво тоа е дозволено во бунарите, но никако во водите од градските водоводи. За да се користи таа вода што е контаминирана со фекалии треба многу да се врие пред да се пие“, вели Никола Пановски, микробиолог на скопската клиника.
Градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев, вели дека неговата општина нема проблем со загаденоста на водата за пиење и дека во последнава година ситуацијата се подобрува. Градоначалникот на Чашка, Горан Пановски, општина во која има голем број села со локални водоводи со загадена вода, не одговараше на нашите повици.
Бактериите како домашни миленичиња
Отпорот на жителите да се откажат од локалните водоводи во кои тече неисправна вода претставува специфичен проблем што надлежните сѐ уште не го решиле.
Минатата година, Центарот за јавно здравје од Тетово објави дека водата во Теарце, Лешок, Слатино, Глоѓи и Беловиште е бактериолошки загадена. Граѓаните кои на почетокот од јули 2013 година побарале лекарска помош имале полесна клиничка слика проследена со дијареја и повраќање. Годинава, пак, состојбата е подобрена, но општиот проблем останува – жителите на селата одбиваат да се приклучат на централниот водовод. Локалните водоводи си ги граделе со свои пари и сега одбиваат да плаќаат сметки за вода и да се приклучат на централниот.
„Во руралните средини во Тетовско, неисправноста на водата стигнува до 20% од дозволенатa граница. Едноставно жителите не ја дезинфицираат водата и таму се крие главниот проблем“, објаснува Ратко Давидовски, раководител на одделението за санитарно-хигиенска дејност во Центарот за јавно здравје во Тетово.
Тој го дава примерот со општината Боговиње, каде што месната заедница изградила сопствен водовод и одбива да го предаде во владеење на градските власти. Жителите не ги интересира дали водата е бактериолошки исправна, бидејќи тие веќе станале имуни на бактеријата ешерихија коли.
„Јас често велам дека бактеријата ешерихија коли веќе ни е станата како домашно милениче. Македонија има квалитетна вода за пиење, но поради неисправност на заштитните зони и недезинфицирањето, доаѓа до загадување. Ние самите со својата негрижа ја загадуваме. Но, ако дојде до инфекција по воден пат, ќе ни се блокираат целиот здравствен систем, а исто така ќе се блокира и економијата“, предупредува Давидовски.
Седумдесетгодишниот Фаик Рахити сиот живот го поминал во Боговиње. Изгледа здраво и се чувствува здраво. Вели дека подобра вода од онаа во неговата општина досега нема пробано.
„Загадена? Не е можно да е загадена. Па јас подобра вода во животот не сум пробал, а сум патувал низ цел свет. Зошто да ѝ го предадеме водоводот во владение на општината кога сами собиравме пари и го градевме? Погледнете, водата е чиста како солза, ладна….“, ни вели Рахити, додека отпива голтка од водата од локалниот водовод.
Но, експертите не мислат така. Според официјалните податоци, 90% од водата од локалните водоводи во тетовските села не е хлорирана.
Агенцијата за храна и ветеринарство е овластена да изрекува забрана за пиење на водата, а локалната самоуправа е должна да го реши проблемот доколку инспекцијата утврди дека водата не е безбедна за пиење. Локалните власти, исто така, се обврзани да ги обележат чешмите со вода која не е препорачлива за пиење, но како што сведочат жителите од селата во околината на Тетово, голем број табли на кои стоел написот со такво предупредување, одамна се искршени.
Половина милион жители пијат вода од локални водоводи
Околу половина милион жители од Македонија се снабдуваат со вода за пиење од водоводи во селските населби кои користат сопствено извориште и самите стопанисуваат со објектите.
Податоците од Институтот за јавно здравје, објавени во март годинава, по повод Светскиот ден на водата, покажуваат дека од подрачјата каде што жителите се снабдуваат со вода од селските водоводи 26,96 % биле неисправни во однос на физичко-хемиските параметри. Овие примероци покажале отсуство на хлор, зголемена матност и електроспроводливост. Присуство на бактерии, пак, биле најдени кај 24,6 % од вкупниот број испитани примероци. Ова се случува „особено во Прилеп, Тетово, Гостивар, Велес и Битола“, се вели во извештајот.
Околу 56.000 жители од Македонија се снабдуваат со вода за пиење од бунари, селски чешми и кладенци. Од овие села биле земени 976 примероци вода за пиење. Институтот за јавно здравје утврдил дека 39,7 % од овие примероци не одговараат на нормативите.
„Овој начин на водоснабдување е епидемиолошки несигурен поради високиот процент на бактериолошки загадени води за пиење“, заклучува Институтот.
Минатата година инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство извршиле 211 контроли во местата каде што не постои јавно комунално претпријатие што стопанисува со објектите за снабдување со вода. Од овие 211 контроли, само кај 40 се покажало дека има здрава вода за пиење. Агенцијата изрекла 171 мерка – забрана и наредба за отстранување на констатирани неусогласености.
Македонија важи за држава богата со квалитетна вода. Сепак, голем број надворешни фактори влијаат таа да стане загадена. Пред сè, тука е човечкиот фактор, односно лицата кои не ги хлорираат локалните водоводи, потоа азбесните цевки, чие користење Европската унија го забрани во 2005 година, а Македонија ќе ги менува до 2020 година, како и рудниците кои ја загадуваат водата во неколку градови во земјава.
Ако се точни предвидувањата на научниците дека идните војни ќе се водат за вода за пиење, Македонија не покажува дека се грижи за овој важен ресурс на иднината.