Анализи

Враќањето на Шешељ ќе ја протресе Србија

Враќањето на ултра националистичкиот лидер, кому му се суди за воени злосторства во Хаг, ќе внесе нов елемент во драмата на политичката сцена во Србија

Воислав Шешељ се обраќа кон насобраните пред седиштетото на Српската радикална партија | Фото: БИРН

Дури и пред да слета во Белград, водачот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, на новинарите во авионот им изјави оти планира борба со голи раце со поранешните сојузници во владејачката Напредна партија.„Медицинскиот третман не ми е приоритет, туку воздигнувањето на [радикалната] партија. Ќе се борам против некои од моите поранешни политички пријатели“, предупреди Шешељ.

Неколку часа подоцна, во своето обраќање од балконот во седиштето на неговата партија, до неколкуте стотици поддржувачи, Шешељ изјави дека неговата цел е да ги собори од власт, претседателот на Србија, Томислав Николиќ, и претседателот на Владата, Александар Вучиќ.

Поддржувачите на Шешељ имаат големи надежи во неговото враќање. Еден од оние што дојдоа да го пречекаат на аеродромот во Белград, беше и Бора Томиќ, кој за БИРН изјави дека очекува неговиот лидер „да поведе бунт против капитализмот, глобализацијата и сите други лоши нешта во овој свет“.

„Очекуваме сите проблеми да бидат решени откако тој ќе пристигне“, изјави Ненад Савковиќ, кој исто така дојде да го пречека Шешељ.

Од друга страна, пак, високи личности во владејачката коалиција, изјавија дека враќањето на лидерот на Радикалната партија, нема да има никакво влијание врз владата и нејзините политики.

„Неговото враќање нема да има било какви значителни ефекти врз политичките случувања во земјата, особено не врз стабилноста и функционирањето на владата“, уверува Александар Антиќ, од Социјалистичката партија.

Сепак, многу експерти сметаат дека враќањето на Шешељ ќе има влијание врз политичката сцена. Тие веруваат дека тој ќе врати дел од гласовите на гласачите на Напредната партија и дека ќе ги натера другите партии да ја преиспитаат својата позиција.

„Тој ќе ја затресе политичката сцена во Србија и ќе донесе поинаква динамика и нова драма“, изјави за БИРН, Ѓорѓе Вукадиновиќ, политички аналитичар.

Шешељ се врати во Белград на 12-ти ноември, заради лекување, бидејќи боледува од рак, откако помина повеќе од 11 години во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, МКТЈ. Нему во Хаг му се суди за воени злосторства извршени во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Србија.

Шешељ се наоѓаше во притвор во Холандија од 2003 година, кога доброволно му се предаде на Хашкиот трибунал. Изрекувањето на пресудата беше закажано во октомври минатата година, но потоа беше одложено, откако еден од судиите беше изземен поради наводна пристрасност.

Се очекува, новоназначениот судија, барем до крајот на јуни следната година, да се запознае со деталите на случајот. Ова предизвика уште едно одложување на маратонското судење.

Додека Шешељ се наоѓаше во Хаг, неговата партија ослабе. Првиот удар беше зададен во 2008 година, кога група пратеници, под водство на Николиќ, заминаа и ја формираа поумерената и проевропски настроената, Српска напредна партија.

Поранешниот заменик претседател на радикалите, во следните години се откажа од довчерашната политика, што доведе до несогласувања со Шешељ, особено кога во прашање беа односите меѓу Србија и ЕУ.

Со текот на годините, партијата беше соочена со постојано губење на поддршката, па така, на општите избори во 2012 година, радикалите не успеаја да го поминат прагот за влез во парламентот.

Дестабилизирачка сила

Откако Напредната партија победи на претседателските и парламентарни избори во 2012 година, и радикалите и многу други опозициски партии, ги зафати криза и период на внатрешна борба.

Борис Тадиќ, поранешен претседател на Србија и лидер на Демократската партија, во 2014 година ја напушти партијата и формира нова, наречена Социјалдемократската партија.

Неодамнешните истражувања укажуваат на тоа дека Напредната партија продолжува да се консолидира како главна партија во земјата.

Според анкетите, околу 47 отсто од гласачите и даваат поддршка на Напредната партија, многу повеќе отколку што има која било друга.

Нивниот коалициски партнер, Социјалистичката партија, е веднаш зад нив, со околу 13 отсто поддршка од гласачкото тело.

Само 6,5 отсто од гласачите ги поддржуваат некогаш моќните демократи, со многу мала предност пред новата партија на Тадиќ, која ја има поддршката од околу 5,9 отсто од гласачите.

Сите други партии во Србија имаат помалку од 5 проценти од гласовите на електоратот и тие не можат да очекуваат да го поминат изборниот праг.

Аналитичарите веруваат дека иако е малку веројатно дека Шешељ може да ја исполни својата цел да го симне од власт претседателот Николиќ, тој сепак може да го разниша политичкиот естаблишмент.

„Тој може да го направи режимот нервозен. Тој не може да направи ништо што би влијаело на замена на сегашните позиции на радикалите и прогресивците, но тој може да го дестабилизира Вучиќ и оние гласачи на Напредната партија, кои не се задоволни со она што е направено“, вели Вукадиновиќ.

Ѓорѓе Вуковиќ, аналитичар од Центарот за слободни избори и демократија, ЦЕСИД, изјави дека следните избори се премногу далеку за да може Шешељ да наметне конкретни промени, но оти тоа не го прави ирелевантен фактор.

„Изборите се далеку и времето не работи за него, но тој е сериозен политички противник“, вели Вуковиќ.

Невен Цветиќанин, од Институтот за општествени науки, вели дека Шешељ, најверојатно, ќе ги натера другите партии или да ги променат своите ставови за одредени прашања или да ги разјаснат.

„Шешељ може да донесе нешто многу интересно, а тоа е враќање на идеолошкиот импулс во српската политика“, рече Цветиќанин.

Тој смета дека другите партии ќе бидат принудени да артикулираат поконкретни идеологии и политики, наместо да се потпираат на нејасни ветувања за подобар живот.

„Враќањето на Шешељ ќе предизвика процес на диференцијација меѓу страните. Тој е како бомба, и партиите ќе треба да му одговорат со многу посилни аргументи од празните ветувања за реформи“, додаде тој. „Сега ќе видиме кој на каква позиција се наоѓа“, нагласува тој.

„Ќе биде тешко да се одржат недефинираните политики, бидејќи за да му се одговори на Шешељ, партиите ќе мора да имаат јасни ставови за различни прашања. Или тоа, или тој, малку по малку, ќе го освои политичкиот простор“, заклучува Цветиќанин.

Текстот е објавен на страницата на Балканска транзициска правда.