Репортажи

Временска капсула: Одблизу со загинатите француски војници во Битола

Музеј во Битола ги раскажува судбините на војниците „паднати“ на „Солунскиот фронт“ во Првата светска војна

Кога ќе се „спушти правта“ по големите војни, познатите водачи и генерали обично се во центарот на вниманието во историските читанки. Војниците и цивилните жртви често остануваат незнајни, претставени само преку бројки на загинати или на повредени.

Но, тоа не е така во малиот меморијален музеј на француските воени гробишта од Првата светска војна во Битола. Таму, одамна починатите обични војници, кои дошле од целиот свет, се во фокусот. Тие самите ги „раскажуваат“ своите приказни.

Преку текстови и слики, кои ги прикажуваат нивните животи, но и страдањето на цивилното население, посетителите можат да ја доловат тежината на битките што се воделе пред повеќе од еден век.

Битола, во тоа време позната по османлискиот назив Манастар, била важен дел на македонскиот или Солунски фронт. Поради тоа што битките кои се воделе таму имале пресудно значење, некои го нарекуваат овој град и „Верден на Балканот“, споредувајќи го со гратчето Верден во Франција, познато по најдолготрајната битка во Првата светска војна меѓу француската и германската војска.

„Верден на Балканот“

Француските гробишта во Битола | Фото: БИРН

Француските гробишта во Битола | Фото: БИРН

Пространите гробишта се наоѓаат приближно на половина пат од периферијата на Битола кон селото Долно Оризари.

Кога пристигнавме таму едно попладне, немаше други посетители. Друштво ни правеше само нашата домаќинка, почесниот француски конзул во Битола, Калиопа Стилиновиќ и чуварот на локалитетот.

Пред нас се протегаат долги редови со метални надгробни споменици. Некои во облик на крст, а други со прикачена полумесечина. На сите има метална плоча на која пишува: „Умре за Франција.“

Таму се закопани речиси 14.000 војници. Не биле сите Французи. Многумина биле мобилизирани од колониите на огромната француска империја.

„Многу од нив дошле од Тунис, Алжир… Имало и војници од Мадагаскар и два виетнамски баталјони – војници од Индокинескиот Полуостров“, објаснува Стилиновиќ.

Македонскиот или Солунскиот фронт – или едноставно Балканскиот фронт – почнал да се формира кон крајот на 1915 година, како резултат на обидот на силите на Антантата, составени од Франција и Британија плус Русија, да ѝ помогнат на нивниот сојузник Србија, која била прегазена од здружените централни сили – Германија, Австроунгарија и Бугарија.

Мапа на македонскиот или „Солунскиот фронт“ во музејот | Фото: БИРН

Мапа на македонскиот или „Солунскиот фронт“ во музејот | Фото: БИРН

Но, обидот да ѝ се помогне на Србија дошол предоцна. Сè што можеле првично да направат француските и британските сили било да останат околу Солун, во тогашната неутрална Грција, и да чекаат засилување.

Во текот на 1916 година, овие војници, борејќи се рамо до рамо со прогонетата српска војска, успеале да напредуваат и да воспостават фронт што се протегал од јадранскиот брег во Албанија до реката Струма во Бугарија. Поголемиот дел од фронтот, всушност, минувал низ денешната граница меѓу Грција и Македонија.

Таа година, Французите и Британците ја презеле Битола назад од Бугарите.

Иако бугарските сили, заедно со германски и австроунгарски трупи, го напаѓале градот од околните планини (сцена како во тешката битка кај Верден), бранителите успеале да издржат две години.

Тоа бил долг, тежок конфликт, со многу жртви, глад и болести што ги погодиле и двете страни, како и цивилното население.

Личните приказни на мртвите

Рене Харел и Леон Гаудин - борци на „Армијата на Ориентот“. Фото: БИРН

Рене Харел и Леон Гаудин – борци на „Армијата на Ориентот“. Фото: БИРН

Време е да се „сретнеме“ со некои од борците на „Армијата на Ориентот“, името по кое била позната оваа мултинационална војска во Франција.

За да го направиме тоа, влегуваме во малиот меморијален музеј, изграден пред неколку години по повод стогодишнината од „Големата војна“ (1914-1918).

Музејот има едноставна бетонска фасада. Внатре има само фоаје полно со фотографии и една главна изложбена просторија. Сѐ на сѐ, не е многу.

„Сакавме да биде вака, да личи на бункер“, вели Стилиновиќ.

Но, малиот музеј е на висина на својата задача – да ги врати посетителите назад во времето, како некој вид временска капсула, каде што можат да се запознаат со одамна починатите борци од војната и да ги прочитаат нивните мисли и приказни.

Во главната соба се изложени исечоци од фотографии во природна големина на повеќе од десет војници. Изложени се и дел од нивните лични предмети, кои подоцна биле донирани од семејствата.

Војниците се фотографирани во униформа. Опкружувајќи ги посетителите, сцената делува како да сте се затекнале на некој древен совет на старешини. Но, кога ќе се погледне поблиску, повеќето од униформираните ликови ја откриваат својата младост и неопитност.

До некои од војниците има имиња и кратки биографии. Како онаа на Рене Харел, роден во Сена-Поморски, во 1896 година.

Фотографија на неименуван српски војник | Фото: БИРН

Фотографија на неименуван српски војник | Фото: БИРН

Потомок на Мари Харел, жената што го измислила сирењето „камембер“, кое денес е симбол на Франција. Рене бил мобилизиран во 1915 година и пристигнал на фронтот пролетта 1917 година. На 25 август истата година, на само 21 година, бил убиен во неговиот ров од артилериска граната.

„Остатоците од неговото тело се во гробницата бр. 4.397“, пишува во текстот за него.

Веднаш до Рене, војникот Леон Гаудин изгледа како малку позрела личност. Во неговата биографија се вели дека бил земјоделец и доброволец во француската армија, кој пристигнал на фронтот во 1917 година.

„Сама меѓу влакнестите“

Во 2018 година, на стогодишнината од Првата светска војна, Лоренс Оер, поранешната француска амбасадорка во Македонија, открила нешто изненадувачко. Сосема случајно, таа ја пронашла првата и единствена жена закопана помеѓу илјадниците мажи. Гробот ѝ припаѓа на медицинска сестра Марта де Гутиер.

Mедицинската сестра починала од болест на 3 јули 1918 година во Албанија, на околу сто километри од Битола.

Државната телевизија на Франција, Франс 24, направила прилог за оваа жена, нарекувајќи ја „Сама меѓу влакнестите“.

„Влакнестите“ е благонаклон термин што се користел и се користи за припадниците на француската пешадија од Првата светска војна.

Се борел во рововите кај Битола и учествувал во подоцнежниот пробив. Демобилизиран бил во 1919 година, тој ја преживеал војната и се вратил во Саит Жермен-де-Шан. Како и Рене, и тој бил одликуван за храброст.

До Леон стои неименуван српски војник, во чест на илјадниците Срби што се бореле заедно со Французите.

Неименувани се и алжирските, малгашките (од Мадагаскар, Африка) и индокинеските војници прикажани во собата. Идентификувани се само половина од околу 7.000 војници закопани на гробиштата.

„Идентификацијата на војниците што дошле од колониите е особено тешка“, објаснува Стилиновиќ, бидејќи, како што ни вели таа, повеќето од нив биле мобилизирани набрзина и биле познати само по нивните прекари.

„Повеќето од нив веројатно никогаш порано не слушнале за Битола. Но, сепак, тука ја дочекале нивната судбина“, вели таа.

Недостигот од податоци за сите војници, музејот успешно го компензира вперувајќи го вниманието кон некои од нивните секојдневни мисли, позајмени од дневиците или писмата што ги пишувале.

„И покрај сиот интерес што го имам за Ориентот, францускиот фронт, особено оттука, ми се чини бескрајно подобар“, гласи еден натпис на ѕидот.

Франција мобилизирала 43.000 виетнамски војници и некои од нив загинаа на Македонскиот фронт | Фото: БИРН

Франција мобилизирала 43.000 виетнамски војници и некои од нив загинаа на Македонскиот фронт | Фото: БИРН

Друг натпис, пак, открива доза цинизам: „Ќе одам ‘до крај’ како што велат нашите стари добри лидери од нивните удобни фотељи во Бурбонската палата“, се вели во пораката. Се мисли на местото каде што се состанува долниот дом на францускиот парламент.

Во друга забелешка пишува дека дента на фронтот било тивко и оти би било идеално време за молитва, „уште само да имаше свештеник“.

Стилиновиќ ja цитира безвременската максима на познатиот француски поет и филозоф Пол Валери, кој ја опишува војната како „масакр меѓу луѓето што не се познаваат меѓу себе за профит на луѓето што се познаваат, но не се масакрираат“.

Таа ни вели дека токму оваа мисла ги инспирирала да се фокусираат на човечките приказни за војната.

Ефектите на војната врз цивилите

Фотографија од 1916 година на една битолска мајка | Фото: БИРН

Фотографија од 1916 година на една битолска мајка | Фото: БИРН

Музејот содржи и збирка фотографии направени за време и по војната, кои го прикажуваат секојдневниот живот на војниците и на локалното население.

Запуштениот „град на мртвите“

Близу до француските гробишта, на другата страна од Битола, се наоѓаат германските. Тие се наречени Тотенберг, што на германски значи „град на мртвите. „Градот“ има остатоци од околу 3.000 војници.

Гробовите немаат јасни ознаки, местото не е добро одржувано и не е лесно достапно за посетителите. Делува како пропуштена шанса да се раскаже повеќе и за војниците што се бореле на другата страна.

Битола и пелагонискиот регион, како и цела Македонија, имаат многу гробишта од Првата светска војна. Српските се наоѓаат близу до уште еден влез во градот, додека бугарските се подалеку. Скопје има и британски и помали француски гробишта.

Направени од битолските браќа Манаки, пионери на балканската фотографија и кинематографија, овие фотографии се богатство само за себе.

Меѓу сликите, на кои главно се прикажани мажи во храбри пози, насмеани или качени на коњи, една се издвојува: мајка од Битола со измачено лице, опкружена со нејзините изгладенти деца облечени во парталава облека.

Фотографијата направена за време на војната во 1916 година зборива многу за човечкото страдање.

Битката кај Битола на сојузниците им го обезбедила пробивот во конфликтот што очајно им недостигал претходно во Галиполе, Турција. Засилени од армијата на Грција, која доцна влегла во војната, во септември 1918 година кај Доброполе близу Битола, тие конечно успеале да го пробијат фронтот.

Тоа била пресвртница. Бугарија набргу капитулирала, Србија била ослободена, а сојузниците бргу напредувале на север кон Унгарија.

Германските гробишта ги чуваат посмртните останки на околу 3.000 војници | Фото: БИРН